Истражувањa

Ред наредби за уривање, два реда цигли

Антикорупциска отворила случај за објектот што го гради таткото на аналитичарот Алберт Муслиу

„Доаѓа инспектор од Општина Центар, двапати пишува решение за уривање, меѓутоа објектот не се урива и продолжува да се гради“, кажа неодамна претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, на Телевизија 21, реферирајќи на случајот со, како што рече, „еден познат човек“.

„Уште мајсторите им пуштаат предизвикувачка музика на околните граѓани дека законот ништо не им може. На што личи тоа? Срамота!“, додаде таа.

Познатиот човек е политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, а објектот се наоѓа спроти Kлиничкиот центар, во тесните улички преку Водњанска. За тие улички веќе пишувавме дека се дел од тивкото маало што во последниве години се трансформираше во бетонски кањон од згради, каде што сонцето продира само напладне.

Инспекторот, во два наврати извршил надзор и заклучил дека зградата е повисока и во одредени делови поширока од дозволеното, но решенијата за уривање паѓаат

Објектот за кој говори претседателката на ДКСК го гради фирмата „Прагматика“. Сопственик на фирмата е пензионираниот наставник од Гостивар, Гафур Муслиу, инаку татко на Алберт, кој, пак, од 2012 не фигурира во документите на компанијата-инвеститор.

Сепак, во извештаите на градежната инспекција, како претставник на „Прагматика“, е наведено името на познатиот аналитичар.

„Знам дека ми го напишале името, ама не знам зошто го направиле тоа, треба од општината да објаснат. Известен е инспекторот дека јас немам врска со таа фирма“, рече тој во разговор со БИРН.

Градежниот инспектор, во два наврати извршил инспекција и заклучил дека зградата е повисока и во одредени делови (еркерите) поширока од дозволеното, но решенијата за уривање паѓаат на второстепена комисија каде што инвеститорот се жали.

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, за БИРН, потврди дека комисијата ја побарала целата документација и дека ДКСК отворила случај.

Кат повеќе или дискриминација?

Спорната зграда на семејството Муслиу | Фото: В.А.

Во меѓувреме, соседите ги алармираат сите политички чинители. Покрај на општината, им пишале и на премиерот, и на претседателот.

„Со вакво градење ќе има сè повеќе луѓе на улицата, а не знаеме дали канализацијата и водоводните цевки можат да издржат живот на уште домаќинства. А, тоа дека и без нив имаме проблем со паркирањето, тоа е друг муабет“, се пожали во разговор со БИРН, Мими Јанчева, која во јавноста ги застапува повеќето жители на уличката Владимир Назор во подножјето на скопско Водно.

Муслиу, во реакциите препознава дискриминација врз национална основа.

„Сте виделе ли дека на таа улица има и други и повисоки објекти од семејната куќа што ја гради татко ми. Тие не се проблем?“

Објектот има и втор потпокрив, кој е видлив, иако мајсторите се обиделе да го маскираат со фасадата на која има голем прозорец

„Или можеби проблем е тоа што татко ми зборува на различен јазик од сите таму“, коментира Муслиу.

Тој аргументира дека само 50 метри подалеку од семејната зграда има повисок објект со пет ката.

Зградата за која зборува Муслиу навистина е највисоката на улицата Владимир Назор, меѓутоа, според урбанистичкиот план, таа е од друга категорија градба што дозволува повеќе катови. Неговата семејна зграда, пак, има категорија А1 – семејно домување, што значи дека на семејниот плац на Муслиу смее да се гради исклучиво објект со приземје, два ката и само со еден единствен потпокрив.

Меѓутоа, објектот има и втор потпокрив, кој е видлив, иако мајсторите се обиделе да го маскираат со фасадата на која има голем прозорец, со што би се добил впечаток дека сето тоа е едно, а не две нивоа.

Градежниот инспектор, во двата наврати утврдил дека инвеститорот недозволено доградува втор потпокрив и дека ги пуштил катовите во ширина повеќе од дозволеното, наместо 80, цели 160 сантиметри и така го зголемил габаритот.

„Прагматика“ во жалбите аргументира дека доградбата е дозволена зашто поднела барање за измени во градба уште во ноември 2021, меѓутоа, како што инспекцијата констатирала, фирмата го повлекла барањето во февруари 2022, неколку месеци пред да се направи увидот на терен.

Формата поважна од суштината

Тивкото маало претворено во бетонски кањон | Фото: БИРН/Г.Т.

Инспекторот лани и во мај, и во септември му наредил на инвеститорот да престане со градење и да го отстрани дополнителното ниво и да ги „собере“ испакнатите еркери.

Арно ама, решенијата на инспекторот се со „фабричка грешка“, односно тие се процедурално спорни и откако „Прагматика“ ќе се пожали, Државната комисија за одлучување во втор степен, во областа на инспекцискиот надзор го враќала случајот на повторно одлучување.

БИРН ги обезбеди и двете решенија на комисијата.

Во нив се наведува дека жалбата се прифаќа поради процедурални грешки, а не поради забелешките на инвеститорот, кој тврди дека практично сè било во ред со зградата.

Првиот пат комисијата утврдила дека лани во мај, инспекторот не го почитувал законскиот рок во кој се предвидува да се информира инвеститорот за записникот и да одговори, додека во вториот случај, минатиот септември, комисијата пронашла грешка во „чекори“ – инспекторот, пишувајќи ја наредбата, не ја усогласил аргументацијата со членот од законот што го цитирал.

Решенијата на инспекторот се со „фабричка грешка“ и откако „Прагматика“ ќе се пожали, второстепената комисија враќала случајот на повторно одлучување

БИРН побара Секторот за инспекциски работи на Општина Центар да ги објасни процедуралните пропусти поради кои случајот никако да добие завршница, но конкретен одговор не добивме.

Во писмениот одговор за првото решение ни кажаа:

„На самиот објект, во три обиди остави покани до инвеститорот (член 67-70 од ЗОУП) за увид во документацијата и произнесување, за инвеститорот да дојде во просториите на Секторот за инспекциски работи при Општина Центар, но инвеститорот не се јави на увид и произнесување, и поради тоа, а со цел да се спречи понатамошното градење се донесе Решение за прекин, согласно член 133 од Законот за градење и усогласување на градбата со издадената техничка документација“.

Во секој случај, законските рокови не биле исцрпени, а според нашите информации, решението за уривање не било испратено до инвеститорот со повратница која би го решила проблемот со одбивањето да се прими известувањето.

Објаснувањето зошто паднало и второто инспекторско решение е малку посложено.

Од анализата на документацијата од второстепената комисија произлегува дека инспекторот во процедурата требало да го искористи зборот „усогласи“, кој е содржан во членот 133 од законот, а не зборот „отстрани“, кој се спомнува во членот 134.

На што од Секторот за инспекциски работи при Општина Центар реплицираат:

„Од причина што дел од градбата е дополнителен кат, кој е изграден надвор од одобрениот проект, единствен начин за усогласување на градбата со одобрениот проект би било со отстранување на диво изградениот дополнителен кат“.

„Ако решенијата паѓаат поради формалности, тоа не значи дека и во суштината се точни и веродостојни“, коментираше Муслиу, соочен со нашата констатација дека решенијата паѓаат поради процедурални грешки, а не поради погрешен наод на терен.

„Прагматика“, во жалбите аргументира дека доградбата е дозволена зашто поднела барање за измени во градба уште во ноември 2021, меѓутоа, како што инспекцијата констатирала, фирмата го повлекла барањето во февруари 2022, неколку месеци пред да се направи увидот на терен.

Познато ТВ-лице

Познато телевизиско лице | Фото: 360 степени

Луѓето го препознаваат Муслиу како аналитичар што често се појавува на телевизија.

Политички сензибилизираната јавност знае да го смести на левиот идеолошки спектар, близок до владејачкиот СДСМ, а тој впечаток се засилува и со тоа што на ТВ-дебатите спаринг-партнери најчесто му се јасно профилирани десничари и луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Како аргумент дека тој е близок со СДСМ често се користи и тоа што во одреден период, по 2017 беше член на управниот одбор на Фондот на холокаустот, поставен од владата со потпис на Зоран Заев. Иако станува збор за неплатена функција, именувањето беше уште една причина дел од јавноста да го врзува со социјалдемократите.

Експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Заев, во телевизиска емисија, во која беше присутен и самиот Муслиу, откри дека името на овој аналитичар било во игра како претседателски кандидат пред четири години.

Аргумент плус беше и тоа што владата пред две години го прати неговиот син, Петрит Муслиу во Чикаго, како генерален конзул.

Впрочем, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во серијалот „Тајни имоти на функционери на СДСМ“, по грешка или не, го наведува и имотот на Муслиу.

Трет инспекциски надзор

Во недостиг од дефинитивен одговор на прашањето дали присуството во медиумите и блискоста со партијата на власт има врска со паѓањето на инспекциските решенија, дали процедуралните грешки се случајни или намерни, урбанисти за БИРН коментираат дека она што е вишок изградено, ќе мора во одреден момент да се отстрани и дека нема административна постапка што доградениот дел може да го легализира.

„Инвеститорот и да бара промени во тек на градба и утре да се смени деталниот урбанистички план и да му овозможува повисока зграда, тој ќе мора прво да ја врати градбата во првобитната позиција, па потоа да доградува“, објаснуваат тие.

Општина Центар информира дека инспектор на почетокот од февруари направил уште еден надзор на зградата, и тоа со ист наод. Решението е испратено до инвеститорот. Со повратница.