Регион

Милановиќ му ги врати одликувањата на Бранимир Главаш

Зоран Милановиќ Фото:https://www.predsjednik.hr/

Милановиќ денеска изјави дека неговата одлука да му ги врати одликувањата на Главаш, има законска основа, иако нему му се суди за наводни воени злосторства.

„Главаш го побара тоа, тој испрати барање, затоа што е формално неосудувано лице веќе пет години. Да не ме бараше, немаше да се мешам“, изјави Милановиќ за медиумите.

„Ако повторно биде осуден, ќе го продолжам она што го започна (поранешниот претседател Иво) Јосиповиќ“, додаде хрватскиот претседател.

Јосиповиќ му ги одзеде одликувањата и генералскиот чин на Главаш во 2010 година, кога Врховниот суд на Хрватска го осуди. Во меѓувреме, неговата пресуда беше укината и започна повторно судење.

Главаш, воен генерал на Хрватската војска и поранешен член на парламентот, за телевизијата Н1 во саботата изјави дека не е изненаден од одлуката на Милановиќ.

„Ова е уставна и законска одлука, заснована врз низа закони и претседателот на Република Хрватска е само извршител. Нема дилема или непознаници во врска со таа законска одлука“, рече Главаш.

Но, хрватската невладина организација, Документа – Центар за справување со минатото, соопшти дека одлуката „не е ниту примерна, ниту етички прифатлива“.

„Иако е законска, одлуката не е примерна, бидејќи фактите за сторените злосторства се судски утврдени, вон разумно сомнение“, истакна Документа.

Првото судење на Главаш започна во октомври 2007 година, во случаите „Гаража“ и „Селотејп“.

Според наводите во случајот „Гаража“, заробеник бил принуден да испие киселина од акумулатор, во гаража во Осиек, во септември 1991 година. Откако во болки истрчал надвор, во него пукал припадник на првиот баталјон, чиј командант бил Главаш.

Човекот починал од последиците од труењето. Потоа, наводно, се појавил и Главаш, кој наредил да се убие уште еден заробеник.

Што се однесува до случајот „Селотејп“, се вели дека единицата на Бранимир Главаш уапсила шест цивили во Осиек во ноември и декември 1991 година, кои ги мачела во подрум во Осиек. Припадниците на единицата потоа ги однеле цивилите на брегот на реката Драва, каде ги погубиле, откако претходно им ги врзале рацете со селотејп.

Главаш првпат беше осуден во 2009 година на десет години затвор. На денот кога пресудата беше изречена пред Окружниот суд во Загреб, Главаш избега во соседна Босна и Херцеговина.

Откако хрватскиот Врховен суд ја потврди неговата пресуда, намалувајќи му ја казната на осум години затвор, Судот на Босна и Херцеговина го испрати во затвор.

Но, Врховниот суд, во 2016 година, ја поништи првостепената пресуда и тој беше ослободен од затвор. Ново судење беше наложено во 2018 година, кога неговиот случај беше одвоен од случаите на другите шестмина обвинети, подредени на Главаш.

Врховниот суд потоа ја поништи и одлуката од 2018 година и повторно наложи ново судење, овој пат заедно со неговите подредени. Во јуни 2019, на почетокот на новото судење, Главаш се изјасни за невин по обвиненијата.

Документа денеска изрази загриженост поради „неефикасноста на судството“, бидејќи последното рочиште на последното судење против Главаш и другите обвинети, се одржа во март 2020 година.