Регион

БИРН oбјави база на податоци за масовните гробници од војните во екс-Југославија

Битер Ленд е интерактивна база на податоци креирана за да се прикаже обемот на злосторствата, етничкото чистење и операциите за прикривање на воените злосторства, во 90-тите години

Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), денеска, на 3-ти јуни, ја објави првата сеопфатна, интерактивна база на податоци, за масовните гробници од војните во 90-тите години во поранешна Југославија, со што обезбедува нов увид во најголемите операции за прикривање на воените злосторства во Европа, после Втората светска војна.

Базата на податоци, Битер Ленд, обезбедува информации на три јазици (англиски, босански/хрватски/српски и албански јазик) за локациите на масовните гробници од војните во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Косово, за бројот на жртвите идентификувани по ексхумациите, дава увид во архивски извештаи и фотографии, како и детали поврзани со судски случаи и пресуди, изјави на сведоци и други ресурси.

Базата се претставува во пресрет на 8 јуни, кога е закажано изрекувањето на конечната пресуда на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој е обвинет дека носи одговорност за злосторствата извршени во конфликтот во Босна и Херцеговина, по што биле ископани масовни гробници, со цел истите да се прикријат.

БИРН има за цел да ги презентира фактичките податоци, за да помогне во борбата против континуираното селективно негирање на злосторствата и историскиот ревизионизам за војните во 90-тите.

„Еден од главните фокуси беше да се создаде извор на информации и податоци, засновани на фактите за едно од најголемите систематски прикривања на воените злосторства во поновата историја“, вели, Нејра Мулаомеровиќ, која заедно со регионалната директорка на БИРН, Марија Ристиќ, го креираше проектот.

„Оваа база на податоци е, исто така, обид да се поттикне процесот на зачувување на сеќавањата, преку обезбедување на значителен број на ресурси и со користење на нови технологии, да се прикаже моменталната состојба на овие локации“, додава таа.

Базата на податоци го потенцира недостигот на стратешки напори за зачувување на сеќавањата и нуди видеоснимки направени со дрон и фотографии од моменталната состојба на масовните гробници, а во некои случаи и тродимензионални модели на овие локалитети, од кои голем број се запоставени, без никакви ознаки кои би укажале дека се работи за место на воено злосторство.

Базата на податоци им е наменета на новинарите, истражувачите, студентите, граѓанските организации и што е најважно, на семејствата на воените жртви, со ограничени ресурси на пристап до судските записи, архиви и информации, поврзани со масовните гробници во регионот.

Кон крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година, БИРН посети и документираше повеќе од 60 локации на масовни гробници.

Повеќето од нив, кои се наоѓаат во базата на податоци, се лоцирани на неозначени полиња, диви депонии, покрај јавни патишта или на имот на приватни компании. Во некои случаи, локациите се скриени со новоизградени населби.

Првото истражување за оваа база на податоци, е базирано на 42 најголеми масовни гробници во поранешна Југославија, кои содржеа повеќе од 100 тела. Во втората фаза од истражувањето, БИРН ќе ги мапира гробниците во кои биле закопани помеѓу 50 и 100 тела, додека во третата фаза ќе бидат мапирани останатите места.

Најголемата масовна гробница во регионот е онаа пронајдена во Србија, во полицискиот центар за обука во белградското предградие Батајница, каде беа пронајдени посмртни останки на 744 косовски Албанци.

Најголемите масовни гробници во Босна и Херцеговина беа откриени околу градовите Зворник, Сребреница и Приедор, во кои биле погребани тела на бошњачки цивили. Една од најголемите масовни гробници во Хрватска е откриен во близина на фармата Овчара кај Вуковар, каде се пронајдени останки на 200 лица.

Во војните во поранешна Југославија, над 130.000 луѓе ги загубиле своите животи, а 40.000 исчезнале. До денес се пронајдени посмртни останки на околу 28.000 луѓе, во повеќе од 1.500 скриени гробници, од кои околу 1.000 само во Босна и Херцеговина.

Како извори за базата на податоци, БИРН користеше форензички извештаи на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), изјави на сведоци дадени на суд, архивски сателитски снимки и документи, истражувачки трудови, сведоштва и архивски снимки од архива на вести од различни извори.

БИРН, исто така, користеше и податоци од МКТЈ, Институтот за исчезнати лица (ИИЛ) на Босна и Херцеговина, Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ), Меѓународниот комитет на Црвениот крст и од други организации вклучени во процесот на ексхумација и идентификација на жртвите.

Базата на податоци обезбедува широк увид во убиствата и последователните операции за прикривање на злосторствата, од кои бројни, иако поминаа повеќе од две децении по војните, поминаа неказнето.

За повеќе информации, посетете ја страницата Битер Ленд.