Регион

Бомбардирањето на РТС: Сомневањата и натаму присутни

Семејствата на жртвите и натаму од државата бараат одговор : дали воените функционери знаеле дека нападот ќе се случи ?

Кога на 23 април 1999 година, околу 2.00 часот наутро, НАТО ја погоди зградата на РТС во центарот на Белград, како дел од воздушната кампања на Западната алијанса против режимот на Слободан Милошевиќ, во неа се наоѓаа околу 120 луѓе.

Во овој напад беа убиени 16 работници на РТС, двајца беа тешко, а 17 полесно повредени. Телата на две жртви никогаш не беа пронајдени.

НАТО објави дека ја спровел оваа акција, затоа што РТС била дел од пропагандната машинерија на Милошевиќ, иако овој аргумент беше остро оспоруван.

Во 2002 година, Окружниот суд во Белград го осуди тогашниот директор на РТС, Драгослав Милановиќ, на 10 години затвор за „тешко дело против јавната безбедност“, бидејќи тој не наредил евакуација на вработените во друг објект што постоел за тоа, иако такво нешто можел да организира.

Милановиќ, единственото лице осудено за убиствата на работниците на РТС, ја негираше вината и го тужеше новинарот на ТВ Б92, кој наведе дека тој ги „жртвувал“ своите вработени. „Со пресудата бев прогласен за одговорен, но јас не ги жртвував моите работници свесно“, рече тој. Сепак, судот ја отфрли тужбата.

РТС: жртви

Во бомбардирањето на РТС имаше 16 жртви: Јелица Мунитлак (28), Ксенија Банковиќ (28), Дарко Стојменовски (26), Небојша Стојановиќ (27), Драгорад Драгојевиќ (27), Драган Тасиќ (31), Александар Делетиќ (31), Славиша Стевановиќ (32), Синиша Медиќ (32), Иван Стукало (34), Дејан Марковиќ (39), Милан Јоксимовиќ (47), Бранислав Јовановиќ (50), Милан Јанковиќ (59), Томислав Митровиќ (61) и Слободан Јонтиќ ( 54).

Но, осудителната пресуда што му беше изречена на Милановиќ, не беше доволна за семејствата на жртвите, кои не прифатија дека правдата е задоволена. Уште од самото бомбардирање на РТС, тие ги повикаа властите да спроведат истрага и да ги гонат лицата, главно од Војската на Југославија (ВЈ), кои, како што сметаат семејствата, се одговорни за неспроведување на евакуацијата на вработените.

Во јануари 2021 година, медиумите во Србија објавија дека владината Работна група за безбедност и заштита на новинарите, формирана минатата година со цел да ги разреши нападите врз медиумски работници, но чијашто независност и ефективност беа доведени во прашање, ќе побараат од НАТО, од Соединетите Американски Држави, од ВJ и од разузнавачките служби, да им го обезбедат целиот архивски материјал што го имаат за нападот врз РТС. Сепак, малку е веројатно дека тоа ќе се случи.

Зоран Јаниќ, новинар и автор на книгата за бомбардирањето на РТС, „Тишина во Абердарева“, вели дека треба да се постават уште многу прашања за тоа какви информации имала ВЈ за нападот, пред самиот инцидент.

Семејствата, во повеќе наврати, бараа од властите да објават какви претходни информации имала војската, но „тие никогаш не добиле никакви одговори“, истакна Јаниќ, додавајќи дека „никој во војската никогаш не бил повикан на одговорност“.

„Тој факт доволно зборува за вистинскиот карактер на нашето општество“, нагласи тој.

Каква е таа наредба број 37?

Поранешниот директор на РТС, Драгољуб Милановиќ. Youtube print screen

Како што е утврдено со пресудата на Милановиќ, во 1994 година, Сојузната влада донела одлука за утврдување, како што тоа го формулирала, „на големите технички системи, од интерес за одбраната на земјата“. РТС била еден од тие системи.

Во 1995 година, Сојузната влада донела одлука за мерките што требале да се преземат во случај на војна или вонредна состојба. Потоа РТС составила сопствен план за подготвеност во случај на војна, кој содржел 50 наредби за тоа што треба да стори јавниот радиодифузер, во случај на непосредна опасност од војна.

Во една од нив, во наредбата 37, се вели дека дејноста треба да се премести во резервниот објект на Кошутњак, далеку од центарот на градот.

Во Сојузна Република Југославија (СРЈ), на 24 март 1999 година, кога започна бомбардирањето на НАТО, беше прогласена воена состојба. Два дена подоцна, Сојузното министерство за одбрана, испрати наредба до РТС, да преземе мерки за подготовка за можен напад.

Во наредбата, на РТС му се наложува да изврши „стратешка и локална дислокација“ на некои од своите производствени капацитети. Но, како што е наведено во пресудата против Милановиќ: „По наведената мерка за подготвеност, не е постапено“.

Во своја одбрана, Милановиќ, на истражителите и на судот, им рече дека наредбата 37 „не подразбирала целосна дислокација на човечките ресурси“.

Во пресудата се вели дека Милановиќ објаснил оти верувал дека било „побезбедно“ да се остане во зградата во центарот на Белград.

„Зградата на РТС беше опкружена со објекти, како што е поштата, црквата, Домот на пионерите, па  претпоставка беше дека тоа ќе биде причина НАТО да не го нападне објектот, дополнително што зградата на РТС беше цивилна, а не легитимна воена цел“, се вели во пресудата.

Судот не прифати ниту еден од аргументите на Милановиќ.

„Кларк нека пука“

Зградата на РТС во Белград, на која се видливи оштетувањата од бомбардирањето, март 2021 година. Фото: БИРН.

За време на судењето, повеќе пати беше поставено прашањето, дали однапред се знаело дека зградата на РТС ќе биде нападната.

Имаше некои навестувања за тоа од страна на НАТО, две недели пред бомбардирањето на јавниот сервис. На прес-конференција одржана на 8 април 1999 година, полковникот, Дејвид Вилби, за медиумите изјави: „Српското радио и телевизија се инструмент на пропаганда и репресија. Тие со години ги исполнуваат радио и ТВ брановите со омраза и лаги, а особено сега “.

„Затоа тие претставуваат легитимна цел во оваа кампања“, предупреди Вилби.

Истата вечер, во главниот дневник на РТС, уредничката на редакцијата за надворешна политика, Татјана Ленард, прочита коментар на јавниот сервис.

„Кларк (командантот на НАТО, Весли) нека пука, го чекаме“, рече Ленард.

„Го информираме дека сме во Таковска 10 … Нѐ има неколку илјади кои работиме на програмата … Во нашите редакции, монтажи, студија, на предавателите, поминуваме денови и ноќи. Повторувам – и ноќи. Знаеме дека сакате да убивате ноќе, од далечина“.

НАТО, две недели подоцна, навистина нападна ноќе, но го погоди делот од зградата на РТС на улица ‘Абердарева’, а не делот на улицата ‘Таковска’. Кога тоа се случи, Ленард беше на службено патување во Будимпешта. Во пресудата против Милановиќ се наведува нејзин цитат, во кој таа вели дека однапред не добила никаква информација, дека зградата ќе биде нападната.

„Суштината на тој коментар беше во наводите дека во Телевизијата се работи и ноќе, дека се пружаат услуги и на странски новинари и дека ако НАТО ја бомбардира Телевизијата, нема да има изговор дека не знаел оти има вработени во зградата во текот на ноќта“, се вели во пресудата.

Како што сугерираше коментарот што го прочита Ленард, во тој период, зградата на РТС редовно ја користеа и европските, и американските телевизиски екипи, кои известуваа од Белград. Некои од нив, пак, изјавија дека нивните редакции ги предупредиле дека зградата ќе биде нападната, па престанале да доаѓаат во РТС.

Новинарот на Би-Би-Си, Џон Симпсон, пристигнал во Белград две недели пред почетокот на бомбардирањето на НАТО во 1999 година и оттаму известувал за време на воздушната кампања. Тој не работел од зградата на РТС, но во одговорот што по е-пошта го испрати до БИРН, вели дека „повремено одел во тамошните студија, за да снима интервјуа со Би-Би-Си во Лондон, преку сателит“ и дека бил во зградата на РТС, „неколку часа пред таа да биде бомбардирана“.

Симпсон потсетува дека таа вечер, кога се случило бомбардирањето, дописникот на Си-Ен-Ен, кој бил во истиот хотел со него, му рекол оти командата на американските сили, го предупредиле  седиштето на Си-Ен-Ен, дека вечерта ќе биде извршен напад врз РТС.

„Како резултат на тоа, останав подалеку од зградата на РТС“, вели Симпсон во својот одговор.

„Командата на американските сили не го предупреди Би-Би-Си, а да не ми кажеше дописникот на Си-Ен-Ен, јас ќе отидев во РТС таа вечер“, додава тој.

Симпсон објаснува дека не познавал никого во РТС, кого можел да го предупреди за нападот. Тој додава дека подоцна му било кажано оти „сите луѓе на високи позиции во РТС, се држеле подалеку од зградата тоа попладне и таа вечер, а дека на оние на пониски позиции им било наредено да останат“.

„Меѓу луѓето кои беа убиени и ранети таа вечер, беше и шминкерката која ќе се грижеше за мене пред секое емитување“, нагласува тој.

„Претпоставката на западните новинари во Белград, после тоа, беше дека владата на Милошевиќ сакала да има жртви во зградата на РТС, со цел, низ целиот свет, да се создаде непријателство кон бомбардирањето на НАТО“, заклучува тој.

Милошевиќ беше симнат од власт во немирите следната година и беше екстрадиран во Хаг, за да му се суди за воени злосторства, каде почина во 2006 година.

Во 2011 година, РТС се извини за емитуваната програма за време на владеењето на Милошевиќ, велејќи дека таа била „грубо злоупотребена“ од властите, кои ја користеле оваа куќа за да емитуваат пропаганда и говор на омраза.

Од Министерството за одбрана побарано да го објави досието за бомбардирањето

Никој во Србија, освен директорот на РТС, Милановиќ, не одговараше за смртта на 16-те вработени во оваа РТВ куќа.

За време на судењето на Милановиќ во 2001 година, судот побара од Министерството за одбрана да ослободи од чување на воената тајна, неколку воени лица , за да можат да сведочат во судскиот процес.

Еден од луѓето во Министерството за одбрана, кои се занимаваа со барањето на судот, беше потполковник, Лакиќ Ѓоровиќ, кој работеше во правната служба на Министерството за одбрана. 

Меѓународни истраги

Меѓународната организација, Амнести Интернешнл, во својот извештај објавен во 2000 година под наслов „’Колатерална штета’ или незаконски убиства? Кршење на законот за војната од страна на НАТО, за време на операцијата Здружени сили“, вели дека воздушниот напад врз РТС, е „директен напад врз цивилен објект“ и дека „претставува воено злосторство“.

Но, истата година, обвинителството на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), објави извештај во кој се препорачува да не се отвора истрага за бомбардирањето на РТС, при што посочи дека цивилните жртви „за жал, се големи, (но) се чини дека не се непропорционални“.

Главната обвинителка на МКТЈ, Карла дел Понте, подоцна во својата автобиографија напиша дека дознала од НАТО оти „однапред го известиле Милошевиќ, дека се подготвува напад врз оваа зграда

Оттогаш Ѓоровиќ тврди дека, работејќи на случајот Милановиќ во министерството, видел документација за пресретната комуникација помеѓу пилот на НАТО кој летал кон зградата на РТС и неговата база. Според Ѓоровиќ, таа документација покажува дека пилотот зборувал за нападот врз зградата и дека ВJ знаела што ќе се случи. 

„Го имате тоа (информацијата за прислушуваниот разговор) во три официјални белешки … сите три ги направија највисоки офицери во безбедносните органи на Министерството за одбрана и Генералштабот“, вели Ѓоровиќ за БИРН.

Семејствата на жртвите побараа од Министерството за одбрана, да го објави целото досие за бомбардирањето на РТС.

Но, новинарот, Зоран Јаниќ, нагласува дека Министерството за одбрана само „објавило фотокопии од три документи, што ги добило од семејствата, тврдејќи дека тоа е целата содржина на досието, иако ‘од авион се гледа’ дека тоа не е точно“.

Тогашниот министер за одбрана, Драган Шутановац, во 2017 година изјави дека тврдењата за документите што ги опишуваат пресретнатите комуникации, не се точни.

БИРН испрати прашање до Министерството за одбрана за нивното досие за бомбардирањето на РТС, но од оваа институција ни одговорија дека во досието имало само судско барање од 2001 година и дека тие го уништиле ова досие во 2006 година, затоа што не биле обврзани понатаму да го чуваат.

Во 2009 година, семејствата на жртвите побараа од Специјалното обвинителство за организиран криминал, повторно да го отвори случајот, а слично барање испратија и до Републичкото јавно обвинителство, во 2012 година.

Специјалното обвинителство го проследи случајот до Вишото обвинителство во Белград. Оттаму одбија да ни дадат повеќе информации во врска со истрагата за бомбардирањето на РТС, наведувајќи дека деталите за овој случај се веќе „општо познати“, бидејќи се објавени од разни медиуми.

Случајот со смртта на работниците на РТС, се најде и пред Комисијата за истрага на убиствата на новинарите  – злосторства, кои во најголем број, се случија за време на владеењето на Милошевиќ.

Мирослав Бојчиќ, новинар и претставник на семејствата на жртвите, беше член на комисијата околу две години. Тој вели дека е постигнат мал напредок.

„Само еден сведок и тоа еднаш беше сослушан“, нагласува Бојчиќ, додавајќи дека се работи за официр на Државната безбедност: „Тој сведочеше доста претпазливо … Тој е единствениот сослушан сведок, (немаше) ништо друго“.

Но, претседателот на Комисијата, новинарот, Веран Матиќ, истакна дека „десетици сведоци“ разговарале со Комисијата за „различните аспекти на бомбардирањето на РТС“. Тој посочи дека Комисијата испратила прашања до Министерството за одбрана и до Воено-безбедносната агенција во врска со случајот, но оти тој „не е задоволен“ од нивните одговори.

„Мислам дека тука има повеќе простор за истражување и Владата на Србија треба да има поинтензивен ангажман во врска со тоа“, нагласи Матиќ.

Тој додава дека бомбардирањето на РТС го сметал за „злосторство извршено од припадниците на силите на НАТО“, но дека има „оправдани сомневања“ оти и српската влада и Министерството за одбрана, се одговорни што вработените во РТС не биле евакуирани.

„Пресудата на директорот Милановиќ, ниту приближно не ја опфаќа оваа тема“, нагласува Матиќ.