Јас Ацо Кабранов, долгогодишен тв новинар, сега уредник во порталот Либертас по „истражувачката“ сторија на провладините медиуми (портали и телевизи) еве јавно им се обраќам на премиерот Никола Груевски, министерката Гордана Јанкулоска и пред сè на првиот човек на УБК Сашо Мијалков, и ги прашувам- КЕ ДОЈДЕТЕ ВИЕ ДА МЕ АПСИТЕ ИЛИ САМ ДА ДОЈДАМ.
Кажете каде и кога, јас сум спремен, оти лице кое што како што се тврди во курирската сторија подгрева меѓуетничка и верска нетрпеливост, работи против уставниот поредок на државата, не требе да биде на слобода, туку од онаа страна на Вашите решетки.
Немам намера да се правдам никому, па ни Вам.
Како што напишав во мојата порака до „колегите“ доволно ми е што образот ми е чист, се надевам дека таков е и Вашиот.
Значи, не се плашам, секогаш професијата ми била над и пред се , и нема ни напис ни лице кое ќе ме уплаши или уцени да ја извртувам вистината.
Тоа им го должам како професионалец на граѓаните на мојата држава, а Вие ако имате докази дека ова што го нашкрабале и го лупетаат на телевизиите за жал мои „колеги“, но ваши а не на професијата измекари, бујрум, уапсете ме.
Или јас да дојдам сам,
со почит,
Ацо Кабранов