БИРН БиХ во понеделник ја започнува кампањата, „Заборавени жртви“, со цел да им овозможи на жртвите на непроцесираните воени злосторства и на нивните семејства, да го споделат она што го преживеале и со тоа да го свртат вниманието на јавноста и на судството, на злосторствата кои сè уште не се гонети.
Целта е да се иницираат истраги и да се подигнат обвиненија против одговорните.
Директорот на БИРН БиХ, Денис Џидиќ, изјави дека во оваа земја, во последните години, има сѐ помалку судења за воени злосторства.
„Бројот на обвиненија за воени злосторства на државно ниво, секоја година е сѐ помал, а сведоците на настаните умираат, па затоа е важно да се сврти вниманието на злосторства за кои сè уште немало судење, особено на оние случаи во кои осомничените се надвор од БиХ“, рече Џидиќ.
За време на проектот, БИРН БиХ ќе објави десет приказни за непроцесирани злосторства од десет локални заедници.
Во наредните десет месеци, секој понеделник ќе биде објавена по една фотографија на жртва на војната или на членовите на нејзиното семејство, која ќе пренесе лична приказна и ќе ги повика судските институции да реагираат.
Иако поминаа скоро 25 години од крајот на војната, многу жртви сè уште не добиле можност да кажат на суд што им се случило и со тоа да придонесат одговорните да се изведат пред лицето на правдата.
На државно ниво, досега, околу 850 лица се осудени на казна затвор од 2.750 години, а само државното обвинителство сè уште има околу 500 случаи на воени злосторства со познати и 500 случаи со непознати сторители.
Проектот „Заборавени жртви“, е поддржан од Владата на Велика Британија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Регионалниот проект за воени злосторства