„Тие беа таму, четири невини жртви лежеа мртви“.
Со овие зборови, Емилија Реџепи, поранешна косовска министерка и пратеничка, која ја предводи бошњачката Нова демократска партија, ја опишува сликата на која наишле, кога семејството Скендери било убиено ноќта на 10 јануари 2000 година.
Брачната двојка, Сезаир (50) и Анифа Скендери (48), нивната 20-годишна ќерка Адријана и нејзината 70-годишна баба Ѓуља, биле косовски Бошњаци кои живееле во населбата Тусус, во општина Призрен. Сите биле убиени.
За нивните убиства, никој до денес не одговарал. Нивните соседи велат дека ниту виделе, ниту чуле нешто, но Реџепи не верува во тоа.
Тусус е многу мала населба и по масакрот врз семејството Скендери, вели Реџепи, повеќето локални жители, од страв, со месеци не ги напуштиле своите куќи.
„Околу 100 млади пријатели на убавата, Адријана Скендери, тагуваа на нејзиниот погреб“, раскажува Џезаир Мурати, поранешен пратеник од Призрен, кој, исто така, присуствувал на погребот.
„Тие не заслужија да умрат“, вели Мурати, обидувајќи се да ги задржи солзите.
Во јуни 1999 година, заврши бомбардирањето на НАТО на Југославија, а Слободан Милошевиќ ги повлече своите сили од Косово, со што заврши војната со Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Во тоа време, Мисијата на Обединетите нации, УНМИК, ја презеде одговорноста за управувањето со Косово и додека градењето институции и мирот меѓу Албанците и Србите беа приоритет, другите заедници, како што е бошњачката, станаа мета на насилство на Косово.
Од јули 1999 до 2002 година, исчезнале, биле убиени или повредени околу 80 Бошњаци. Според Бошњаците кои зборуваа за БИРН, тие биле напаѓани од Албанци, „хулигани“, кои лажно се претставувале како припадници на ОВК и кои, заради јазикот на кој тие зборувале, ги поврзувале со Србите.
Никој до денес не е осуден за овие напади. Но, Реџепи се надева дека Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, т.н. Специјален суд со седиште во Хаг, пред кој за воени и повоени злосторства треба да им се суди на поранешни припадници на ОВК, ќе се занимаваат и со случајот Скендери.
„Побарав да се спомне убиството на семејството Скендери пред Специјалниот суд“, нагласи таа.
Денес, на Косово, живеат околу 27 000 Бошњаци. Тие велат дека се среќни што живеат таму, иако се соочуваат со сиромаштија, невработеност и дискриминација од страна на Албанците и на Србите.
Сепак, она што тие навистина го сакаат е значително учество во косовскиот политички систем, со цел нивните интереси да бидат соодветно застапени.
Национализмот „поважен од еднаквите права“
Ален Азари, директор на бошњачко училиште во селото Плањане, во долината Жупа, во општина Призрен, за БИРН вели дека за време на војната, од Бошњаците било барано да се мобилизираат и да се борат заедно со Србите.
Тие се соочиле со ужасен избор, нагласува Азари: „Како можевме да се бориме против Албанците со кои секојдневно живеевме и како можевме да не се бориме заедно со Србите, кога тие беа толку моќни?“.
По војната, Бошњаците живееле во сиромаштија и страв од напади, обидувајќи се да се интегрираат учејќи албански јазик или изолирајќи се од светот и останувајќи во своите домови.
Но, Реџепи објаснува дека „ситуацијата за нас Бошњаците пред и по војната многу не се смени “ – се смени само етничката заедница на власт.
Пред војната, важно беше да се биде од „српска националност“, а по војната од „албанска националност“, додава таа.
„Србите не нѐ почитуваа поради нашата вероисповед и сличноста на нашата традиција со албанската. Албанците не нѐ почитуваа заради сличноста на нашиот јазик со српскиот“, вели таа.
И за Србите, и за Албанците, национализмот е многу важен, додека образованието и еднаквите права се помалку важни, нагласува таа.
Реџепи објаснува дека бошњачката заедница успеала да ја избегне асимилацијата поради „флексибилноста“ и „одржувањето на нашите традиции и обичаи“.
Сопругата на Ален, Шахиде Азари, истакнува дека по војната, таа и нејзините пријатели биле под постојана дискриминација, затоа што во нивното училиште во кое се учело на албански јазик, зборувале на босански.
„Требаше време професорите да ги убедат другите ученици дека не сме Срби“, објаснува таа.
Мурати додава дека Бошњаците во Косово сакаат само да живеат во мир.
„Ние сме браќа по јазик со Србите и браќа по вероисповед со Албанците“, нагласува тој со мала иронична насмевка.
„Ние сме секогаш во средина, иако никому не сакаме никакво зло, ниту пак одиме против едната или другата заедница.
„Војната заврши, но за нас таа започна“