Истражувањa

Бизнисмените – дел од политичките бомби

Во досегашните објавени 19 политички бомби на СДСМ, се споменуваат повеќе сопственици на компании, бизнисмени кои се во блиски релации со претставници од власта или сопственици на компании кои добивале голем број тендери. БИРН истражуваше кои се овие лица и кои се нивните релации со претставниците од власта

Во досегашните објавени 19 политички бомби на СДСМ, се споменуваат повеќе сопственици на компании, бизнисмени кои се во блиски релации со претставници од власта или сопственици на компании кои добивале голем број тендери. БИРН истражуваше кои се овие лица и кои се нивните релации со претставниците од власта.

Во досегашните 19 политички бомби објавени од страна на опозицијата може да се слушнат и разговори во кои се вклучени повеќе бизнисмени од државава, дел од нив непознати за пошироката јавност. Станува збор за повеќе сопственици на компании кои, ако се суди според прислушуваните разговори, се во блиски релации со претставници од власта или сопственици на компании кои добивале голем број тендери.

БИРН истражуваше кои се овие лица и кои се нивните релации со претставниците од власта.

Силјан Мицевски и Сеад Кочан

На денешната објавена „политичка бомба“ во Битола, може да се слушне разговор кој наводно се води меѓу бизнисменот Силјан Мицевски, сопственик на градежното претпријатие „Пелистер“ и Влатко Чингоски, поранешниот директор на ЕЛЕМ.

Силјан Мицевски, сопственикот на градежното претпријатие „Пелистер“

Силјан Мицевски, сопственикот на градежното претпријатие „Пелистер“

„Слушај вчера бев ваму и ми дадоа некое ливче со имиња, кај тебе шо работат и кои не се сигурни за гласање. Па да…“, вели Чингоски.

„Абе кој нема сите ќе ги избркаме кажи кои се тие и готово“, одговара сопственикот на „Пелистер“.

„Не не треба да ги избркаш, не треба. Треба да ги убедиш да гласаат, ако не гласаат тогаш ќе ги избркаме“, вели Чингоски.

Влатко Чингоски, поранешниот прв човек на ЕЛЕМ дојде на чело на компанијата кон крајот на септември 2006 година, веднаш по изборите кога ВМРО-ДПМНЕ ја доби власта. Во 2012 година, тој се повлече од лични причини.

Токму ЕЛЕМ и градежната компанија на Силјан Мицевски, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, ги имаат склучено едни од најголемите тендери за јавни набавки во последниве 5 години вредни околу 100 милиони евра.

Првиот, двегодишен договор на АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Брод – Гнеотино е со фирмата „Пелистер“ од Битола во 2012 година. Со овој договор се ангажираат работници и градежна механизација за ископ и транспорт на јагленот за 53 милиони евра.

Другиот договор е за истата намена, но за периодот од 2014 – 2016 година. Со овој договор ЕЛЕМ ангажира од 450 до 550 работници и опрема за ископ на 3.900.000 тони јаглен. Овој договор тежи над 47 милиони евра.

1-3
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека ЕЛЕМ и фирмата на Мицевски ги имаат склучено најголемите договори во последниве 5 години

На четврто место за најголеми склучени тендери е уште еден договор на ЕЛЕМ. Станува збор за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на микролокација во рудник Суводол во РЕК Битола. Овој договор е склучен со скопската фирма Трансмет, на 36 месеци и планирано е да се спроведува до крајот на 2016 година.

„Трансмет“ е компанија каде што сопственик е јавува Сеад Кочан, лицето кое премиерот Никола Груевски во еден од објавените разговори со Чингоски го именува како „Сеат Ибица“ или „лицето што вози сеат“.

Во тој разговор што го обелодени СДСМ наводно се зборува за конзорциум што би требало да го формира лицето „Сеат Ибица“.

„И овие нека влезат во игра, да се задоволни сите“, наводно вели Груевски во разговорот кој се води за испорака на јаглен.

Фирмата на Кочан минатата година се вклучи во изградбата на втората делница Кичево – Охрид во изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

НВСП вмешана во израелската донација

Фирмата на Стајковиќ се споменува во политичката бомба за која СДСМ обвини дека директорот на УБК Сашо Мијалков договорал милионски провизии со Израелците | Фото: Foter.com

Фирмата на Стајковиќ се споменува во политичката бомба за која СДСМ обвини дека директорот на УБК Сашо Мијалков договорал милионски провизии со Израелците | Фото: Foter.com

Во еден од објавените аудио снимки на СДСМ беше презентиран разговор во кој е вклучен Владислав Стајковиќ, сопственик на фирмата НВСП. Стануваше збор за „политичката бомба“ за која СДСМ обвини дека директорот на УБК Сашо Мијалков договорал милионски провизии со Израелците за набавка на опрема за прислушување. Според аудио снимките на опозицијата, дел од парите требале да легнат на сметката на НВСП.

„Овде ставив amount of donation will be (износот на донацијата) толку и толку which will include (што ќе вклучува) или така нешто, во кое е вклучено expenses and provision for the NVSP (трошоци и провизија за НВСП), така нешто ќе биде“, наводно му вели соработничката на Мијалков, Светлана Костова, на Стајковиќ.

Фирмата со која раководи Стајковиќ се занимава со консалтинг и посредување, а од 2009 година е официјален дистрибутер на мобилните телефони „Алкател“.

Стајковиќ е директор и на фирмата „Мобико“ чиј газда е Жарко Луковски – генералниот директор на „Т-мобиле Македонија“. Кум на Луковски е директорот на УБК Сашо Мијалков.

Mobiko2
Сопственик на „Мобико“ е Жарко Луковски, а директор на фирмата е Стајковиќ, кој воедно е и газда на НВСП

НВСП воедно е и прв сопственик на агенцијата за обезбедување Секјурити Груп Сервисис, која обезбедува клучни објекти во центарот на Скопје. Фирмата поседува и одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје издадено од МВР.

Оваа компанија е сопственик на фирмата на која е регистрирано „Радио Слободна Македонија“. Стајковиќ, според документите од Централниот регистар, се јавува и како прв сопственик на компанијата „Финзи“, сопственик на порталот „Нетпрес“.

Дејан Панделески и Ристо Новачевски

На 17-тата по ред „политичка бомба“ на СДСМ во Прилеп беше презентиран аудио разговор кој наводно се водел меѓу Дејан Панделески, газдата на „Пелистерка“ и тогашниот новоизбран градоначалник Марјан Ристески.

„Имам еден список на куртони таму по центарот што беа против тебе, треба мамето да му го еб**е во овие 4 години“, вели гласот за кој СДСМ тврди дека е на Панделески и додава дека ним треба да им се затворат сите кафулиња.

„Е па брат, тоа списочето дај ми го и мамето мамино че му го еб**е“, одговара новиот градоначалник.

Дејан Панделески е неизвршен член во Одборот на директори на градежната фирма „Бетон – Штип“, која градеше голем број објекти од проектот „Скопје 2014“. Во одборот на директори освен Панделески, седат и Тодор Мирчевски, директорот на оф-шор компанијата од Лугано „Ексико“ и бизнисменот Јордан Камчев.

Beton-stip
Одборот на директори на градежната фирма „Бетон Штип“

Акционери во „Бетон Штип“ се четири компании – „Ексико“, „Орка Холдинг“, „Езимит“ и „ТИМ“.

Панделески е во кумски врски со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Неговиот татко, Цветан Панделески, е член во Одборот на директори на ЗК Пелагонија, заедно со Тодор Мирчевски од Ексико и Орце Камчев.

Оф – шор фирмите „Ексико“ и „Сирах“ беа спомнати во политичките бомби на опозицијата како купувачи на вредното земјиште на Водно. Меѓу купувачите е и фирмата „Кара“ која се поврзува со бизнисменот Камчев.

Директор на „Сирах“ е Ристо Новачевски, чија сестра, Ленче Самарџиевска ја има во разговорите што ги објавува СДСМ како секретарка на премиерот Никола Груевски.

Новачевски е член на Одборот на директори на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост и од 2007 година ја нема пријавено својата имотна состојба до Државната комисија за спречување на корупцијата.