Од Обвинителството реагираат дека тие постапуваат во согласност со Националната стратегија за работа на предметите на воени злосторства и дека смртта на осомничените е нешто што е надвор од нивна контрола.
„Правдата доаѓа предоцна“
Предмет затворени поради смрт на обвинетиот
Следните осомничени починаа во претходните пет години, пред да им биде изречена правосилната пресуда. Тие се наведени со местото во кое, наводно, го сториле злосторството.
Милан Богдановиќ: Зворник
Јован Поповиќ: Вишеград
Изет Арифовиќ: Сребреница и Братунац
Мирко Рагуж, Ивица Марковиќ: Столац
Цвјетко Попадиќ, Радивоје Ѓорѓиќ: Локањ
Винко Кондиќ, Миќо Праштало: Кључ
Драгомир Тинтор, Здравко Антониќ: Приедор
Гвозден Лукиќ: Власеница и Милиќи
Неџад Ќориќ: Мостар
Остоја Балабан: Босански Нови
Владо Стјепановиќ: Биелина
Драган Лубарда: Рогатица
Фахрудин Хаџиосманагиќ Таџиќ: Босанска Крупа
Александар Петровиќ: Котор-Варош
Фахрудин Алиќ: Сараево
Новак Митровиќ: Завидовиќи
Последниот што почина од обвинетите, беше Милан Богдановиќ, кој со првостепената пресуда, донесена во март 2019 година, беше ослободен. Поради неговата смрт, жалбата на неговата ослободителна пресуда, е невозможна.
Богдановиќ беше обвинет дека како поранешен командир на шестата посебна полициска единица на станицата за јавна безбедност во Зворник, бил одговорен за апсење на мажи, Бошњаци, по падот на Сребреница, во јули 1995 година и нивно водење на различни локации, на кои биле злоставувани и убивани.
Од здруженијата на жртви велат дека се свесни оти не може да се влијае на биолошкиот часовник, но посочуваат дека со случаите на воени злосторства, требало да се започне порано.
Златко Пркиќ, од хрватското здружение на логорски затвореници oд градот Вареш, вели дека многумина нема да ја дочекаат пресудата.
„Треба да се бара правда, но тоа не беше сторено во моментот кога злосторникот требаше да одговара за своето злосторство“, нагласи Пркиќ.
Многу представици на здруженијата на жртви, исто така, велат дека политичарите се обидуваат да го опструираат и забават процесот, наводно вршeјќи притисок врз Обвинителството на БиХ.
Пркиќ посочува дека здруженијата подготвувале материјали за истражните органи и се консултирале со врвни експерти, кои им рекле дека имаат доволно докази да се подигнат обвиненија, но дека тоа не било сторено ниту по 15-20 години, бидејќи не се мисли на жртвите и на она што им се случувало.
Винко Лале, од Здружението на логорски затвореници од регионот Бирач, вели дека проблемот е кога се покренуваат обвиненија против лица кои имаат сериозни здравствени проблеми.
„Ако се гледа од хуман аспект, страшно е на луѓе во таква состојба да им се наметнува обвинение, кога боледуваат од тешки болести. Од друга страна, проблемот е и кога ќе се покрене обвинение 25 години по војната, тоа е апсурдно“, вели Леле.
Бакира Хасечиќ, претседател на здружението „Жени- жртви на војната“, смета дека „за некои случаи, се чека да се добие на време, за тие да останат неказнети“.
„Очигледно, се чека да умрат жртвите, сведоците и воените злосторници“, додаде Хасечиќ.
„Времето минува, луѓето забораваат“
Вехид Шехиќ, аналитичар од Форумот на граѓани Тузла, вели дека генерално, по војната, не било работено на тоа да се процесираат сите осомничени за воени злосторства. Тој додаде дека во тој период немало политичка волја, дека овие лица секогаш биле некаков вид на национални херои и дека имало голем отпор од јавноста.
„Колку повеќе време минува, толку е помала можноста да ги процесираме луѓето и да ги осудиме правосилно, бидејќи со ваквото прекинување на постапките, немаме судски легитимитет да ги наречеме воени злосторници“, нагласи Шехиќ.
„Времето не е сојузник на правдата и тоа е нешто, на што никој не може да влијае. Треба да бидеме свесни дека многумина што извршиле воени злосторства, нема да доживеат земна правда“, додаде тој.
Александра Летиќ, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, вели дека во судската практика, обвинетиот треба да биде во добра здравствена состојба и способен да го следи судењето, но исто така, според неа, мора да постои и некоја независна комисија, која ќе процени колку тие работи се вистинити или можеби само се одолговлекува со процесот.
„Сега на сцена е одолговлекувањето на овие процеси, тормозење на времето и тормозење на сведоците, кои чекаат да го дадат своето сведоштво“, истакнува Летиќ.
Поранешниот судија на Уставниот суд на БиХ, Крстан Симиќ, посочува дека ова прашање е опасно, затоа што БиХ како општество ја потцени важноста на гонењето на воените злосторства, како добра основа за создавање на помирување и на правда за жртвите и за нивна сатисфакција.
„Не е проблемот само во овој биолошки часовник, тоа е само еден факт, затоа што луѓето умираат. Тука постои и временска дистанца, кога е сè потешко да се докажат извршените злосторства, затоа што времето си го прави своето, во смисла на заборавање на фактите“, вели Симиќ.
Сепак, тој нагласува дека сѐ уште има шанса за ова и дека не е доцна, ако власта сака да најде начин и средства да ја заврши работата.
Шехиќ посочува дека оваа бројка треба да го поттикне судството подобро да ја врши својата работа, бидејќи не може да се спречи протокот на време.
„Затоа е многу важно, што е можно поефикасно да се работи на случаите на воено злосторство. Сигурно нешто може да се стори, овие постапки поефикасно да се работат, за да можат да се завршат“, заклучува Шехиќ.