Регион

Најбараниот бегалец во Европа, во исчекување на својата конечна пресуда

Ратко Младиќ, некогаш лојален југословенски војник, а потоа бегалец осомничен за воени злосторства, денес ја чека својата конечна пресуда

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Многу, многу опасен човек“.

Со овие зборови, поранешната главна обвинителка на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), Карла Дел Понте, го опиша бегалецот кој го ‘ловеше’ повеќе од една деценија, за да му се суди за првиот геноцид на европско тло, по поразот на нацистичка Германија.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, ќе ја изрече конечната пресуда на поранешниот генерал на ВРС Ратко Младиќ на 8 јуни, 26 години по првото обвинение.

Младиќ поднесе жалба на првостепената пресуда од 2017 година, со која беше осуден на доживотен затвор за геноцид врз Бошњаците од Сребреница извршен во 1995 година, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина за време на војната 1992-1995, за тероризирање на населението во Сараево за време на опсадата на градот и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Младиќ (78) е роден во 1943 година во босанското село Божиновци, лоцирано околу 70 километри јужно од Сараево.

Дете е на комунистичко партизанско семејство, а неговиот татко бил убиен во една од последните битки во Втората светска војна. Младиќ решил да ги следи неговите стапки и заминал на школување во военото училиште во Белград.

Неговите воени вештини прв пат беа тестирани на самиот почеток на распадот на Југославија, кога Југословенската народна армија (ЈНА), во пролетта 1991 година, го испрати во Хрватска, за да им помогне на локалните српски бунтовници во градот Книн, кој во тоа време беше нивно упориште.

Младиќ, во јуни 1991 година, беше назначен за командант на 9-от корпус на ЈНА во Книн, а дотогаш оваа територија веќе беше отсечена од остатокот на Хрватска, бидејќи српските бунтовници кои во 1990 година го беа прогласиле формирањето на Српската автономна област (САО) Краина, ги блокираа патишта низ градот.

Тогаш Младиќ тврдеше дека не е на ничија страна и за српскиот јавен сервис, РТС, изјави: „Јас ѝ служам на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, заедно со моите колеги офицери, со цел да ги заштитам сите националности и нации“.

Во август 1991 година, тој нареди напад на блиското село Киево, за да се разбие блокадата на хрватските сили на српските населби.

„Во Киево пукавме во легитимни воени цели. Ние не уништивме ниту една куќа само онака“, изјави Младиќ пред новинарите по нападот.

Но, хрватското обвинителство веруваше во спротивното. Во јули 1992 година, за нападот на Киево, кое беше речиси целосно уништено, Окружниот суд во Шибеник, во отсуство го осуди Младиќ на 20 години затвор.

Според МКТЈ, овој напад го означува моментот кога ЈНА, под команда на Младиќ, отворено застанала на страната на Србите во конфликтот.

Откако ЈНА го зазеде селото, локалните Срби влегоа во него и ја презедоа контролата. Овој модел се користеше низ цела Југославија, во сите војни што следеа – во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Косово.

Почетокот на војната во БиХ

Ратко Младиќ со Изудин Алиќ во Сребреница, во јули 1995 година

Следната година, во 1992 година, војната се прошири и во БиХ, а бројни српски команданти со потекло од БиХ, ја напуштија ЈНА и ѝ се приклучија на новоформираната ВРС.

Тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, не сакаше да биде перципиран како агресор, па наместо да испрати сопствени сили во БиХ, тој одлучи да ја снабди ВРС со оружје и со персонал, додека Младиќ беше назначен за главен стратег.

„Кога ја презедов функцијата … си дадов задача да соберам луѓе и да формирам команда и штаб… веднаш знаев дека таму ќе се случат големи историски настани“, изјави Младиќ за белградски „НИН“.

Адам Вебер, еден од обвинителите во случајот Младиќ, помеѓу 2012 и 2017 година, рече дека Младиќ бил избран затоа што раководството на босанските Срби го гледало како „некој кој штотуку извршил некакви операции за етничко чистење во Хрватска“.

Десната рака на Младиќ, генерал Манојло Миловановиќ, пред Хашкиот трибунал во 2013 година изјави дека ден пред почетокот на војната, Младиќ го предупредил своето политичко раководство, за можноста да биде извршен геноцид, при обидот за заземање на територијата што тие сакале да ја освојат.

Миловановиќ сведочеше дека Младиќ, во мај 1992 година, им рекол на водачите на босанските Срби: „Не можеме (етнички) да исчистиме, ниту можеме да имаме сито да просееме само да останат Србите или тие само да пропаднат, а другите да си заминат … Јас не знам како господинот (Радован) Караџиќ и господинот (Момчило) Крајишник, ќе му објаснат на светот. Тоа е, луѓе, геноцид“.

Под команда на Младиќ, ВРС ширеше страв и смрт – Сараево беше гранатирано повеќе од три години, а градовите како Фоча, Приедор и Вишеград, беа исчистени од босанските муслимани.

Младиќ никогаш не ги водеше своите кампањи во тајност и честопати им дозволуваше на телевизиските камери да го снимаат како шета по ридовите околу Сараево, за време на опсадата на градот. Цивилното население беше систематски гранатирано и гаѓано со снајперски оган, а во градот немаше храна, вода, електрична енергија.

Нa една аудиоснимка, објавена на неговото судење, се слуша како Младиќ дава команда за гранатирање на делови од градот: „Удри по Велушиќи и Пофалиќи, бидејќи во овие населби нема многу Срби“, вели Младиќ на снимката од 28 мај 1992 година, патем погрешно изговарајќи го називот на сараевската населба Велешиќи.

„И гранатирајте го делот во близина на Добровољачка улица, и таму околу Хумска улица, до улицата Ѓуро Ѓаковиќ“, вели тој и додава: „Можете ли да ја гранатирате Баш чаршија? Плотун врз Баш чаршија. Држете ги Претседателството и Собранието под директен оган. Пукајте полека, во интервали, сѐ додека не ви наредам да престанете“, нагласува тој.

Таа ноќ, многу згради во центарот на Сараево беа запалени. Повеќе од сто повредени лица, за само неколку часа, беа доведени во болниците.

Оние што останаа во градот под опсада, се сеќаваат на месеците поминати во страв, на луѓето кои беа убиени додека чекаа ред за вода и леб, или претрчуваа по мостовите под снајперски оган. Беа гранатирани не само болниците, туку и музеите и библиотеките.

Но, Младиќ не се покаја. „Јас само го бранам мојот народ“, изјави тој во неколку пригоди за време на војната, а истата одбрана ја користеше и во текот на судењето.

Но, Вебер нагласи оти Младиќ бил „важен за креирање на целокупната стратегија за етничко чистење што се одвивала низ цела Босна и Херцеговина, и оти тој, исто така, во голема мера бил вклучен во оперативното ниво, заедно со неговите врховни команданти, како и во спроведувањето на таа стратегија“.

„И она што го гледате од него е дека тој често е многу видливо присутен на теренот за време на самите операции, што му дозволи директно учество на тактичко ниво, со реално извршување на операциите“, додаде тој.

„Заштитник на Србите“

Меморијалниот центар во Поточари крај Сребреница. Фото: Бета

Младиќ призна дека офанзивите биле „главниот метод на неговиот борбен стил“.

„Мојата цел е едноставна – заштита на српската територија и на луѓето кои живеат таму со векови“, изјави тој за време на војната.

Во јули 1995 година, само неколку месеци пред завршување на војната во БиХ, силите на Младиќ го окупираа источниот босански град Сребреница, кој Обединетите нации две години претходно, го прогласија за „заштитена зона“.

Младиќ пристигна во Сребреница со насмевка на лицето, честитајќи им на војниците кои се ракуваа со него по улиците на напуштениот град.

Додека се движеше низ градот, го снимаа телевизиските камери, а телевизијата на босанските Срби извести за „ослободување“ на градот, од кој бегаа десетици илјади луѓе.

„Тука сме, во српска Сребреница, на 11 јули 1995 година. Во пресрет на уште еден голем српски празник, му го подаруваме овој град на српскиот народ. Конечно, дојде време, по побуната против османлиите, на овој начин да им се осветиме на Турците“, рече Младиќ пред камерите.

Она што следеше по оваа изјава беа убиствата на неколку илјади мажи и момчиња, што во обвиненијата и пресудите кои следеа пред меѓународните судови и Судот на БиХ, се квалификувани како геноцид.

Ноќта меѓу 11 и 12 јули 1995, Младиќ одржа три состанока во хотелот „Фонтана“ во Братунац. Предмет на тие состаноци беше судбината на луѓето од Сребреница.

„Можете или да преживеете или да исчезнете. За да преживеете, барам сите ваши луѓе кои се вооружени, дури и ако извршиле злосторства,  а извршиле против мојот народ, да го предадат своето оружје на ВРС“, им рече Младиќ на една од средбите, на претставниците на бошњачкото население од Сребреница.

На 12 јули, Младиќ, во придружба на ТВ екипа, пристигна во Поточари. Камерите го снимаа како на децата им дели чоколадо, луксуз кој тие го немаа видено со години, велејќи им на нивните родители да не се плашат, затоа што „никој нема да им направи ништо лошо“.

„Сите кои сакаат да останат, можат да останат. Сите оние кои сакаат да ја напуштат оваа територија, слободни се да го сторат тоа. Имаме обезбедено доволен број на автобуси и камиони за вас“, рече тој.

Наместо тоа, оние кои беа заробени или кои се предадоа, беа стрелани. Според обвинението против Младиќ, „повеќе од 7.000 затвореници, заробени во областа околу Сребреница, по кратка постапка се егзекутирани од 13 до 19 јули 1995 година. Убиствата продолжија и понатаму“.

Во бегство во Србија

Војната во БиХ заврши во ноември 1995 година со потпишување на Дејтонскиот мировен договор во Охајо, САД. Четири месеци претходно, МКТЈ покрена обвинение против Младиќ, по кого беше распишана потерница една година подоцна.

Младиќ изјави дека никогаш нема да се предаде. „Само мојот народ може да ми суди“, рече тој.

Младиќ замина во Србија во 1997 година, заедно со неколку високи офицери на ВРС. За време на војната, српските власти на Младиќ му дадоа оружје, а по војната, засолниште.

Тој живееше слободно, без страв дека ќе биде уапсен, во Белград одеше во ресторани и фудбалски натпревари.

До 2003 година, тој беше под заштита на српскиот воен естаблишмент, но откако Србија го донесе Законот за соработка со Хашкиот трибунал, Младиќ мораше да се потпре на помошта на мала група негови поранешни поручници од ВРС, а во последните години пред неговиот апсење, на помошта на неговото семејство.

На 26 мај 2011 година, припадници на специјалната единица на српската полиција, влегоа во селото Лазарево и извршија претрес на куќата на роднина на Младиќ. Кога влегоа во една од собите, зад вратата најдоа постар човек со бејзбол капа.

„Кој сте Вие?“, праша полицијата.

„Јас сум тој што го барате. Јас сум Ратко Младиќ “, одговори тој.

По неговото апсење, дојде до големи протести во Белград и во неколку градови во Република Српска. Неговите адвокати се обидоа да ја одложат неговата екстрадиција во Хаг, повикувајќи се на здравствени причини, но нивните барања беа одбиени, освен една – 40-минутната посета на гробот на неговата ќерка, Ана, која се самоуби во 1994 година.

Младиќ првпат се појави во судницата на МКТЈ во Хаг, во летото 2011 година.

За време на неговото деветгодишно судење, тој често ги провоцираше воените жртви, кои присуствуваа на рочиштата и одбиваше да ги почитува судските наредби.

Во притворот во Холандија, тој имаше неколку сериозни здравствени проблеми, претрпе два мозочни и еден срцев удар. Неговата одбрана повеќепати бараше тој да биде хоспитализиран, тврдејќи дека неговата здравствена состојба се влошува и изрази загриженост дека можеби не е ментално способен да ја следи постапката.

Обраќајќи му се на судот на жалбеното рочиште во октомври 2020 година, тој нагласи дека распадот на Југославија е резултат на заговор на Западот и повтори оти тој само го штител српскиот народ.

„Судбината ме наведе да ја бранам својата држава СФРЈ (Социјалистичка Федеративна Република Југославија), која вие западните сили ја разбивте, со помош на Ватикан и западната мафија на (американскиот претседател Џорџ Х.В.) Буш и на (германскиот министер за надворешни работи Клаус) Кинкел“, рече Младиќ.

„Ратко Младиќ не ја започна војната, тој не направи план за напад врз Југославија“, додаде тој.

Ваквите изјави не ги импресионираа воените жртви на ВРС. Изудин Алиќ, еден од децата од Сребреница на кои Младиќ, во јули 1995 година пред да започне масакрот, им делеше чоколадо, за БИРН во 2017 година изјави дека понекогаш се прашувал дали Младиќ се сеќава на него.

„Често се прашувам за ова, кога ќе го видам во судницата во Хаг. Се прашувам дали тогаш знаел дека сите овие луѓе ќе бидат убиени … Татко ми и чичко ми, целиот тој народ“, рече тој.

„Што чувствувам за него? Ништо, но мило ми е дека е уапсен и дека му се суди“, нагласи тој.

„За сѐ што направи во Сребреница, треба да одговара”, заклучи Алиќ.

Овој текст е ажурирана верзија на написот објавен од БИРН на 14 ноември 2017 година.