Долгата, насилна и авторитарна злоупотреба на власта, која ја гледавме и чувствувавме долго, конечно за да ја слушнеме низ снимените разговори пред една година, за мене претставува повеќе од добра причина да се протестира.
Соочени со злоупотреби и пречекорувања кои се гледаат од авион, а се слушаат на снимките, не ни остана дилема дека незаземениот став е поопасен од отворено и јавно заземениот со кој се искажува несогласување. Незаземениот став е еднаков на согласување.
За мене е прашање на граѓанска должност и морален императив да не се согласувам со она што го прави власта:
Организира судски процеси и осудува недолжни луѓе;
Мести избори;
Наменски создава етнички и социјални поларизации и тензии;
Окупира медиуми и ги претвори во пропагандистички билборди преку кои со шири „официјална вистина“;
Контролира тендери, именува, вработува, разрешува, урива;
Организира контрапротести со сендвичи,
Заплашува и казнува, нарачува „шамари“ за политичките противници;
Создава партиска војска од јавната администрација;
Го контролира општеството со користење на сите ресурси во државата.
Јас со ваква началничка Македонија не можам да се согласам. Ако не протестирам против ова, против што ќе протестирам?
Имам и пријатели и познајници кои не протестираат. Некои од нив би сакале, но се плашат од консеквенциите со кои би можеле да се соочат ако бидат видени и препознаени на протестите. Нив можам да ги разберам. Разбирањето и согласувањето секако се две различни работи.
Вторите, имаат лоши искуства од владеењето на минатите влади и/или лоши чувства кон партиите кои ги водеа тие влади, па затоа на протестите гледаат како на партиско/опозициски, односно како на партиска стратегија за доаѓање на власт.
Имам разбирање за овие две групи на луѓе, поради две причини. Првата е, што протестот го сметам за интимен, т.е. личен чин. Втората, е што мотивите ми изгледаат рационално објасниви, па преку емпатија можам и да ги разберам. Државата во моментов е најголемата компанија и најголемиот работодавач, а исто така, можам и да се согласам дека минатите влади не беа најдобри примери за демократичност, отвореност и отчетност.
Третата група луѓе, која не можам воопшто да ја разберам, го користи аргументот дека „сите се исти“- и поради тоа останува дома. Можеби е точно дека сите (политичари) се исти, но ние протестираме, СЕГА и ТУКА против ОВИЕ, бидејќи сега тие се на власт. Минатите власти се минати, бидејќи во еден момент биле сменети. Кога (и ако) „другите“ ќе дојдат на власт, ако владеат лошо – тогаш и против нив ќе протестираме. Но, се плашам дека истиве луѓе и тогаш, во такво сценарио, како и сега – би останале дома, поради аргументот – „сите се исти“. Уште повеќе, се плашам дека и карактерот на владеењето ќе остане ист уште многу долго време, доколку ние како општество не „одработиме“ за да си заслужиме да имаме подобри политичари и власт. На протестот и на јавното несогласување со лоша власт гледам како на единствена шанса нештата да се променат.
Јас не протестирам за да дојде до ротација или смена на началничките постави во власта, туку за да се избориме за слободна, прогресивна и демократска Македонија во која нема да има „началници“. Македонија во која политиката, државата и институциите ќе бидат во служба на општеството и граѓанинот, во која секој политичар е менлив, во која судот на јавноста и граѓаните се оние кои ги контролираат и казнуваат политичарите, а не обратно.
Протестите во Скопје и низ Македонија, вакви какви што се: шарени, граѓански и слободарски се единствениот пат еднаш засекогаш да бидат скротени авторитарните тенденции на политичките партии.
Од друга страна, мислам дека ако протестот сега застане или замре, под притисок на контролираните медиуми кои шират „официјална вистина“ и другите лостови на владеење кои власта ги користи без пардон, можеби за цела една генерација ќе ја изгубиме можноста да изградиме функционална демократија и граѓанско општество.
Масовниот граѓански протест е главниот опонент на „официјалната вистина“ ширена преку контролираните медиуми кои се во функција на систематска пропагандата против критичните елементи во граѓанското општество со цел да обесхрабри, филтрира, или спречи отворена критика на власта.
Во демократијата, граѓаните се во право дури и ако без причина протестираат против владата. Кога властите вака забегуваат – протестот станува оправдан и нужен!