Андреа Бегановиќ, родена во 1987 година во Сараево, исчезнала на хрватскиот остров Корчула во 1992 година, кога имала пет години. Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина (ИИЛ БиХ) сè уште ја води како исчезнато лице.
Нејзиниот татко, Заим Бегановиќ, вели дека Андреа исчезнала кога неговата поранешна сопруга ја одвела во Хрватска.
„Мојата ќерка исчезна на 3 декември 1992 година, пред хотел, наводно. Барем така ми кажаа“, вели Бегановиќ.
Тој сè уште се надева дека неговата ќерка е жива. „Тоа ме одржува во живот, бидејќи од 1992 до 2020 година не е мала работа“, додава Бегановиќ.
Според податоците на ИНО БиХ, во околината на соседна Хрватска, било пријавено исчезнување на 102 граѓани на БиХ, меѓу кои е и Андреа Бегановиќ.
„Од тој број, досега се пронајдени, ексхумирани и идентификувани 46 жртви, додека 56 сѐ уште се водат како исчезнати“, вели Емза Фазлиќ, портпарол на ИИЛ БиХ.
Најголем број од оние кои се водат за исчезнати во Хрватска се мажи, но има и 5 жени и 2 девојчиња.
„Најстарата жртва по која сè уште се трага е Мирко (Алекса) Попадиќ, кој е роден во 1913 година во местото Крмине, кај Бања Лука, и кој исчезна во Драгалиќи (Хрватска)“, вели Фазлиќ.
Првите исчезнувања во Хрватска се однесуваат на исчезнувањата на група граѓани на БиХ, кои се обиделе да стигнат до подрачјето на Бихаќ, Цазин и Велика Кладуша, во северозападна БиХ, од Карловац и други места во Хрватска, во летото 1992 година, преку окупираната територија на самопрогласената Српска автономна област (САО) Краина.
„За жал, сè уште имаме граѓани кои исчезнаа на тој пат, кои беа убиени или нивната судбина е едноставно непозната“, вели Мујо Бегиќ, шеф на регионалната канцеларија на ИИЛ БиХ во Бихаќ.
Тој додава дека друга група исчезнати граѓани се обиделе пеш да преминат од тогашното опкружување на Бихаќкиот регион кон Хрватска и дека тие исчезнале по пат.
Третата група исчезнувања главно е поврзана со борбите во општина Велика Клaдуша, кога југословенските сили однеле дел од заробените припадници на Петтиот корпус на Армијата на БиХ, на територијата на Хрватска, каде биле ликвидирани.
„Повеќето од исчезнатите се поврзани со подрачјето на општините Бихаќ, Цазин и Велика Кладуша“, вели Бегиќ.
Тој посочува дека процесот на пронаоѓање на исчезнатите во Хрватска е многу бавен.
„Пред десет години, испративме некои информации до Управата за притворени и исчезнати лица на Република Хрватска (во склоп на Министерството на бранители), но, за жал, тие не беа обработени“, вели Бегиќ.
Тој објаснува дека Институтот му предочил на Министерството на бранители на Хрватска неколку локации за кои имале информации дека е можно да кријат останки на луѓе од Книн, Мељиновац, Слуњски брда, како и некои локалитети во општината Топоско.
„Имаме неколку локации што потенцијално би можеле да кријат останки на исчезнатите и очекуваме тие локации да бидат обработени, за и ние конечно да видиме дали таму има посмртни останки“, вели Бегиќ.
Хрватското Министерство на бранители соопшти дека од 2016 година се одржани голем број состаноци со официјалните претставници на ИИЛ БиХ.
Како што наведуваат, ова министерство до Институтот испратило голем број барања за помош во пронаоѓањето на хрватските државјани исчезнати на територијата на БиХ, кои досега не резултирале со решавање на нивните судбини.
Министерството посочува дека во последните десет години, Управата за притворени и исчезнати, му предала на ИИЛ посмртни останки на 28 лица, државјани на БиХ, од кои повеќето биле ексхумирани од масовни гробници пронајдени во области што биле под контрола на Југословенската народна армија и српските паравоени сили.
Во истиот период, Министерството на бранители презело посмртни останки на 17 хрватски државјани од територијата на БиХ.
Министерството соопшти дека ќе продолжи да презема мерки за решавање на преостанатите случаи на исчезнати граѓани на БиХ во Хрватска и дека „се очекува еднаква посветеност во оваа област од надлежните органи на БиХ, во однос на исчезнатите хрватски државјани, пред се во корист на семејствата на исчезнатите лица, но и на општеството во целина“.
„Не можеме да кажеме дека ќе ги најдеме“
Куќа во сопственост на Србин од Хрватска, урната за време на војната. Фото: Википедија/Петар Милошевиќ
Во 2017 година, Хрватска и БиХ потпишаа Протокол за соработка во случаите на исчезнати лица.
Но, Бегиќ објаснува дека протоколите не предвидуваат надлежност на ИИЛ БиХ, самостојно да работи во Хрватска.
„Тука можеме да присуствуваме само како набљудувачи. Ние не можеме да влијаеме врз работата со никакви наши активности. Имаме неколку случаи каде јасно ги наведовме локациите и местата и можните жртви на тие места, за жал, овие активности не се завршени“, вели Бегиќ.
Ова значи дека неговата канцеларија не може секогаш на семејствата на исчезнатите, да им даде онолку информации колку што тие сакаат за тековниот потраги.
„Секој ден сме изложени на првата линија, каде можеме да дадеме многу малку одговори на прашањата од типот кога ќе извршиме ексхумација или евентуално проверка на некој локалитет и дали ќе можеме да најдеме посмртни останки“, вели Бегиќ.
Тој додава дека заради протокот на време, имало случаи кога немало кој да ги погреба останките на некои луѓе, затоа што нивните роднини веќе биле починати.
„Имаме многу случаи кога најблиските роднини или родители се веќе мртви“, вели Бегиќ.
Некои семејства на исчезнатите, особено родителите, секојдневно контактираат со канцеларијата на Бегиќ.
„Главното и основно прашање е ‘дали ќе доживеам да добијам барем една коска или некој дел од посмртните останки, за да можам да ги спуштам во гробното место своите најблиски’. Овие средби се многу емотивни и ние всушност сме изложени на овие секојдневни прашања“, објаснува тој.
„За жал, немаме одговор на повеќето од овие прашања, не можеме да им кажеме ‘ќе биде утре’, ‘да, ќе ги најдеме’, тешко е, многу е тешко“, вели Бегиќ.