Зошто балканските земји грешат за геј-бракот

Минатиот викенд Владата на РМ поднесе предлог до парламентот за измена на Уставот на земјата за експлицитно дефинирање на бракот како заедница помеѓу маж и жена.

На 4-ти јуни годинава, словачките парламентарци ја усвоија уставната измена предложена од Христијанските Демократи и бракот изричито го дефинираа како единствена заедница помеѓу маж и жена.

Пред неколку месеци, Хрватите гласаа на референдум за поддршка на слична уставна измена иницирана од страна на католичките активисти кои го бранат „традиционалното семејство“.

Овој тренд не е нов. Почна во 2005 година кога парламентарците во Латвија гласаа за измена на уставот на ист начин. Во 2012 година Унгарците го направија истото.

За што се овие промени?

Во изминатите неколку декади, разбирањето и концептот на бракот и семејството поминаа низ длабока трансформација, без разлика дали тоа беше како одговор на барањата за правно и социјално препознавање од страна на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, транс и интерсекс (ЛГБТИ) луѓето или како резултат на појавата на други форми на семејни структури во општеството.

Денес, растечки број европски земји обезбедува брачна еднаквост и препоразнавање на невенчаните хетеросексуални и истополови двојки. Една од многуте реакции против овие случувања е користењето на уставните измени во обидите да се заштити „стариот поредок“.

Навистина, групите кои притискаат за рестриктивни уставни дефиниции на бракот тврдат дека тие не се наменети за да ги дискриминираат истополовите партнери туку едноставно за да се зацврстат традиционалните семејства и бракови.

Впрочем, во повеќето земји каде ваквите измени биле воведени, истополовите партнери моментално не се правно препознаени така што измените не го менуваат кво статусот.

Сепак, ако се погледне одблизу, станува јасно дека целта на овие иницијативи не е ниту невина ниту, пак, благородна. Во повеќето случаи, евидентно е дека целта е да се попречи понатамошното напредување на човековите права на ЛГБТИ луѓето и, конечно, да се забетонира дискриминацијата.

Прво, ваквите измени автоматски креираат хиреархија помеѓу различните типови на семејство и праќаат јасна порака дека истополовите семејства, невенчаните хетеросексуални семејства или семејствата на самохраните родители се помалку вредни за државно препознавање, почитување и заштита отколку венчаните хетеросексуални парови. Ова неизбежно придонесува кон понатамошна стигматизација на таканаречените „нетрадиционални“ семејства.

Второ, постои јасен доказ за хомофобичниот мотив позади предлогот за уставни дефиниции на бракот. На пример, Латвискиот устав беше изменет после првиот Марш на гордоста кој се случи во Рига, кога некои религиозни екстремисти и ултраконзервативци ја направија хомофобијата нивна политичка платформа.

Кога Vaira Vīķe-Freiberga, тогашната латвиска претседателка, ја потпиша измената во 2005 година, призна дека парламентарната дебата околу измената „демонстрираше многу експлицитна нетолеранција и експлицитна хомофобија, кои верувам дека во една демократска држава ниту треба да биде неочекувано, ниту да се охрабрува.“

Исто така, во 2013 година Зоран Миловановиќ, хрватскиот премиер, како и многу други хрватски политичари, го осудија референдумот за дефиниција на бракот и ветија дека „ова е последниот референдум во кој мнозинството ги ограничува правата на малцинството.“

Трето, таквите уставни измени во праксата активно се искористуваат од групите да се ограничат човековите права на ЛГБТИ луѓето, не само во контекст на усвојувањето на закони за истополово партнерство, туку и во контекст на други граѓански и политички права.

Изменетиот член 110 од Уставот на Латвија стана најкористената легислативна референца за оние кои протестираа и енергично се противеа на Прајд настанот во Рига, оние кои спроведуваа кампања да се забранат учебници кои содржат неутрални информации за сексуалната ориентација и оние кои иницираа референдум за забрана на „популаризацијата и пропагандата за истополови врски“.

Во 2004 година, Robert Zīle, латвискиот член на Европскиот Парламент (ЕП), ја искористи уставната дефиниција на бракот да го оправда гласањето против извештајот на ЕП кој ја повикува ЕУ Комисијата да усвои ЕУ Стратегија за ЛГБТ права, извештај кој воопшто не ги споменува законот за семејство и бракот кои се суверена надлежност на земјите членки на Европската Унија.

Слично, полската влада го искористи членот 18 од Уставот на Полска кој, исто така, го дефинира бракот како заедница помеѓу маж и жена како аргумент да му се оспори правото на еден геј маж, Piotr Kozak, да го наследи договорот за закуп на својот починат партнер, право кое според полскиот закон им припаѓа на невенчаните хетеросексуални партнери.

За среќа Piotr Kozak поднесе тужба против Полска до Европскиот суд за човекови права и го доби случајот. Судот изјави дека уставната дефиниција на бракот како заедница помеѓу маж и жена не може да ја оправда дискриминацијата на истополовите партнери.

Има, исто така, голем број анти-ЛГБТ законски предлози кои биле дискутирани во литванскиот парламент кои се базираат на аргументот дека членот 38 од Уставот на Литванија кој исто така го дефинира бракот како заедница помеѓу маж и жена.

Конечно, уставните забрани на брачна еднаквост во основа го одзема и поткопува фундаменталното почитување и дигнитетот на ЛГБТИ луѓето.

Ова беше потврден принцип од страна на Врховниот суд на САД. Во 2013, во еден историски случај, Судот изјави дека рестриктивната федерална интерпретација на Соединетите Држави на бракот и сопружникот само како хетеросексуална заедница (воведена со непопуларниот Акт за одбрана на бракот) е неуставна бидејќи „ги омаловажува и повредува оние кои државата, со нејзините закони за брак, сакаше да ги заштити во нивната личност и достоинство“.

Одлуката на Врховниот суд на САД ја нагласува суштината на она што е доведено во прашање со овој тренд за уставно ограничување на дефиницијата на бракот на хетеросексуална заедница: овие иницијативи се штетни и имаат за цел да ги обезвреднат личноста и достоинството на малцинството. Тие се во целосна контрадикција со самиот дух и принципите на човековите права, еднаквост, достоинство и почитување.

Авторот е менаџер за комуникации во ИЛГА-Европа. Колумната е објавена на Балкан инсајт. Преводот е на Женска Алијанса