Истражувањa

Бизнисот со марихуана магнет за скандал – инвеститори

Три фирми со лиценца директно или посредно се врзуваат со случаи на нарко-криминал

Лани летото, полицајците во рок од 48 часа упаднале во две плантажи со канабис во охридско-струшкиот регион и на обете места имале што да видат. Откриле хаос и сериозни пропусти, што поттикнале сомнеж дека легално засадената марихуана можеби завршува на нелегалниот пазар.

Само од количествата затекнати во Струшко, заработката на црно би можела да достигне и до пет милиони евра, процениле експертите од Министерството за здравство.

БИРН открива дека дел од основачите на фирмите зад двете плантажи, инаку албански државјани, се тесно роднински поврзани што уште еднаш укажува дека силната владина промоција на Македонија како Мека за бизнисот со марихуана, посебно во времето на експремиерот Зоран Заев, не била придружена со основни безбедносни проверки на инвеститорите во овој високоризичен бизнис.

Силната владина промоција на Македонија како Мека за бизнисот со марихуана, посебно во времето на експремиерот Зоран Заев, не била придружена со основни безбедносни проверки на инвеститорите во овој високоризичен бизнис

Затоа државава не дознала дека некои од основачите на спорниве плантажи имаат ортачки релации со човек од Албанија, кој Италија го осудила за криминал поврзан со дрога.

Меѓутоа, Струга и Охрид не се инцидент.

Истражувањето на БИРН покажа дека системот е тој што е сериозно порозен и пропушта контроверзен капитал.

Покрај фирмите на албански државјани, уште една „интересна“ група на луѓе се подготвувала да сади канабис во државава. Тоа се двајца контроверзни бизнисмени од Србија, едниот гонет за криминал поврзан со дрога во сопствената држава, а другиот обвинет за перење пари тука во Македонија.

Кога на ова ќе се додаде сознанието дека надлежната комисија при Министерството за здравство нема капацитет сериозно да ја следи работата на плантажите за марихуана, јасно е зошто работите излегуваат од контрола, како што се случило со оранжериите во околината на Охрид и на Струга.

Спорните албански инвеститори

Недозволените насади на отворено | Фото: МВР

Македонија во 2015 година дозволи одгледување марихуана за медицински цели под многу ригорозни услови, кои предвидуваат сериозна евиденција на буквално секое насадено стебло канабис и сигурносни услови, видеонадзор и високи огради, кои треба да оневозможат некој да ја извади марихуаната надвор од оранжериите.

И покрај сето ова, на охридската плантажа, според полициските наоди од 13 јули 2022 година, одгледувачите насадиле многу повеќе стебла од канабис, отколку што ѝ пријавиле на државата. Им никнале околу 1.000, а пријавиле само нешто повеќе од 600. Се опуштиле и насадиле околу 2.000 стебла во надворешни услови, што е строго забрането.

Имале вишок од седум килограми непријавен цвет од марихуана, додека на поткровјето произведувале и масло од канабис, иако немале дозвола за тоа.

А, видеонадзорот не работел.

На охридската плантажа одгледувачите насадиле многу повеќе стебла од канабис, отколку што ѝ пријавиле на државата. Им никнале околу 1.000, а пријавиле само нешто повеќе од 600. Се опуштиле и насадиле околу 2.000 стебла во надворешни услови

Видеонадзорот не работел целосно и во друга оранжерија во Струшко, покривал само дел од објектот, се вели во извештајот на МВР за рацијата од 15 јули 2022 година. Таму, пак, на повеќе места жичната ограда околу оранжеријата имала отвор од кој можело да се влегува и излегува.

И таму надвор од објектот имало насади на марихуана, околу 1.000 стебла.

Двете плантажи на југозападот се во сопственост на повеќе албански државјани. Двајца се сопственици на оранжеријата во Струшко преку фирмата „Греен & био фарм“, додека четворица други на охридската плантажа („Греенго 2018“).

Меѓу основачите на оранжериите во Струга и во Охрид се бизнисмен од Поградец, Луан Капри и неговата ќерка Маринела Капри, која работи во фамилијарната компанија во Албанија.

Таткото бил основач на струшката оранжерија и се повлекол од сопствеништво пет месеци пред полициската рација, додека Маринела сѐ уште се води како еден од трите сопственици на охридската плантажа за марихуана.

Луан Капри, во Албанија е познат по својата компанија „РЕЈ 3“.

Фирмата работи како служба за чистење, собирање и отстранување јавен отпад и често соработува со општините од Албанија. Влезена е и во бизнисот со производство на електрична енергија од хидроцентрали.

Бизнис-партнер на Капри во фирмата „РЕЈ 3“ е контроверзниот Г’зим Салилари, албански државјанин што бил гонет и осуден за криминал поврзан со дрога.

Салилари бил дел од група, која според италијанските власти, во 1998 и во 1999 превезувала дрога од пристаништето во Драч до Бари во Италија.

Судот во Бари, во 2001 година го барал со меѓународна потерница поради шверц на дрога, а веќе следната година го осудил на осум години затвор. Следната година, апелациониот суд му ја преполовил казната.

Според италијанскиот весник „Ла Стампа“, второстепениот суд ја намалил казната, менувајќи го обвинението од трговија со дрога во поседување дрога со намера да ја дистрибуира.

Салилари си живеел слободно во Албанија до април 2006 година, кога бил уапсен во Драч врз основа на потерницата.

Сепак, тој бргу, уште во 2007 успеал да се извлече врз база на процедурални пропусти. Врховниот суд ја поништил пресудата зашто обемната документација не била преведена од италијански, а во меѓувреме добил и амнестија од тогашниот италијански министер за правда.

Видеонадзорот не работел целосно и во друга оранжерија во Струшко, покривал само дел од објектот. Таму, пак, на повеќе места жичната ограда околу оранжеријата имала отвор од кој можело да се влегува и излегува

Македонската легислатива е „слепа“ за релациите што во овој случај спорниот Силилари ги има со семејството Капри, кое, пак, инвестирало во канабис во Македонија. Легислативата се грижи само официјалните инвеститори да не биле осудени за нарко-криминал и им бара само потврди за неосудуваност. Врз основа на тие критериуми, фирмите  во 2019, односно во 2020 година добиле лиценца за одгледување марихуана.

По упадот на полицијата, владата им ги одзела лиценците, а се заинтересирало и обвинителството.

Против сопствениците на двете фирми, струшкото обвинителство лани во јули и во септември оформило предмети – за одгледување марихуана спротивно на пропишаните услови и – за неовластено производство и пуштање во промет на дроги.

Обвинителството и фирмите се спогодиле во врска со неодговорното одгледување канабис, додека за другото и потешко кривично дело, неовластено производство и пуштање во промет на дроги, сè уште не е донесена јавно-обвинителска одлука.

„Дел од осомничените се сослушани, а предметот се работи во редовна постапка“, велат од обвинителството.

БИРН се обрати до компанијата „Реј 3“, која е во заедничко сопствеништво на Салилари и на семејството Капри и побара коментар за кривичната истрага што против нив се води во Македонија, меѓутоа нема никаква реакција до објавувањето на овој текст.

Јагодински тајкун со контроверзно минатo

Извадок од Белата книга на српското МВР од 2001 година | Фото: БИРН

БИРН, пред две години пишуваше за спорната плантажа на инвеститорот од Србија, Предраг Колувија, кој во својата татковина е гонет за нелегално производство на марихуана.

Нашето ново истражување откри дека од северниот сосед се подготвувала уште една инвестиција, која е спорна на сличен начин како албанските инвеститори во охридско-струшкиот регион.

Србин обвинуван и приведуван за трговија со дрога и негов сонародник осомничен за перење пари овде во Македонија пред пет години, преку заедничка фирма добиле дозвола за одгледување медицински канабис во Гевгелија. Станува збор за контроверзните бизнисмени Небојша Михајловиќ од Јагодина и Владимир Стојиновиќ, инаку Србин со грчки пасош.

Србин обвинуван и приведуван за трговија со дрога и негов сонародник осомничен за перење пари овде во Македонија пред пет години, преку заедничка фирма добиле дозвола за одгледување медицински канабис во Гевгелија

Михајловиќ, во меѓувреме, починал, но тоа не го менува фактот дека своевремено Македонија без проблем дозволила тој да инвестира во канабис.

Пролетта 2018 година, Михајловиќ и Стојиновиќ ја формирале македонската фирма „Ботаникуе“ преку фирмата со седиште во Јагодина – „Икс-трејд“, додека одобрението за одгледување канабис го добиле дури по две и пол години, при крајот на 2020 година.

Небојша Михајловиќ, во моментот на формирањето на „Ботаникуе“ имал нешто повеќе од половината од сопствеништвото.

Тој бил исклучително контроверзна личност.

Најконкретниот наод за криминалното минато на Михајловиќ се наоѓа во Белата книга на српската полиција, во врска со организираниот криминал од 2001 година. Според овој документ, тој бил дел од јагодинската група, чија главна активност била шверцот на хероин на територијата на Србија, Австрија и на Германија.

„Покрај водачот на групата, Ѓорѓе Меховиќ, најзначајно место во групата зазема Небојша Михајловиќ-Трта“, стои во Белата книга на српското МВР, во која БИРН имаше увид.

Но, ова не е целото досие на човекот со прекар Трта.

Нешто подоцна, српските медиуми информирале дека во неговата куќа бил пронајден околу килограм хероин и оти му се суди поради тоа. Сега судот во Белград, за БИРН, го потврди тоа, дека Михајловиќ бил гонет за неовластено производство и пуштање во промет на дрога и за неовластено носење и продажба на оружје и муниција. Судењето немало разрешница зашто во јуни 2004 запрела кривичната постапка откако заменик-обвинителот се повлекол од гонење.

Српските медиуми, пред речиси две децении пишувале и дека Михајловиќ многупати бил приведуван, но дека затворска казна од неколку месеци отслужил само за време на акцијата „Сабја“, и тоа поради трговија со дрога.

Најконкретниот наод за криминалното минато на Михајловиќ се наоѓа во Белата книга на српската полиција, во врска со организираниот криминал од 2001 година. Според овој документ, тој бил дел од јагодинската група, чија главна активност била шверцот на хероин

Врховниот суд во Белград не одговори на нашето прашање дали имало уште некоја друга кривична постапка против Михајловиќ.

Во последнава деценија, тој повеќе бил познат како инвеститор во Јагодина. Имал бензинска пумпа, градел згради, а во 2019 година ја купил и старата Јагодинска пиварница во стечај, аквизиција што предизвикала бурни реакции во српската јавност.

„На огласот за купување на најстарата фабрика во Србија се јавила јагодинската фирма ‘Икс-трејд’ и за пиварата, чија официјална проценета вредност е околу шест милиони евра, понудила 420.00 евра“, објави „Инсајдер“, повикувајќи се на информации од тамошните институции.

Иако на интернет-сајтот на „Ботаникуе“ се добива впечаток дека фирмата на Михајловиќ веќе одгледува канабис во индустриската зона „Прдејци“, сепак, според надлежната комисија во Министерството за здравство, компанијата официјално не пријавила дека набавила семе и оти почнала да работи.

И од компанијата „Ботаникуе“ не одговорија на нашите прашања поврзани со нивните планови за бизнисот во Македонија и со минатото на Небојша Михајловиќ, иако и тие се согласија да ги добијат прашањата.

Осомничен во „Актор“ и ортак на „Ексико“

Оранжеријата близу Гевгелија каде српската компанија X-trade планира да сади марихуана | Фото: www.botanikue.mk

Бизнис-партнер на Михајловиќ во Србија, а со тоа и во Македонија, до 2019 му бил сонародникот со грчки пасош, Владимир Стојиновиќ. Тој, во македонскиот бизнис-регистар е запишан како Влантимир Стогиновитс. Така се транскрибирани неговите име и презиме од грчкиот пасош.

Поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) го сомничеше Стојиновиќ во случајот со изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, предмет познат како „Актор“. Таму сомнежот беше дека се „испумпувале“ пари од проектот преку градежните работници.

Прво СЈО, а сега регуларното обвинителство го товари Стојиновиќ дека перел пари преку неговата постара македонска фирма.

Поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) го сомничеше Стојиновиќ во случајот со изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, предмет познат како „Актор“. Таму сомнежот беше дека се „испумпувале“ пари од проектот преку градежните работници

Специјалното обвинителство, објавувајќи ја истрагата за автопатот Демир Капија – Смоквица во 2018 година, соопшти дека ги испитува трансакциите од сметките на „Актор“ на контото на македонската фирма на Стојиновиќ, „Инвикта“, на која биле префрлени околу три милиони евра.

„Околу 580.000 евра, веднаш по приливот во готовина му биле исплатени на осомничениот В.С. по основ на дивиденда по што се прикрива понатамошната локација и движењето на парите“, соопшти тогаш СЈО.

Според информациите на БИРН, случајот „Актор“ сè уште е во фаза на истрага, меѓутоа најверојатно ќе се подели на два дела.

Првиот ќе го докажува местењето на тендерот во корист на грчката фирма и тој, според нашите информации, има шанси да влезе во судница, додека вториот, што се однесува на перењето пари, во кој е инволвиран Владимир Стојиновиќ и други грчки државјани, најверојатно ќе ѝ биде предаден на соседна Грција.

Стојиновиќ, велат нашите извори, бил неколку пати на распит во СЈО.

Интересно е дека тој во 2015 година, додека сè уште се градеше автопатот, отворил фирма заедно со можеби најпопуларната офшор-компанија во Македонија, „Ексико“, за која сега веќе се знае дека е на семејството на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

БИРН не успеа да го контактира Стојиновиќ. Неговите фирми во Скопје веќе не се на старите локации, а неуспешен беше обидот да зборуваме со него и преку негов поранешен вработен.

Надзор без надзор

Наодот на полицијата по упадот на пластеникот во регионот на Струга | Фото: МВР

„Очекуваме над 250 милиони евра од производството, што ќе значи развој на земјата и нови работни места“, ова е една од изјавите на поранешниот премиер Зоран Заев, со кои ги мотивираше потенцијалните инвеститори да се вклучат во македонската авантура со марихуана.

Промоцијата имаше силен ефект.

Ако до 2017 година само неколку фирми имаа лиценци за одгледување марихуана, по мандатот на Заев, повеќе од 60 компании добија дозволи, додека половината од нив веќе ја садат оваа психотропна супстанција.

Меѓутоа, покрај речиси непостоечкиот безбедносен ветинг на инвеститори, Македонија во годините зад нас не изгради сериозен систем за надзор на плантажите со марихуана.

Таа задача се уште ѝ е препуштена на петчлена комисија, која не е постојано тело, туку е формирана од претставници на неколку институции

Вака слабо екипираната комисија има премногу работа. Покрај тоа што оценува дали фирмите се подготвени за садење марихуана, таа треба да има увид во развојот на буквално секое засадено стебло и двапати годишно да ги контролира одгледувачите.

Покрај речиси непостоечкиот безбедносен ветинг на инвеститори, Македонија во годините зад нас не изгради сериозен систем за надзор на плантажите со марихуана

Од комисијата постојано реагираа дека со зголемувањето на бројот на активни фирми сѐ потешка е контролата . Тоа резултираше со рации, не само во Струга и во Охрид, туку и во Крушево и во Струмица, каде што беше крадена марихуаната од магацините на една оранжерија и каде што полицијата пронајде тон и половина непријавен канабис во другата плантажа.

„Петмина сме, не можеме секаде да стигнеме “, коментираа од комисијата.

Државата е свесна за овој проблем, меѓутоа не успева да го реши.

Владата предвиде законски промени со кои работата на комисијата би ја презела професионална агенција, меѓутоа измените повеќе од две години се заглавени во собраниските лавиринти.

 

Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за справување со нелегални финансиски текови, имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. 

Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.