Една неодамнешна посета на Јужноамериканската држава, Бразил ме потсети на значењето на истражувачкото новинарство-колкава храброст е потребна да се открие скандал во држава во која пукањето е скоро нормална појава и не е ништо невообичаено да се види мало дете со пиштол во рацете, кој за жал, не е играчка. Но, ете и таму има колеги кои се осмелуваат да проговорат за неправдите, за валканите игри, за нешто што се крие под површината-а тоа се фактите до кои се доаѓа преку „копањето“ под површината, преку неуморната работа, преку преданоста да се биде новинар, а не чист пренесувач на информации, кажано со два збора- преку истражувачкото новинарство.
Нашите колеги во Бразил во 2011 се закитија со прочуената „Глобал Шајнинг“ награда која се доделува за исклучителни достигнувања во истражувачкото новинарство. И навистина е исклучително тоа што Џејмс Алберти, Катја Брембати, Карлос Колбах и Габриел Табатчејк од „Газета до Пово“ и Телевизијата „ПРЦ“ поминаа цели две години создавајќи дата база за злоупотребата на 400 милиони долари од страна на Собранието во бразилската држава Парана. Серијата написи за „Тајните дневници“ во кои се опишуваа фиктивните вработувања и паралелната документација во Парана, во 2010 година предизвика масовни анти-корупциски демонстрации во Бразил, каде 30.000 луѓе излегоа на улиците да го изразат својот револт поради злоупотребите на јавните фондови. Случајот заврши со најмалку 20 истраги поврзани со криминал.
Сепак, ова не е единствениот случај во историјата на новинарството каде се рефлектира вистинското значење на истражувачкото новинарство. Примери има безброј, преку последните со скандалот со империјата на Руперт Мурдок и „Њус оф д ворлд“ и случајот со Едвард Сноуден, па се до аферата „Вотергејт“ и новинарите на Вашингтон Пост, кои не застанаа со истражување на првичните информации кои ги добија од „Длабокото грло“ за инволвираноста на администрацијата на американскиот претседател Ричард Никсон во целата афера.
Да не беше истражувачкото новинарство, ниту еден од овие примери немаше да ја види светлината на денот. Деталите од овие случаи ќе останеа можеби само бројки во нечии полициски извештаи, под слојот прашина наредени во институционалните архиви. А погрешното однесување на властите во општествата ќе останеше непроменето, па дури и традиција во годините што ќе следат. Се ќе поминеше незабележано, без каква било одговорност од страна на оние што носат одлуки и одлучуваат во име на граѓаните за нивната иднина, за иднината на следните генерации.
Ако е така, тогаш се поставува прашањето зошто ни е потребно истражувачкото новинарство? Зошто да немаме само пренесувачи на информации, презентирање на она што ќе ни се нуди од страна на институциите, на носителите на функции, на одлуките во наше име? Одговорот, барем според мене е едноставен-затоа што тоа е она што не разликува и што прави разлика во однос на новинарството во целина. Тоа е она што не прави „седма сила“, сила која би требало да ги држи властите и моќните „одговорни“, да отсликува како и дали се кршат законите и правилата и да укаже на грешните практики, а со тоа да се придонесе кон подобра клима во општеството и зајакнување на демократските процеси. Тоа е нашата одговорност како новинари, ако, и кој ќе се пронајде, се разбира, во новинарството. Затоа не се срамам да кажам дека новинарството не се валозирира, туку се сака. А тоа бара жртви. Понекогаш и големи.
Не само жално туку и срамно е тоа што новинарството барем кај нас во последните години се вмеша во политичко етикетирање и прогласување на „криминалци“ во сопствените редови (без разлика на причините) со што се одвлекува вниманието од вистинските теми-оние за кои ние постоиме-да и служиме на јавноста. Да им помогнеме на граѓаните во битката за подобар живот, за подобри општества, за подобри генерации, да го извлечеме најдоброто од нас и да помогнеме на други. Да помогнеме во откривање на вистината, но онаа „вистинската вистина“, а не онаа која ќе биде во служба на нечии политички или бизнис интереси, само за да се извлечат придобивки за медиумот во кој се работи. Колку и да изгледа болно, тоа е немерливата љубов кон новинарството, која понекогаш се коси со сопственичките интереси, и е навистина дискутабилно каде завршуваат, а каде почнуваат границите на бизнис логиката, а каде онаа на новинарството.
Се сеќавам некогаш во новинарството постоеше вистински натпреварувачки дух за тоа кој прв ќе објави некоја информација, за утредента да се чуствуваме како вистински победници. Небаре сме се бореле во некаква битка. И со ништо не можеше да се опише чувството кога поради објавен текст, одговорните ќе ја сменеа одлуката или пак ќе направија нешто опипливо за што само новинарот ќе беше свесен дека е негова заслуга. И се гордеевме со тоа. Таквото чувство не може едноставно да се опише со зборови, ниту пак да се пренесе на некој колега доколку тој самиот не почуствува потреба да се издигне над секојдневното, „информирачко“ новинарство. А тие височини ќе ги достигне кога конечно ќе сфати дека-моќниците се менливи, новинарството е вечно!
Авторката е новинар