Регион

Косово: Одбележана годишнина од масакрот во Дубрава

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Одбележување на 20-годишнината од масакрот во затворот Дубрава. Фото: Собрание на Косово

Со комеморација во затворот Дубрава, беше одбележана 20-годишнината од масовните убиства извршени помеѓу 19 и 24 мај 1999 година, за време на војната во Косово.

Повеќе од 100 затвореници, Албанци, биле убиени, голем број од нив биле ранети, иако точниот број на оние што го загубиле животот, никогаш не е утврден.

Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, ги опиша убиствата како геноцид што го извршиле српските сили за време на војната.

Како што објави јавниот сервис на Косово, РТК, Весели истакнал дека „собирањето на албанските затвореници на едно место (за да бидат убиени) … е добар показател за овој геноцид”.

За време на воздушната кампања против режимот на Слободан Милошевиќ, НАТО два пати го погодил затворот, на 19 и на 21 мај. Тој бил цел на Западната воена алијанса, бидејќи Војската на Југославија и српските полициски сили, биле стационирани веднаш до затворот.

Еден ден по вториот удар на НАТО, околу 1.000 затвореници биле собрани на спортскиот терен во затворот, каде што српската полиција и стражарите, врз нив отвориле оган и фрлале гранати.

Во наредните неколку часа, според сведочењата цитирани во извештајот на Хјуман рајтс воч, биле фатени и убиени затворениците кои успеале да се сокријат на различни места.

Од Советот за одбрана на човековите права и слободи во Косово, кој, како што велат, поднеле кривична пријава до Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во 2002 година, забележуваат дека никој досега не е осуден за овие убиства.

Во затворот Дубрава, за време на убиствата, се наоѓал и Расим Селманај, денес пратеник во Собранието на Косово.

„Кога тие (српските сили) почнаа да пукаат, јас легнав. Бев покриен со мртви тела, не знаев дали сум ранет, бидејќи бев во паника“, изјави Селманај за весникот Телеграфи.

„Ги знаеме сите имиња и презимиња (на сторителите), но дури и по 20 години, никој не одговарал за нив”, додаде тој.