Регион

Борба за зачувување на антифашистичките споменици во Хрватска

По распадот на Југославија, илјадници споменици подигнати во чест на партизаните или жртвите на усташкиот режим, сe оштетени или урнати

Фотографија од малиот хрватски крајбрежен град Каштел Лукшиќ, на која на место со градежен шут се гледа фрлен споменик посветен на паднатите борци од Втората светска војна, преку интернет брзо се прошири низ цела Хрватска и шокираше многумина.

Имено, откако доби фотографија од читател, новинарката на локалната веб-страница кastela.org, Дијана Путник, му напиша писмо на градоначалникот на Каштел, во кое го прашува за иднината на споменикот и бара од него да објасни зошто, откако бил отстранет од градскиот плоштад, тој се нашол на отпад.

Во своето писмо до градоначалникот, Путник претпоставува дека споменикот на ова место веројатно ќе биде оштетен и дека „некој од власта ќе им изјави на новинарите дека споменикот е оштетен и дека е потребно време за да се поправи. И тогаш ќе се надеваат дека ќе го заборавиме“.

Путник за БИРН вели дека е разочарана од ставот на луѓето во Каштел Лукшиќ за споменикот. „За некои од нив, тоа е само куп метал, тие не ја знаат неговата вистинска, нематеријална вредност, ниту историска, ниту културна”, истакна таа.

Сепак, таа додава дека е задоволна што локалните власти веднаш реагирале на нејзиното писмо; споменикот е тргнат од депонијата и веројатно наскоро повторно ќе биде поставен.

Трендот на уништување од 1990-тите продолжува

 

Многу слични споменици низ цела Хрватска, како и овој во Каштел Лукшиќ, исчезнале или се доста оштетени.

Додека Хрватска станува сѐ поконзервативна, многу споменици изградени за време на комунистичкиот период, во спомен на жртвите на фашистичкиот режим, како и оние посветени на партизанската победа над фашизмот, оставени се на забот на времето или се оштетени од вандали.

Овој тренд се случува во време кога во Хрватска е актуелен историскиот ревизионизам, кога десничарите се обидуваат да го рехабилитира усташкиот режим, критикувајќи го комунизмот.

Половина од антифашистичките споменици во Хрватска, околу 3.000, се оштетени или уништени за време на Татковинската војна во 1990-тите години или се вандализирани или едноставно отстранети од страна на властите по војната.

Хрватското Министерство за култура, за БИРН вели дека не постои посебен регистар на наследството од Народноослободителната борба (НОБ) или од работничкото движење од југословенскиот период, но оти 592 такви објекти се наоѓаат во националниот регистар на културни артефакти.

За спомениците кои не се на оваа листа, се одговорни локалните власти, велат од министерството.

„Локалните власти се грижат и се одговорни за спомен-наследството од НОБ/работничкото движење (кои немаат) статус на културни артефакти, но (имаат статус) на артефакти од локално значење”, додаваат од министерството.

Тие нагласуваат дека во моментов се разгледува статусот на спомениците и спомен-обележјата, кои се заштитени со Законот за заштита на културното наследство од 1967 година (со цел да се утврди нивото на заштита).

Сања Хорватинчиќ, од Институтот за историја на уметноста во Загреб, вели дека постојат многу фактори кои придонесуваат за неодржување на спомениците, но оти, пред сè, се работи за „занемарување од страна на надлежните институции”.

Таа додава дека спомениците посветени на НОБ и на партизаните, не се вклопуваат во денешната доминантна идеологија, која се фокусира само на хрватскиот национален идентитет.

„Тие (спомениците), всушност, ги избришале националните (етнички) идентификатори (меѓу различните народи на Југославија) ​​и зборуваат за заедничката борба против фашистичката окупација”, вели таа.

Не постојат детални анализи за уништувањето на спомениците во Хрватска, но некои организации и поединци успеале да соберат некакви податоци.

Српскиот народен совет, кој го претставува српското малцинство во Хрватска, во својот минатогодишен извештај насловен како „Историски ревизионизам, говор на омраза и насилство над Србите во 2017 година”, забележува дека 17 антифашистички споменици се оштетени или уништени во 2017 година, ист број и во 2016, а 13 споменици во 2015 година.

Спомениците од југословенскиот период, посветени на Втората светска војна, често се цел на вандали, кои по нив исцртуваат фашистички или усташки симболи.

Хрватскиот правобранител, Лора Видовиќ, во својот извештај од ноември 2018 година, нагласува дека усташките симболи се сѐ подоминантни и дека тие често се исцртуваат по партизанските споменици.

„Ширум Хрватска наидуваме на усташкото ‘U’, на поздравот ‘За дом спреми’ и на неговата кратенка ‘ЗДС’, како и на кукасти крстови“, истакна Видовиќ.

Споменици преобликувани за нови цели

 

Споменик на востанието на народот од Банија и Кордун на Петрова гора. Фото: Википедија

Порталот „Антифашистички Вјесник“, кој е посветен на антифашистичкото наследство, минатата година објави дека многу споменици, посветени на жртвите на усташкиот режим, пропаѓаат, и дека се толку обраснати со трева, што голем дел од нив, дури и не се препознаваат.

Хорватинчиќ забележува дека овие споменици понекогаш се цел на собирачите на суровини.

„Можеби највпечатлив пример за долгорочно уништување на спомениците е споменикот на Петрова гора, кој од 2000-тите постепено исчезнува, бидејќи нерѓосувачкиот челик, кој е важна суровина, едноставно се краде, а од споменикот полека останува само скелетот”, нагласува таа.

Во своето обраќање на панелот што овој месец се одржа под наслов „Деструктивната омраза во уништувањето на спомениците на културата, културното наследство, сакралното наследство и на цели градови”, Хорватинчиќ посочи дека некои споменици се отстранети од истакнати јавни места и оти се поставени на помалку видливи локации, каде што пропаѓаат.

Таа потсетува дека бронзениот споменик, посветен на партизаните што го ослободиле Сисак, изграден во 1955 година, во почетокот на 1990-тите е префрлен во шумата Брезовица, и оти тој денес е во страшна состојба, иако Брезовица е главната локација на која државата, на 22 јуни, одржува комеморативни собири, по повод Денот на антифашистичката борба.

„Со годините, бронзата исчезнува. Бев на терен неколку пати и ја има се помалку“, вели таа.

Исто така, постои и практика на преобликување на спомениците или на нивни делови, со што се менува и нивното значение. Хорватинчиќ наведува неколку примери на споменици на партизаните, кои се претворени во споменици на хрватските бранители од Татковинската војна.

Во населбата Врапче во Загреб, некогаш постоел споменик подигнат во спомен на 30 јавно обесени луѓе во 1944 година. Металните решетки на тој споменик биле симбол на егзекуциите извршени на ова место.

„Овие решетки, кои беа интересно решение кое алудираше на тешкото, трауматско јавно бесење, се отстранети во деведесеттите години и едноставно заменети со крст и со нова плоча”, вели Хорватинчиќ.

На плочата поставена во 1995 година не се спомнува антифашизмот, туку на неа едноставно пишува: „Во знак на сеќавање на сите жртви за слобода и на опстанокот на хрватскиот народ”.

Сличен пример е и споменикот во селото Прковци, денес познат како „Мајка со јаболко”, кој отсликува жена која држи јаболка во својата престилка, на која локација првично се наоѓал споменик на паднатите борци и жртви на фашистичкиот терор.

Поточно, на пиедесталот на споменикот имало список на луѓе кои загинале во борбата против фашизмот, како и имиња на семејства убиени во Прковци – три еврејски и две ромски семејства. Денес споменикот се наоѓа на друг пиедестал, на кој го нема оригиналниот натпис.

Лични напори на активистите за зачувување на спомениците

Обновен споменик на партизаните и на жртвите на фашизмот во Писка. Фото: Недељко Фистониќ

Сепак, Хорватинчиќ забележува дека во последната деценија се зголемиле иницијативите за реконструкција на спомениците.

„Можеби еден од главните проекти за реконструкција е спомен-паркот Дудик (посветен на луѓето убиени од страна на усташите) … во Вуковар, кој беше вратен по долг процес на преговори и заговарање од страна на Српскиот народен совет”, истакнува таа.

Локалните антифашистички организации, пак, се грижат за спомениците во нивните области.

Така, во пролетта 2015 година, во приморскиот град Писак, беше вратен споменик посветен на партизаните и жртвите на фашизмот, кој беше оштетен во 1992 година.

„Споменикот беше миниран и значително оштетен, поделен на три, четири дела; некои делови се изгубени “, вели Недељко Фистониќ, член на антифашистичкото здружение од Омиш, кое стои зад реконструкцијата.

„Тој беше транспортиран во Загреб, на Академијата за ликовни уметности, каде што неколку месеци работеа на негова реконструкција … Сега тој е подобар од порано”, додава Фистониќ.

Во март, група антифашистите од Шибеник, почна да работи на обновување на спомен-паркот Шубиќевац, каде што за време на Втората светска војна, италијански фашисти погубиле свои  хрватски противници. Тој треба да биде завршен до август следната година.

Покрај обновата на постојните споменици, во мај оваа година во Мала Учка, рурално село во Истра, е поставен нов споменик посветен на жителите на оваа населба, кои биле убиени за време на Втората светска војна.

„Важно е да се обележи (местото), заради младите, да имаат сведоштво за настаните кои се случиле и да можат самите да донесуваат одлуки”, вели Бруно Старачиќ, од локалниот огранок на хрватското Здружение на антифашистички борци и антифашисти, вклучен во овој проект.

Хорватинчиќ укажува дека дел од спомениците се обновени од страна на ентузијасти, аматери, кои самите ги бојосувале избледените имиња и симболи, кои се наоѓаат на нив.

„Мислам дека таквата практика е крајно позитивна”, вели таа и додава: „Мислам дека тие најдобро го демонстрираат фактот дека ова е наследство и дека тоа има свои наследници”.