Некаде 2001 – 2002 година неколку членови на здружението на работодавачи во медиумите, кое веќе не постои, стасавме во владата на Љупчо Георгиевски кај тогашниот надежен и реформски министер за финансии Никола Груевски да му предложиме подеднаков и поправеден пристап за субвенции на медиумите од државната каса. И тој и ние бевме изненадени од нашето истражување во колку земји државните и приватни фондови ги помагаат медиумските куќи и на кој начин и со колку при се први тоа. Заблудата дека во пазарната економија нема субвенции на медиуми брзо падна. Видовме дека цела Европска Унија и тоа кај најбогатите и кај тие со најлиберални економии најмногу финансиски и на разни други начини се помагаат медиумите.
Откривме многу лесно, бидејќи тоа беше јавно достапно колку и како преку директна финансиска и друга помош се помагаат весниците, списанијата, радиостаниците сите до една во приватна сопственост, вклучувајќи го, со најмногу пари, и државниот јавен сервис. Имаше таму повеќе прецизно наброени критериуми кога се исполнуваат условите за финансиска поддршка, но и кога не се можни субвенции.
На пример, при увоз на медиумска современа компјутерска технологија и опрема и печатарски машини не се плаќаа никакви царински давачки во многу европски земји и меѓу оние кои не се членки на ЕУ. За медиумите и за новинарите имаше посебни даночни олеснувања, имаше примери на посебни субвенции при дистрибуција на печат во региони каде е неисплатливо да се носат мал број весници и списанија. Дистрибутерите имаа големи попусти при плаќање на патарини за возилата, а некаде транспортот на весници низ руралните региони беше целосно субвенциониран од државата. Дури и најголемите издавачки куќи на весници во кризни ситуации примаа финансиски инјекции во милионски износи, бидејќи некои весници, иако во приватна сопственост и акционерски друштва, преставуваа национална гордост и владите во страв од осуда на јавноста не дозволуваа нивно банкротство, или било каква зависност. Голема поддршка од државата добиваа и бројни некомерцијални изданија на весници, списанија и публицистички проекти.
Проектот не излезе од фиока
Му предложивме тогаш на министерот Груевски цела една програма, многу поскромна во износите од европските, која најтранспарентно ќе се применува и нема да ги доведува медиумите до економска и друга зависност, но, истовремено ќе мора да работат според економските и пазарните закономерности. На Груевски тоа му се допадна и беше подготвен по мое длабоко убедување да го спроведе сето тоа во практика. Мислевме дека еднаш засекогаш ќе симнеме еден голем товар и ќе ги воспоставиме европските правила и стандарди во односите меѓу власта, медиумите и сопствениците. Тие нигде не се идеални и не треба да бидат, бракот меѓу медиумите и политиката секогаш е опасна работа за слободата и демократијата, ама во нормалните земји со медиумска традиција има правила кои се почитуваат и се вградени во професионалните и етичките норми кај секој од учесниците во непреченото и непристрасно информирање на јавноста. Меѓутоа, таа работа со министерот Груевски заврши неславно. Судирите на премиерот Георгиевски со новинарите овој предлог го урнаа уште пред да дојде на дневен ред во владата. Пропадна уште пред да излезе од фиоката на министерот.
Бев многу љубопитен дали Никола Груевски, кога набргу стана премиер, ќе примени нешто од тоа што му се допадна како министер. Но, брзо се уверив дека од сето тоа нема ништо. Напротив, македонските медиуми никогаш не биле позависни и економски и политички отколку во ерата на неговото владеење. Коруптивното финансирање на медиумите стана јавна тајна. Сите во земјата слушнаа за срамните донации на телевизиските газди со рекламно време ексклузивно само за власта и владејачките партии. Владата прерасна во најголем селективен огласувач и работодавач, што апологетите јавно го истакнуваат како голем успех. Сѐ погласни и позастрашувачки се заканите кон оние што се рекламираат во независните и професионални медиуми.
Редовното откривање и прогласување на државни непријатели и странски платеници на поддршката од меѓународни фондации и невладини организации кои ги помагаат медиумите одвај колку да преживеат е денешниот мачен медиумски амбиент во Македонија. Дури и приватните компании се под силен притисок да внимаваат каде огласуваат. Деновиве разбрав како еден познат бизнисмен ја укинал годишната реклама во еден весник само затоа што некој на шега го предупредил газдата на позната компанија како тоа се рекламираш во весник во кој веднаш до твојата рекламна страница има текст против Груевски. Човекот избезумен и блед како крпа кренал слушалка и експресно и ја откажал рекламата за цела година, иако таму се рекламира со години. Остај шега со такви што немаат смисла за хумор, рекол.
Хонорарците најобесправени новинари
Економската зависност на медиумите се диктира и преку еден нов вид на уцени до неодамна непознати во Македонија. Сопствениците на медиуми, кои имаат и други многу поголеми бизниси од медиумскиот, се под постојан стрес и притисок да контролираат што се пишува во нивните медиуми, бидејќи можат да го изгубат главниот бизнис и да претрпат огромни штети. Тендерите и заедничките проекти со владата во другите бизниси директно се одразуваат и на уредувачките политики во медиумите. Толку се метастазирани патиштата во медиумскиот простор што станува невозможно да се направи нормален весник, ТВ програма, радио станица, или интернет портал и тоа да опстане финансиски. Не се контролирани само уредувачките политики, уште поконтролирани се патиштата на парите. Во вакви ситуации помошта од домашните невладини организации и странски фондации, која е наменета за спасување на демократијата и опстанокот на медиумите, е драгоцена и добредојдена. Нивното класификување дека се непријателски, антидржавни и антивладини, само затоа што имаат критички и професионален однос кон сите влади и центри на моќ, е практично удар врз она малку што остана од слободното новинарство. Далеку е поголема штетата врз новинарството што се прави со парите од буџетот што владата ги дели селективно само на подобни медиуми и новинари. Чинам поголемо корумпирање немало во новинарството последните четири децении.
Последниот потег на Груевски да воведе дополнителни давачки врз хонорарните приходи над социјалниот минимум многу ќе ги погоди најсиромашните и најобесправени новинари. Сите што работиме во овој занает знаеме колку тешко и колку малку заработуваат хонорарците. Овие наши колеги се најексплоатираните и онеправдани новинари можеби во цела Европа. Немаат никакви права, ниту се осигурени. Нивните услуги можат до бидат откажани во секој момент. Сегашните реформски мерки на оданочување на нивните трошки нема да ги погоди работодавачите, бидејќи едноставно ќе им се заблагодарат на нивната хонорарна соработка.
Најлесно во редакциите се укинува хонорарната работа и договорите на дело. На овој начин медиумите ќе останат без надворешна соработка што е незамисливо во светот. Природно, ова не се однесува за добрите и послушни медиуми и уредници кои знаат како да си ја одработат работата. Ете, тие медиуми проповедаат дека работеле пазарно, дека имаат голема гледаност, високи тиражи и многу реклами. Да, сето тоа го имаат со благослов на власта. ако го снема благословот не им гине брзо гаснење.
Ова е само еден дел од последиците на економската зависност на македонските медиуми видени од личен агол на авторот.
Текстот е преземен од страницата на Сервисот за проверка на факти во медиумите