Регион

БиХ: Планирани се нови домови за раселените лица

Официјалните лица на Босна и Херцеговина, се состанаа за да разговараат за решавање на станбеното прашање на околу 7.200 лица, кои во војната во 90-тите години, ги загубиле своите домови и кои сѐ уште живеат во колективни центри.

Емза Фазлиќ, Бања Лука

Сенад Братиќ на конференцијата. Фото: Анадолија.

Босанските власти, на дводневна конференција во Неум, разговараа за можностите за вдомување за 7.200 лица, кои и денес, иако поминаа повеќе од две децении од крајот на војната, живеат во 121 колективен центар ширум оваа држава.

Сенад Братиќ, претседателот на Комисијата за заштита на бегалците, раселените лица и повратниците на Народното собрание на Република Српска, која е организатор на средбата, изјави дека е планирано, ова прашање да се реши во следните три години.

Намерата е да се изградат 2.611 социјални станови, во кои ќе бидат сместени жителите на колективните центри.

Братиќ за БИРН посочи дека прашањето за вдомување сега е на колективната волја на сите нивоа на власт.

„Политиката беше премногу вмешана во ова прашање. Сега, за прв пат, постои волја тоа да се реши. Решивме, овој пат, да ја ставиме политиката настрана и да им овозможиме на овие луѓе да живеат пристоен живот“, објасни тој.

„Сега сите нивоа на власт, кои сакаат да соработуваат и да го решат овој проблем, се собраа заедно, атмосферата е навистина добра и одиме во таа насока”, рече тој.

Развојната банка на Советот на Европа понуди кредит од над 61 милион евра, за конечно затворање на колективните центри, додаде Братиќ.

Сепак, тој предупреди дека многу луѓе кои живеат во колективни центри се стари, сиромашни и со влошено здравје и оти им треба поширока помош, не само сместување.

„Тие, исто така, имаат потреба од помош во кофинансирање на нивните основни животни потреби”, рече тој.

Марина Бареиро, шеф на Одделението за човекови права при Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, изјави дека “е важно тоа што претставниците на владите на државно, ентитетско и на локално ниво, заеднички договориле активности кои се однесуваат на затворањето на колективните центри во БиХ”.

„Се надеваме дека денешните заклучоци ќе бидат усвоени во сите надлежни парламенти, и дека повратниците и раселените лица ќе можат да остварат соодветен пристап до станбеното згрижување, медицинските услуги и здравственото осигурување, без дискриминација”, додаде Бареиро.

Објавено и на Балканска транзициска правда