Balkan Insight

„Бев немоќнa“: Србинките зборуваат за катастрофалното влијание на одмаздничко порно

Повеќе од дваесет жени од Србија, жртви на одмаздничко порно, раскажуваат за шокот, стравот и срамот

Марина [не нејзиното вистинско име] живее во постојан страв дека видеото може повторно да се појави.

„Напиши „Марина од Белград“ на Порнхаб“, ѝ рекол нејзиниот поранешен дечко, една година откако раскинале. Нејзиниот свет се урнал кога го видела порнографското видео од себе.

„Почнав да плачам и да го прашувам зошто го направил тоа, кога било снимано. Бев толку исплашена и збунета“, изјави Марина за БИРН.

Марина ѝ се доверила на својата сестра и на една пријателка за одмаздничкото порно. Трите заедно напишале имејл до порностраницата, со барање видеото да биде отстрането. Порнхаб, веб-страница што има над 130 милиони посети дневно, го направиле тоа. Но, неколку дена подоцна, видеото се вратило на сајтот под друг наслов.

Таа повторно се обратила на Порнхаб и оттогаш видеото исчезнало. Сепак, Марина живее со заканата дека трауматичното видео може повторно да се појави во кое било време. Порнхаб не одговори на барањето за коментар.

„Не зборувам за тоа со многу луѓе“, објасни Марина. „Чувствувам дека сите би ме осудиле доколку би дознале и би ме обвиниле затоа што не го пријавив случајот или што не направив повеќе за тоа“.

„Сакам да плачам кога ќе помислам на тоа и денес. Некако ме потсетува колку сум или колку бев немоќна“.

Марина е една од 28-те жени од Србија што БИРН ги интервјуираше за нивните искуства со одмаздничко порно. Некои од нив рекоа дека интимните видеа од нив се шират на телеграм-групи со десетици илјади членови, а други, пак, велат дека нивните видеа се шират на порносајтовите.

Преку повеќемесечно следење на групите на Телеграм и анализа на податоци од полицијата и обвинителството, се добива слика на систематски проблем на српскиот правен систем, кој не успева да ги заштити жртвите на одмаздничко порно, форма на родово базирано насилство.

Жртвите се изложени на уцена, јавно срамотење и емоционална траума, а малкумина од нив имаат ресурси да се борат за правда.

Денес, експлицитни фотографии и видеа од Србинки се споделуваат во најмалку 16 групи на Телеграм, а најголемата група има речиси 50.000 членови, откри БИРН.

„Чувствувате дека целиот свет ќе ви се урне ако некој го види, го најде и потоа го препрати на други места“, изјави друга жртва, 28-годишна жена од српскиот главен град, Белград. „Бев ужасната и исплашена цел месец; се тресев на секоја порака и повик“.

Ниту една од жртвите цитирани во оваа приказна не се идентификувани со нивните вистински имиња за да се заштити нивната приватност.

Безбедно место за насилници

Телеграм групи во кои се споделува одмазничко порно | Инфографик: БИРН

Терминот „одмаздничко порно“ се однесува на споделување приватни, сексуално експлицитни фотографии или видеа на друго лице без нивна согласност, често со цел овие злоупотребени материјали да предизвикаат срам или вознемиреност. Некои активисти, специјализирани во оваа област, велат дека попрецизен термин би бил „сексуална злоупотреба заснована на слики“.

Користејќи напредни ботови за пребарување, БИРН вршеше мониторинг на Телеграм неколку месеци и успеа да идентификува 13 активни групи во кои се споделува приватен, експлицитен материјал, каде што илјадници корисници постираат содржини секојдневно.

Во еден момент таму имаше и видео од Јелена.

Јелена, за БИРН, изјави дека била во подолга врска кога почнала да се сомнева дека нејзиното момче има скриени камери во станот што го делеле.

„Поминувавме повеќе време во тој стан, имавме секс во спалната соба, а тој сето тоа го снимал и подоцна го гледал“, рече таа. Нејзиниот дечко ѝ признал за ова и ѝ ги покажал сите снимки.

„Меѓу тие фајлови имаше снимка од секој ден во минатата година, и тоа не беа видеа само со мене, туку и со разни други девојки“, рече таа. Нејзиното момче се заканувало дека ќе ги објави видеата доколку таа го пријави во полиција. И покрај тоа, Јелена двапати отишла во полиција. Но, во двата наврати, полицајците се сомневале во нејзиниот исказ и одбиле да го пребараат станот, наведувајќи недостиг од доволно докази.

Потоа ѝ се јавил пријател да ѝ каже дека се споделува видео од нејзе во група на Телеграм.

„[Дечко ми] објавил видеа во затворена група, каде што можете да влезете само ако имате покана“, изјави Јелена за БИРН.

Корисниците во овие групи уживаат целосна анонимност, а пораки се испраќаат речиси секоја минута. Дел од пораките се со фотографии или видеа, кои се очигледно преземени од порно веб-страници, но во други пораки се испраќаат материјали што изгледаат како приватни видеа и слики.

Нема информации за тоа како е создадена содржината или дали луѓето во испратените видеа и фотографии дале дозвола за нивно споделување. Меѓутоа, често има некои други информации, како линкови до инстаграм-профили на жените или нивните броеви на апликациите Вибер или Ватсап.

Ова често резултира со голем број пораки од анонимни мажи, кои бараат секс од жените чии лични информации биле злоупотребени.

Условите за користење на Телеграм забрануваат споделување „незаконски порнографски содржини на јавно видливи канали на Телеграм“. Платформата има имејл адреса преку која корисниците можат да пријават таква содржина.

Оваа истрага, сепак, покажува дека некои телеграм-групи во Србија неказнето ги прекршуваат тие правила.

Во писмен одговор до БИРН, вработен, одговорен за комуникација со медиуми на Телеграм, напиша дека „од самото лансирање, Телеграм активно ја модерира штетната содржина на својата платформа – вклучително и објавувањето одмаздничко порно“.

„Нашите модератори проактивно ги следат јавните делови од апликацијата и, исто така, прифаќаат извештаи од корисниците со цел да се отстрани содржината што ги прекршува нашите услови“.

Правни проблеми

Статистики за гонење заради одмазничко порно и слични кривични дела | Инфографик: БИРН

Одмаздничкото порно, само по себе, не е дефинирано како кривично дело во Србија.

За да се вклучи полицијата или обвинителството, случајот треба да вклучува елементи на уцена, вознемирување или демнење. Во спротивно, жртвите треба да покренат приватна тужба во рок од три месеци од откривањето на содржината.

Токму тоа ѝ било кажано од страна на полициски службеник на Ивана, откако на 19-годишна возраст отишла во полиција да го пријави поранешното момче.

Нивното раскинување резултирало со повеќемесечно демнење, кое станало толку интензивно што Ивана морала да се пресели во нов стан и да го блокира поранешното момче на сите нејзини профили на социјалните мрежи. Но, тој продолжил да ѝ испраќа мејлови и да го контактира нејзиното семејство, пред конечно да се закани со објавување интимно видео од нив заедно.

Заканата била реална. Една вечер, Ивана вели, одеднаш добила 100 барања за пријателство на Фејсбук од непознати луѓе, многу од нив со навредливи пораки. По ова следеше, рече таа, „неколку дена тортура и плачење, грижејќи се за тоа кој ќе го види видеото“.

Со помош на пријатели, Ивана решила да проба да го отстрани видеото од различни веб-страници. Потоа отишла во полиција.

„Инспекторот ме сослуша. Не ме обвини за ништо, особено затоа што му кажав за насилството во врската и рече дека ќе му се јави [поранешното момче], но дека не може многу да направи“, рече Ивана. „Доколку сакав, морав да поднесам приватна тужба, бидејќи тој го објавил видеото без дозвола“.

Откако полицискиот службеник разговарал со поранешното момче, вознемирувањето престанало.

„Ако некоја жена може да извади порака од моето искуство, тоа е дека никој нема право никому да му го прави ова и дека никој не „заслужува“ вакво нешто“, изјави Ивана за БИРН.

Мирјана Стајковац, обвинителка за високотехнолошки криминал, рече дека одмаздничката порнографија треба да се дефинира како кривично дело според српскиот закон.

„Секој има право да испрати свој интимен материјал на други. Но, оваа пракса отвори нови врати за злоупотреба. Лицето [чии материјали се злоупотребени] често трпи последици, кои можат да бидат погубни за нивното ментално здравје и за членовите на нивното семејство“, изјави Стајковац за БИРН.

Во мај 2022 година, Автономниот женски центар, невладина организација, поднесе иницијатива до српското Министерство за правда, со која бара одмаздничката порнографија да биде вклучена во Кривичниот законик, но овој обид не резултираше со ништо.

Од Центарот велат дека добиваат најмалку еден повик неделно од жени од сите возрасти што биле жртви на овој проблем.

Многу од жените што ги споделија своите искуства со БИРН рекоа дека биле во посветени врски и им верувале на своите партнери кога се согласиле да бидат фотографирани или снимени. Тие рекоа дека верувале дека снимањето било „еднократно“ и дека материјалот би бил избришан.

Оливера со години живеела со својот партнер со кој заедно има дете.

Кога побарал да ја фотографира гола, таа не се двоумела. Граделе заеднички живот и му верувала, вели таа.

„Во ниту еден момент не помислив ништо негативно“, изјави Оливера за БИРН. „Тој ми купи секакви халтери, градници, гаќички, садо-мазохистичка опрема, чорапи и многу друга облека.

Тие ги гледале фотографиите заедно, а таа верувала дека тој потоа ги избришал. Но, тој не го направил тоа.

По девет години, Оливера ја прекинала врската. Шест месеци подоцна добила порака од нејзиниот поранешен партнер со скриншотови од нејзини фотографии, објавени на порносајт. Тој дури ги испратил истите слики на нејзината мајка, браќата, пријателите и машките роднини.

Оливера отишла во полиција да го пријави случајот. На крај, таа добила целосно старателство на нивното дете и на нејзиниот поранешен партнер му било забрането да ѝ се приближува или да ја контактира на кој било начин. „Многу грда, тажна и непријатна ситуација, но ја пребродив; животот продолжува“, рече таа.

Жртви се и малолетнички

Обвинителка за високотехнолошки криминал Мирјана Стајковац | Фото: Стефан Миливоевиќ

Некои од жените што ги интервјуираше БИРН биле малолетни кога станале жртви на одмаздничко порно.

Катарина имала 15 години кога почнала да излегува со 18-годишник од еден мал град во Србија. Зборувале за секс, но Катарина му кажала дека не е подготвена за тоа и верувала дека тој ја разбрал.

По неколку месеци, заедно отишле на планината Тара во Србија, каде што Катарина качила температура. Испила шолја чај и заспала. Денес, таа смета дека нејзиното тогашно момче ја издрогирало.

Таа не се сеќава на ништо од таа вечер, но откако Катарина му раскинала неколку месеци подоцна, се појавило видео од неа на безброј порносајтови и во телеграм-групи. Катарина не знаела дека видеото воопшто било снимено.

„Можете да ме видите мене на видеото, но не и него. Не се гледа ништо друго, освен неговите гениталии“, изјави таа за БИРН. „Тој ѝ напиша на сестра ми дека тоа го направил за да ме превоспита, бидејќи како сум можела да се осмелам да му раскинам“.

Покрај видеото стоело целото име на Катарина, нејзиниот роден град, нејзиниот инстаграм-профил и нејзиниот телефонски број. Катарина неколкупати отишла во полиција, но никој не ги сослушал нејзините поплаки.

„Тие рекоа дека претерувам бидејќи тогаш сè уште бевме во врска. Па, можеби тој не можел да чека повеќе затоа што е маж и има свои потреби“, рече Катарина, потсетувајќи се на реакцијата на полицијата за нејзиниот случај.

„Поминаа повеќе од три години и конечно почнав да се борам со проблемите во мојата глава дури сега кога се преселив во друг град. Последиците се трајни и никој не реагираше“.

Со само четиричлен персонал, Обвинителството за високотехнолошки криминал е единствената институција што се занимава со вакви случаи. Тие секојдневно прегледуваат извештаи за одмаздничко порно.

Еден од случаите што ги води обвинителството што се однесува на Телеграм, се одолжува приближно две години. Но, случајот се истражува како детска порнографија, а не конкретно како одмаздничка порнографија, дознава БИРН.

Телеграм групата „Нишлијке“ [Жените од Ниш] првично беше разоткриена од една од нејзините жртви, Сташа Ивковиќ, која на Твитер објави дека нејзина слика и профил на еден социјален медиум кружеле во групата. Полицијата го уапси администраторот на групата, Немања Стојиљковиќ, во март 2021 година, но случајот е сè уште во тек.

„Многу од жртвите со кои разговарав беа многу вознемирени“, рече Стајковац. „Повеќето од нив плачеа додека сведочеа, што беше многу вознемирувачко и за мене. Навистина им верувам“.

Жртвите, рече таа, треба да ги зачуваат доказите веднаш штом ќе откријат дека нешто се случило – скриншотови на пораки, слики, онлајн-објави и профили од кои била испратена содржината.

„Треба да снимат сè и да не го туркаат под тепих, верувајќи дека бурата ќе помине. Нема да помине, а последиците можат да бидат страшни“.

Жртвите треба да одат во најблиската полициска станица и да го предадат телефонот на вештачење, рече таа. Таа, исто така, препорачува да се земе секој сведок што би можел да го потврди нивниот исказ.

„Овие дејствија за нас се криминални дела и нема да гледаме лесно на тоа како општествен феномен што не треба да се санкционира“, рече Стајковац за БИРН.

„Тие луѓе нема да можат така лесно да се опуштат и да мислат дека можат да прават што сакаат. Ако предаторот почувствува дека некој му е на опашката и го брка, ќе направи грешка, а ние ќе го фатиме во таа грешка“.

Aвтор: Анџела Миливојевиќ