Регион

Брамерц: Балканот слабо соработува во предметите на воени злосторства

Серж Брамерц Фото: webtv.un.org

На состанокот на обвинителите од земјите од поранешна Југославија, за соработка во постапките за воени злосторства, главниот обвинител на ММКТ, Серж Брамерц, истакна дека „во последните три години, малку се работело на регионалната соработка“.

Брамерц истакна дека Србија и Хрватска преземаат предмети од БиХ, кога осомничениот се наоѓа во некоја од овие две држави и им е недостапен на судските власти на БиХ.

Сепак, додаде тој, на жртвите мора да им се покаже дека преземањето на предметите ќе резултира со кривично гонење.

Во 2013 година, обвинителствата на БиХ, Србија и на Хрватска, потпишаа протоколи кои овозможуваат слободна размена на предмети, истраги и документи, во случаите на воени злосторства.

Како и да е, во некои предмети, како што е тоа случајот со Новак Ѓукиќ, воен генерал на Војската на Република Српска (ВРС), кој се води во Белград, а кој беше преземен од БиХ, рочиштата постојано се одложуваат.

Дури и во предметите што се сметаат за успешни, како што се судењата за убиствата во Сребреница што се одвиваат во Белград, упатени се бројни критики поради преквалификација на делото – од геноцид, во злосторство над цивилите.

Рут Вајсман, од британската амбасада, рече дека сите треба да бидат подготвени за дијалог и решавање на преостанатите случаи, затоа што жртвите заслужуваат правда, а општеството правда на транспарентен начин.

„Посветеноста на државите и напредокот во кривичното гонење на воените злосторства, секако е прашање од јавен интерес. Секако дека сакаме да обезбедиме напредок во размената на информации. Мора да работите, да соработувате, за жртвите да бидат задоволни“, рече Вајсман.

Иван Јовановиќ, претставник на регионалниот проект за воени злосторства на УНДП, изјави дека гонењето на воените злосторства се правно и морално прашање.

„Соработката меѓу обвинителствата е од огромно значење. Од клучно значење е медиумите да бидат вклучени во следењето на судењата и да ги обработат овие теми, од гледна точка на жртвите“, додаде Јовановиќ.