Истражувањa

Босна не успеа да обезбеди дом за раселените лица

Недоволното внимание на Босна кон раселените лица од војната ја наговести најновата хуманитарна криза

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На Велигден во 2010 година, Анџелина Џоли дошла во источниот босански град Рогатица и направила чудо. Холивудската ѕвезда била на турнеја низ земјата, во нејзината улога како амбасадор на Агенцијата за бегалци при ООН (УНХЦР). Во импровизирано засолниште во поранешна училишна зграда, таа се запознала со Лена Бабиќ, постара жена, која 18 години претходно го загубила својот дом за време на војната во Босна. Жените комуницирале преку толкувач, Анџелина зборувала за своите деца, а Лена за тоа колку долго чекала да добие нов дом.

„Не сфатив дека е позната актерка“, вели Лена, потсетувајќи се на средбата. „Се чувствував како да ја познавам со години“. Тие пиеле кафе и јаделе колачи и бидејќи било Велигден, се кршеле со варени, рачно насликани јајца, како дел од православната традиција преку која се слави чудото на Христовото воскресение.

Наскоро, по средбата на Лена со Анџелина имало дополнителна причина за славење. Медиумската покриеност на нивната средба ги истакнала лошите услови во засолништето и следувале понуди за странска помош. За две години, Лена и нејзините соседи биле сместени во нова зграда изградена за таа намена, достигнување што во повоена Босна претставувало чудо.

Околу 8000 луѓе кои ги загубиле своите домови во војната во Босна сè уште чекаат чудo. Тие поминале 25 години во бедни услови во таканаречените „колективни центри“ – воени засолништа кои требало да бидат привремен дом, но кои заради немање други алтернативи, станале постојано живеалиште. Пред шест години, европските влади ветиле заем од 60 милиони евра за нивно сместување во нови домови, но не бил изграден речиси ниту еден нов дом.

Минатата година, политичкиот систем одговорен за овој долгорочен неуспех доведе до хуманитарна криза – овој пат заради неможностa да се обезбеди сместување за мигрантите и бегалците заглавени во босанската зима на патот кон западна Европа. За кризата не била виновна само Босна, туку пред сѐ граничните политики на Европската унија, спроведувани од соседна Хрватска.

Сепак, одговорот на Босна ја влошил и така лошата состојба. Како и со колективните центри, обезбедувањето засолниште и странска помош било попречено од комплексниот политички систем, кој доведува до занемарување на обврските и го замаглува прашањето за одговорност. Во екот на кризата оваа зима, илјадници бегалци и мигранти биле сместени во кампот  Вучјак, во северо-западна Босна, во кој се ширеле болести, додека локалните лидери се расправале околу нивното преместување.

Политичкиот систем во Босна е моделиран според Дејтонскиот договор склучен со посредство на САД, кој е заслужен за ставање крај на конфликтот. Но, нефункционирањето на системот, што дојде до израз во случајот Вучјак, не е резултат само на договорот.

„Целта на Дејтонскиот договор беше да се запре војната, а не да се воспостави функционална држава“, вели Џеси Бартон-Хронесова, истражувач и експерт за Балканот во Одделот за меѓународен развој при Универзитетот во Оксфорд. „Босна можеше да биде функционална држава ако имаше политичка волја и доколку клучните политичари решеа да ја направат државата функционална “.

Од камповите на грчките острови до ѕидот долж унгарската граница, начинот на кој одделни држави одговориле на бранот со емигранти и бегалци зборуваат многу за нив и за Европската унија. Во Босна, европската миграциска криза се соочи со нефункционалниот систем во државата. Третманот на земјата кон илјадниците странски државјани во потрага по дом на друго место беше наговестен од начинот на кој таа постапила со илјадниците сопствени граѓани, кои чекале дом 25 години.

Нова генерација расте во колективните центри како овој во Михатовиќи. Фотографија: Милена Митровиќ

Изгубивме скапоцено време.’

Најновиот обид за повторно сместување на жителите од колективните центри започнал во 2013 година, преку Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), тело со седиште во Париз, кое првично било основано за сместување на бегалците по Втората светска војна. Проектот на банката за Босна, наречен ЦЕБ II, предвидувал да се потрошат 104 милиони евра за нови социјални станови, со што би се замениле 121 од вкупно 158 колективни центри што сè уште се користеле. Повеќе од половина од овие средства, или 60 милиони евра, биле собрани од земјите-членки на ЦЕБ, претежно земји од Европската унија, и понудени преку банката како заем без камата. Остатокот требало да го обезбедат локалните власти во Босна.

Сепак, проектот заостанува најмалку пет години зад предвиденото. Оригиналниот датум на завршување во 2017 година бил ревидиран и новиот рок е до 2022 година. Досега се затворени само осум од 121 колективен центар. Менаџерот на ЦЕБ за Босна, Карин Леп, изјавила за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) дека банката не била одговорна за спроведување на проектот. „Босанските власти се одговорни за искористување на средствата од заемот“, вели таа. „Немаме никаков механизам да извршиме притисок врз државата“.

Што и да произлезе од проектот, ќе биде предоцна за Гроздан Цвијановиќ. Поранешниот војник починал минатиот февруари, на 59-годишна возраст. Последните месеци од својот живот ги поминал сам, врзан за кревет и во пелени, во дрвена барака на периферијата од Зворник, град во источна Босна. Бараката е дел од комплексот што бил изграден за сместување на работниците во блиската фабрика за алуминиум. Изграден во времето на Југославија, комплексот уште за време на војната служел како колективен центар за домување.

Соседите на Гроздан за БИРН изјавиле дека неговото влошено ментално и физичко здравје, дополнително се влошило по смртта на неговата мајка. Кога останал врзан за кревет, неговото живеалиште било преплавено од стаорци, привлечени од остатоците од неговите оброци. Кон крајот на својот живот, Гроздан зависел од своите соседи да го заштитат од штетниците. Милан Петровиќ, кој живее во една од соседните бараки, опишува како видел стаорец што скокнал од креветот на Гроздан и истрчал во друга просторија. „На враќање, стаорецот се обиде да ме помине“, изјавил тој за БИРН. „Реков, ох не, нема денес да го сториш тоа, и го убив на лице место“.

Зошто луѓето живеат и умираат во засолништа полни со стаорци од времето на војната, цели 25 години по нејзиното завршување? Потрагата по одговори минува низ комплицираниот политички систем изграден врз основа на Дејтонскиот договор. Системот ја испочитувал најважната цел на договорот: овозможување на трите страни кои учествувале во конфликтот, во кој немало победник, да имаат удел во креирањето мир. Тоа било сторено, така што Босна била поделена на два ентитета со приближно еднаква големина – Република Српска, во која мнозинство се Србите и Федерацијата на Босна и Херцеговина, составена главно од Бошњаци и Хрвати. Овие ентитети формираат средно ниво на администрација помеѓу централната власт и локалната самоуправа. За дополнително да се комплицираат работите, Федерацијата има две нивоа на локална самоуправа – кантони и општини – додека Република Српска има само едно ниво – општините.

Многу должности на државата, како што се обезбедување на домување и образование, биле распределени на сите овие нивоа како начин за усогласување на барањата за поголема автономија, но и заедничка власт. Во пракса, сепак, ова довело до удвојување и нефункционалност. Задачите на државата биле запоставени и нејзините ресурси се трошеле без да се знае кој е всушност одговорен за тоа.

„Нештата се губат меѓу пукнатините, меѓу различните слоеви на власта“, вели за БИРН Борис Дивјак, основач на босанската подружница на меѓународното тело за борба против корупцијата „Транспаренси Интернешнл“. „И така, на крајот сите меѓусебно се обвинуваат за нефункционирањето или недоволната транспарентност“.

Карин Леп, од ЦЕБ вели дека локалните власти во Босна имаат најголема одговорност за затворање на колективните центри. Потоа следува одговорноста на ниво на ентитет, додека централната власт имала „ограничено овластување“ во спроведувањето на ЦЕБ II.

Во Зворник, градоначалникот на градот, Зоран Стевановиќ, признал дека општината била одговорна за затворање на колективниот центар покрај фабриката за алуминиум. Тој вели дека локалните власти првично не го третирале центарот како приоритет, бидејќи биле преплавени од барања за сместување на раселените лица по војната. Дури во 2011 година тие аплицирале да купат нови станови за жителите на центарот – но, додава Стевановиќ, на официјалните лица на ниво на ентитет во Република Српска им биле потребни четири години да ја разгледаат и да ја отфрлат апликацијата. „Сакавме да го решиме прашањето што е можно поскоро, но изгубивме скапоцено време“, изјавил тој за БИРН.

Администрацијата на Република Српска не коментирала за конкретниот случај со колективниот центар покрај фабриката за алуминиум. Сепак, Драган Штрбац, највисок претставник на ентитетот одговорен за сместување на раселените лица, вели дека „воопшто немало проблем“ со спроведувањето на ЦЕБ II во Зворник. Тој, исто така, инсистирал на тоа дека проектот се одвивал без никаков застој на територијата на целиот ентитет. „Сè се одвива според првичниот распоред“, изјавил тој за БИРН.

Официјалното лице од централната власт надлежно за спроведување на ЦЕБ II, босанската министерка за човекови права и бегалци, Семиха Боровац, не одговорила на барањата на БИРН за интервју. Наместо тоа, од министерството испратиле електронска порака во која се вели дека проектот доцнел заради неговата „сложеност“ и заради „општините кои ги менуваат своите барања“ за помош.

Субвенција за корупција

Војната во Босна принудила околу 2,2 милиони луѓе – или повеќе од половина од населението на земјата – да ги напуштат своите домови. Кога конфликтот завршил во 1995 година, УНХЦР проценил дека во колективните центри низ целата земја засолниште нашле околу 50.000 луѓе. Осумте илјади што и ден денес се таму, на 158 различни локации, се оние што немале каде да одат. Тие се претежно сиромашни, стари и немоќни лица, а во некои случаи и млади луѓе кои биле израснати од нив. Тие немаат пријатели во политиката и, за разлика од ветераните од конфликтот, тие немаат своја група за лобирање. Нивната земја не успеала да им го обезбеди потребното.

„Секое прашање во Босна сега е политизирано, а и ова е прашање на политички приоритети“, вели д-р Бартон-Хронесова, од Одделот за меѓународен развој на Универзитетот во Оксфорд. „Меѓутоа, гласовите на овие 8000 луѓе нема да го променат исходот на изборите. Затоа, да бидеме искрени – никој не се грижи за нив“.

Босна не успеала на многу фронтови. Не функционира како унитарна држава затоа што во нејзиниот политички систем се зачувани поделбите од времето на војната. По изборите во 2018 година, земјата поминала повеќе од една година во административна парализа додека нејзините лидери се расправале околу идната влада. Во меѓувреме, нејзините најспособни граѓани се иселуваат во странство, бегајќи од стапката на невработеност кај младите, која е една од највисоките во светот. Економијата, оптоварена од корупцијата, се одржува во живот со помош на дознаки од странство и заеми.

Во колективниот центар во селото Михатовиќи во Федерацијата на Босна и Херцеговина, младите семејства се загрижени во врска со одгледувањето на новите генерации во мизерија и широка распространетост на дрога. Со околу 500 жители, тоа е најголемиот центар во Босна. Меѓу неговите жители има многу членови на сиромашната ромска заедница, сместени во бунгалови што се распаѓаат, со излупени фасади, покриени со трева и мувла.

„Беше тешко додека растевме тука“, вели Аднан Мекиќ, 25-годишен жител на центарот, укажувајќи на проблемот со дрогата. Тој смета дека неговиот татко, постар човек со патерици, е заслужен за тоа што тој и неговите сестри не западнале во „неволја“. Сега и самиот млад татко, Аднан рутински патува во Германија за да работи како заварувач.

Босна е должна да им обезбеди нови домови на жителите на колективниот центар како дел од својата заложба за спроведување на Дејтонскиот договор, со кој се гарантира правото на раселените лица да се вратат во своите домови. Сепак, неисполнувањето на оваа обврска не може да се припише само на политичкиот систем моделиран според тој договор. Тоа е, исто така, вина на многу генерации босански политичари.

Сенад Братиќ, поранешен претседател на владиниот комитет на Република Српска, одговорен за правата на бегалците, вели дека ЦЕБ II не бил спроведен затоа што немало политичката волја. „Средствата се тука, договорите се потпишани, тендерите се објавени“, вели тој за БИРН. „Но, луѓето исто така треба да имаат желба да ја завршат работата“.

Корупцијата, исто така, имала улога во неуспехот да се затворат колективните центри, иако не во очигледна смисла: нема докази дека странските фондови наменети за проектот биле потрошени за друга цел. Сепак, Борис Дивјак од „Транспаренси Интернешнл“ изјавил дека потребата на Босна за странско финансирање е само симптом на ендемичното погрешно трошење средства на друго место во системот.

„Парите што доаѓаат од меѓународните тела служат како субвенција за корупција“, вели Дивјак. „Ако немаше корупција во Босна, ако таа беше транспарентна држава, парите од даночните приходи и дознаките од странство ќе беа доволни за да ја одржуваат во живот“. Ова важи за секој сектор, вели тој, вклучително и домувањето. „Имаше доволно пари до сега за затворање на колективните центри, на локално и на национално ниво“, вели тој.

Како што покажа Анџелина Џоли, заменувањето на колективните центри не треба да биде особено скапа задача. Новиот дом на Лена во Рогатица бил изграден во рок од две години откако американската влада дала 500.000 американски долари (453.000 евра) за тоа. Непосредната посета на холивудската ѕвезда, со која било остварено она што босанските власти не можеле да го испорачаат со децении, било сведоштво не толку за моќта на славата, колку за тромоста на повоената држава.

 

Многу жители на колективните центри се откажале од надежта дека ќе добијат нов дом. Фотографија: Милена Митровиќ

Дожд и шуга во Вучјак

 Во текот на изминатата година, десетици илјади луѓе повторно се раселувале на територијата на Босна. Тие ги оставиле зад себе војната и сиромаштијата во земји како Авганистан, Пакистан, Сирија и Ирак, во потрага по подобар живот во Европската унија. Нивната најдобра рута била преку хрватската граница, но многумина што се обиделе да ја преминат биле заробени од хрватската полиција и присилно вратени во Босна. Оваа сурова тактика, позната како „враќање назад“, неодамна ја довела Босна до работ на првата хуманитарна криза по војната.

Од 50.000 бегалци и мигранти, за кои се проценува дека влегле во Босна минатата година, околу 8000 сѐ уште се таму како резултат на враќањето назад. Многумина останале да спијат надвор по планините близу границата или во преполниот, нехигиенски камп во Вучјак, во близина на северозападниот град Бихаќ.

Кампот бил изграден минатото лето од властите во Бихаќ на местото на некогашната депонија што е опкружена со мински полиња, без пристап до вода за пиење или електрична енергија. Бидејќи есента донела дожд и ниски температури, агенциите за помош предупредиле дека локацијата станала премногу опасна за нивниот персонал, како и за бегалците и мигрантите кои зависеле од нив. Во еден момент во октомври, во Вучјак биле сместени околу 2.500 луѓе – трипати повеќе од неговиот капацитет. Исто така, се заканувала епидемија на шуга.

Голем број меѓународни агенции за хуманитарни и човекови права – од Црвениот крст до „Амнести Интернешнл“ – ги повикале локалните власти да го затворат местото и да ги преселат неговите жители, додека Европската унија ветила средства за алтернативен камп. Сепак, локалните заедници се спротивставиле на сите обиди да се најде алтернативно домување и не биле подготвени да најдат сместување за бегалците и мигрантите. И така, кампот останал отворен со месеци, додека зимските услови се влошувале, а предупредувањата продолжувале.

Во интервју за БИРН од минатиот ноември, градоначалникот на Бихаќ, Сухрет Фазлиќ, ги критикувал политичарите од областа кои ги блокирале обидите за преместување на кампот. Тој, исто така, ги критикувал босанските државни власти за делегирање на задачата за справување со мигрантите и бегалците на општините, како што е неговата, што се наоѓа во близина на границата со Хрватска. Државата, рекол тој за БИРН, требала да ги регистрира мигрантите, да ги смести и да ги процесира нивните апликации. Но, наместо тоа, рече тој, таа само „ги испратила во Бихаќ“.

Вучјак конечно бил затворен на почетокот од декември, кога една институција во главниот град Сараево се согласила да ги преземе жителите.

Без оптимизам

Луѓето во колективните центри не се во очајна ситуација, како бегалците и мигрантите. Нивните живеалишта, колку и да се несоодветни, се потопли од шаторите во Вучјак. Тие главно имаат пристап до проточна вода и електрична енергија и веќе не се селат. Но, приказната за Вучјак го илустрира она што жителите на колективните центри одамна го знаат – не се потребни само средства за да се обезбеди дом во Босна; политичкиот систем исто така мора да биде на ваша страна.

„Тие нѐ чуваат тука како добиток“, вели Јасмин Ризмановиќ, жител на колективниот центар во сараевското предградие Храсница, во Федерацијата на Босна и Херцеговина. „Беа испратени тони странска помош да ни се помогне, но не видовме никаква корист од тоа“.

Семејството на Јасмин избегало од истокот на Босна, претежно населен со Срби, кога тој имал 12 години. Сега тој е во триесеттите години и самиот ги расне своите деца во трошна, мувлосана зграда, во која живеат околу 50 луѓе. Неговата снаа, Амина Ризмановиќ, вели дека честопати наоѓаат лебарки како ползат по членовите на семејството додека тие спијат.

Борислав Бојиќ, поранешен претседател на државната комисија за човекови права во Босна, вели дека времето за решавање на проблемот истекува. „Повеќето луѓе во колективните центри се постари лица, нема да живеат 150 години“, вели тој за БИРН. „Овој проблем треба да се реши веднаш, но не сум оптимист“.

Лена Бабиќ и нејзините соседи во Рогатица сметаат дека се среќни. Тие порано го делеле тоалетот во колективниот центар во старата училишна зграда. Во нивниот нов дом, наречен Вила Анџелина, по нејзиниот добротвор, становите имале тоалети, фрижидери и машини за перење.

„Многу одамна ќе скапевме да не беше Анџелина“, вели Перса Радовиќ, првата сосетка  на Лена, која е исто така во своите осумдесетти години. Двете жени се среќаваат секое утро за да пијат кафе, што е нивниот втор заеднички дневен ритуал. Денот го започнуваат со нивниот прв ритуал: со тупаница удираат по ѕидот што ги дели нивните два стана и чекаат одговор. „Кога ќе го слушнам повратниот одговор“, вели Перса, „Си мислам, добро е, Лена е сè уште жива!“