„Ние во континуитет тврдиме дека оваа власт е една од најкриминалните власти кои ги познава историјата на оваа држава”, тврди во своето соопштение Националната демократска партија (НДП), по првите објавени „бомби“ од страна на опозицијата.
Доколку го прочитате целосно соопштението на оваа партија, ќе добиете впечаток дека НДП е спремна не само вербално туку буквално со сите средства да се бори за што поскоро уривање на владејачката гарнитура.
Меѓутоа, така е само во изјавите и во соопштенијата. Кога треба да се направи нешто конкретно, тогаш реториката целосно се менува.
Почнуваат да се наоѓаат најразлични оправдувања, па дури да фрчат и меѓусебни обвинувања, сѐ со цел да се избега од најконкретното и најдемократското средство за изразување на револтот против една власт, а тоа се протестите.
Истото може да се каже и за реформистичкото движење на Зијадин Села. Тие во своите изјави, претставниците на власта, особено оние од албанскиот блок, ги споредуваат дури и со подредените на бившиот српски диктатор, Слободан Милошевиќ.
Во едно интервју на водачот на ова движење, Зијадин Села го користи озлогласениот термин на Милошевиќ за „чесни“ Албанци, во контекст на ДУИ.
„Ние се чудиме од недостатокот на морал на овие кои себеси се нарекуваат Албанци. Ние ги повикуваме доколку се чувствуваат како Албанци да поднесат што поскоро оставка од оваа антиалбанска влада, а доколку не го направат тоа во одреден рок, ќе ги сметаме за исти со таканарачените ‘чесни Албанци на Милошевиќ’“.
Откако ќе ја прочитате оваа изјава, сигурно ќе мислите дека тој што ја дал, при првата дадена шанса, ќе се приклучи без никакво двоумење на каков било протест против владата, која е, нели, иста со онаа на Милошевиќ?
Меѓутоа, ќе се разочарате кога ќе сфатите дека авторот на горенаведената критика кон власта не само што не организира протести против таквата власт туку и не ги подржува протестите кои се организираат од други политички субјекти против таквата власт.
Во албанскиот кампус тешко пробива едноставната вистина, дека за да се урне мултиетничкиот режим и отпорот кон тој режим мора да биде мултиетнички.
Оправдувања и празни изговори доминираа и тогаш кога малите албански опозициски партии требаше да се одлучат за (не)учество во антивладините протести организирани од опозицијата на 17 мај, така е и сега кога треба да одлучат дали ќе ги поддржат најавените протести од движењето „Беса“. И пред 17 мај, и сега пред 13 јуни се наоѓаат изговори, но веројатно на тие изговори не им веруваат ниту оние што ги смислуваат.
Од ДПА веќе одамна никој не очекува дека ќе организира, или ќе поддржи протести против владата ВМРО – ДУИ. И нив им се доволни само фразите и празните говори против владата, кои немаат никаква тежина без конкретни иницијативи и чекори.
Оттаму и прашањето, само навидум несериозно, што често го поставува еден мој пријател: „Дали оваа власт ја мачка албанската опозиција со некој магичен крем, со кој им ја згаснува антивладината страст? “
Ова прашање заслужува сериозна анализа, бидејќи се покажува дека албанските опозициски партии не само што не организираат протести против една влада за која (според анкетите) 90 отсто од Албанците имаат негативно мислење, туку со својата пасивност на директен и на индиректен начин ја поддржуваат.
Движењето „Беса“ најави протести кои за да се проценат како успешни на нив треба да излезат барем 10 илјади граѓани. Оттаму уверуваат дека имаат капацитет да изнесат толку граѓани на протести. Во прилог им одат и бројките од анкетите, кои покажуваат исклучително високо незадоволство кај Албанците од политиките на оваа влада.
Истовремено, на Албанците им станува сѐ појасно дека не можат да ги симнат Груевски и ВМРО ДПМНЕ од власт, а тоа да не значи детронизирање и на ДУИ и Ахмети.
Се разбира би било наивно да се очекува дека режимот нема да даде отпор. Сигурно повторно ќе се испробаат старите проверени методи од последните претседателски избори, сега со малку поразлична цел – одвраќање на Албанците од учество на протестите.
Можеби ќе зачестат случаите на искршени прозорци по градските автобуси, а можеби ќе има и закрвавени глави на деца и ученици. Можеби ќе зачестат и летовите на полициските хеликоптери, над Скопје, Куманово и Тетово.
Можеби ќе му се дозволи на Абдулаќим Адеми да смени име на уште некое училиште. Но, јасно е дека за да се промени ситуацијата во која се наоѓаме, не е доволно да се сменат само имињата на некои училишта, туку мора да се сменат и надредените на министерот Адеми.
Авторот е новинар