Запознајте ги учениците и наставниците, кои се борат против поделеното образованието во Босна и Херцеговина, кое придонесе кон цврсто втемелување на сегрегацијата во оваа држава.
Пишува: Кетрин Хероукс, Јајце
Фарук Бубриќ, 18-годишен ученик кој штотуку го заврши средното училиште, поголемиот дел од своето време го поминува играјќи видео игри или дружејќи се со своите пријатели.
Неговото образование во Јајце заврши и тој со нетрпение очекува оваа година да се запише на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево.
Завршил бошњачко основно училиште, а во мај матурирал по четири години образование во национално поделеното средно училиште во Јајце. Но, со отворањето на бошњачкото училиште во овој град, дополнително се продлабочија длабоко вкоренетите национални поделби во, и онака, во голема мерка поделената држава.
Бубриќ и неговите соученици протестираат против отворањето на новото училишта и против етничката сегрегација. Иако средното училиште во кое учел е мешовито, во него наставата се одвива по хрватска програма.
„Националноста не ме интересира, бидејќи едноставно не сум заинтересиран за такво нешто … ние сме во основа исти … Не гледам разлика меѓу Бошњаците, Хрватите и Србите”, вели Бубриќ, слегнувајќи со рамењата.
По војните во 90-тите години, кои го одбележаа распадот на Југославија, БиХ беше поделена на два ентитета: на Федерацијата БиХ (ФБиХ) и на Република Српска (РС). Јајце е во Федерацијата, во близина на ентитетската граница со РС.
Иако многу врсници на Бубриќ размислуваат како и тој, нивната реакција е редок случај во оваа земја, во која што, во најголем дел, образовниот систем е поделен по национална основа. Проблеми се јавуваат во мешаните средини, каде што не постои национално мнозинство на ниту еден од трите конститутивни народи во БиХ.
Овие проблеми се среќаваат во образовниот систем, бидејќи, според законот на државно ниво, учениците имаат право да учат на свој мајчин јазик и да учат литература, историја, географија, музика и уметност според наставната програма специјално направена за нивната национална група.
Кога во некоја средина нема национално мнозинство на одредено население, училиштата обично функционираат по моделот „две училишта под еден покрив”. Ова значи дека учениците од бошњачка и хрватска националност посетуваат исто училиште, но се физички одвоени едни од други и учат од различни учебници, или пак функцираат како посебни училишта.
Амела Кавазбашиќ, професорка во средното училиште каде што се школувал Бубриќ, вели дека причина за поделбата лежи во политиката.
„Јазикот е политичко прашање и постоењето на национален идентитет ја прави наставната програма уште попроблематична“, вели таа.
Во поранешна Југославија, јазикот што го користеле Бошњаците, Србите и Хрватите се сметал за еден ист јазик. Сепак, тоа се сменило по војните и распадот на поранешна Југославија, бидејќи јазикот станал средство за дефинирање на националноста, па така, и називот за јазикот се сменил.
„Што е со луѓето кои не се дел ниту од (доминантната) група, ниту пак сакаат да учат според национална наставна програма? Ова не е решение, глупаво е да се каже дури и дека е праведно, јас не го гледам ова како некаков вид на правда. Тоа ве тера да изберете меѓу две спротивности, што е навистина една неправда“, вели Кавазбашиќ, мавтајќи со рацете за да ја долови поентата.
„Ако го применуваме уставот, тогаш Србите имаат право да учат според своја наставна програма, но тие не ја имаат оваа опција и никој не размислува за тоа. Тие се малцинство (во Јајце), така што немаат никакви права“.
Кавазбашиќ заедно со своите колеги наставници, спроведе истражување меѓу учениците, родителите и наставниците во Јајце, за нивното мислење во врска со одлуката на Министерството.
Учесниците имаа можност да изберат помеѓу системот на постојното училиште со хрватска програма, предложениот систем на новото бошњачко училиште или третата опција, за систем со нова интегрирана програма.
Поголемиот дел од испитаниците гласале за третата опција.
Наставната програма треба да биде „нешто во кое секој може да учествува и нешто со што сите ќе бидат опфатени … каде што можете да изберете што сакате да учите”, вели Бубриќ без двоумење.
Учениците во Јајце нема да се откажат од своето барање да бидат заедно во едно училиште. На конференција, што ја организираше Нансен дијалог центарот од Сараево, а која се одржа во Јајце од 6 до 8 мај, под наслов „Да градиме заедно”, студентите, меѓу другото, дискутираа и за нивните потреби и очекувања.
Во знак на поддршка на учениците од Јајце, на конференцијата учествуваа околу 100 ученици од сите националности од сите краеви на БиХ.
„Политичарите образованието не го сфаќаат сериозно. Кога Ве гледам … гледам луѓе кои можат да донесат промени“, рече на конференцијата ученикот Николас Римац.
Додека властите спротивно на желбите на учениците, се обидуваат да го поделат образовниот систем во Јајце, во национално мешаниот, хрватско-бошњачки град Мостар, учениците учат во едно училиште, но според две наставни програми.
Со обединета младина е “потешко да се манипулира”
Во Мостар, во 2004 година, дојде до спојување на бошњачката и хрватската гимназија, во една, Мостарска гимназија, како несовршен обид за интегрирање на учениците.
Аника Човиќ, директорка на ова училиште, за своето училиште не зборува како “за две училишта под еден покрив”, туку како за “правен субјект во кој постојат две одделни наставни програми”. Учениците заедно посетуваат настава по информатика и француски јазик, имаат заеднички Совет на ученици, воннаставни активности и распоред, но, се образовуваат и по своја наставна програма.
Ова училиште се наоѓа во иста зграда со Колеџот на обединетиот свет (КОС), меѓународно училиште чија цел е надминување на поделбите. Ова училиште во Мостар е едно од 17 училишта што движењето КОС ги отвори низ светот.
Ова движење функционира од 1962 година, со цел надминување на поделбите предизвикани од Студената војна, а својата програма ја базира на избор на ученици од целиот свет, кои живеат и учат заедно. Од 200 ученици кои го посетуваат ова училиште, 60 се од БиХ.
КОС Мостар им дава можност „на учениците од БиХ да дознаат многу повеќе за другите култури … и за сите е ова можност да ја видат својата земја од поинаков агол”, вели директорката на КОС Мостар, Валентина Миндољевиќ. Ова е успешен пример за интеграција и минимизирање на поделбите.
Ова е во чиста спротивност не само со полуподелената гимназија во која се врши поделба на учениците, туку, исто така, и со желбите на мнозинството национални водачи во БиХ. Иако средното училиште беше поддржано од некои локални политичари во Мостар, не се прави ништо за да се стави крај на поделбата во образовниот систем во земјата.
„Она што сега го сакаат (политичарите), е да ја преземат контролата … далеку се помали можностите да се манипулира со младите луѓе, ако тие се обединета”, вели Кавазбашиќ.
Ученицит од Јајце и Мостар, најдоа поддршка кај различни невладини организации.
Хуманост во акција е невладина организација со седиште во Сараево, која води програма наречена Поттикнување на демократските вредности и активното граѓанство меѓу младите луѓе. Оваа програма вклучува студенти од прва и втора година од факултетите ширум БиХ и нуди граѓанска и академска обука.
„Вршиме избор на деца кои немаат искуство во локалната власт, немаат искуство со локалната заедница или во работата на други правни лица и од нив создаваме силни активисти”, вели Јасмин Хасиќ, извршен директор на организацијата.
Оваа програма е формирана, вели Хасиќ, „затоа што децата остануваат поделени, постојат различни училишта, тие не знаат што се случува во другите заедници”.
На сегашниот систем на образование му недостасува разновидност, и кога станува збор за учениците, за администрацијата и за наставната програма, додека неформалното образование развива критичко размислување и претставува „можност, младите да истражуваат нешто повеќе … од она што е во нивните учебници”, вели координаторот на проектот Маида Омерчехајиќ.
Младинската иницијатива за човекови права од БиХ, со седиште во Сараево, е невладина организација која им помага на младите луѓе во справувањето со минатото, особено со неодамнешната војна. Таа организира летни кампови во кои младите луѓе, од 18 до 30 години, слушаат предавања за транзициската правда, ЕУ интеграциите и уставните реформи.
„Го сакам ова училиште, бидејќи на крајот секогаш се гледа промена, не мора тоа да го имате на хартија, тоа се гледа, имате нешто што е навистина важно”, вели Бети Чолак, поранешен учесник во летната школа и поранешен активист на Младинската иницијатива.
Таа и натаму е во секојдневен контакт со пријателите што ги стекнала во тоа време.
„Повеќето луѓе кои ќе го завршат ова училиште остануваат активисти”, заклучува таа, врз основа на комуникацијата со пријателите.
Програмите какви што се овие на Хуманост во акција и Младинска иницијатива, им нуди можност на студентите од целата држава, да комуницираат меѓусебе и истовремено да научат како да влијаат врз своето општество и да го менуваат политичкиот систем.
Младите растат во земја во која ги учат дека поделбите се нормални, но градовите како Јајце и невладините организации како Хуманост во акција и Младинска иницијатива за човекови права, му се спротивставија на овој систем и побараа заедничка програма.
Кавазбашиќ вели дека ќе продолжи да се бори за интеграција и верува дека и другите треба да го следат овој пример.
„Мислам дека тоа е наша должност, ако сме луѓе кои се грижат за мирот, животот, толеранцијата и добрите човечки вредности, кои на сите им требаат, да се бориме против овој поделен образовен систем. Мислам дека ова е еден од најголемите проблеми во нашето општество“.
Кетрин Хероукс е поранешен студент на СИТ Програмата за студирање во странство, отсек Мировни и конфликтни студии на Балканот: Србија, Босна и Косово. Оваа статија е напишана како независен проект на студиите по новинарство.