Регион

Бошњаците од Косово растргнати помеѓу Албанците и Србите

Бошњаците од Косово се соочија со дискриминација, насилство и сиромаштија

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Тие беа таму, четири невини жртви лежеа мртви“.

Со овие зборови, Емилија Реџепи, поранешна косовска министерка и пратеничка, која ја предводи бошњачката Нова демократска партија, ја опишува сликата на која наишле, кога семејството Скендери било убиено ноќта на 10 јануари 2000 година.

Брачната двојка, Сезаир (50) и Анифа Скендери (48), нивната 20-годишна ќерка Адријана и нејзината 70-годишна баба Ѓуља, биле косовски Бошњаци кои живееле во населбата Тусус, во општина Призрен. Сите биле убиени.

За нивните убиства, никој до денес не одговарал. Нивните соседи велат дека ниту виделе, ниту чуле нешто, но Реџепи не верува во тоа.

Тусус е многу мала населба и по масакрот врз семејството Скендери, вели Реџепи, повеќето локални жители, од страв, со месеци не ги напуштиле своите куќи.

„Околу 100 млади пријатели на убавата, Адријана Скендери, тагуваа на нејзиниот погреб“, раскажува Џезаир Мурати, поранешен пратеник од Призрен, кој, исто така, присуствувал на погребот.

„Тие не заслужија да умрат“, вели Мурати, обидувајќи се да ги задржи солзите.

Во јуни 1999 година, заврши бомбардирањето на НАТО на Југославија, а Слободан Милошевиќ ги повлече своите сили од Косово, со што заврши војната со Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Во тоа време, Мисијата на Обединетите нации, УНМИК, ја презеде одговорноста за управувањето со Косово и додека градењето институции и мирот меѓу Албанците и Србите беа приоритет, другите заедници, како што е бошњачката, станаа мета на насилство на Косово.

Од јули 1999 до 2002 година, исчезнале, биле убиени или повредени околу 80 Бошњаци. Според Бошњаците кои зборуваа за БИРН, тие биле напаѓани од Албанци, „хулигани“, кои лажно се претставувале како припадници на ОВК и кои, заради јазикот на кој тие зборувале, ги поврзувале со Србите.

Никој до денес не е осуден за овие напади. Но, Реџепи се надева дека Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, т.н. Специјален суд со седиште во Хаг, пред кој за воени и повоени злосторства треба да им се суди на поранешни припадници на ОВК, ќе се занимаваат и со случајот Скендери.

„Побарав да се спомне убиството на семејството Скендери пред Специјалниот суд“, нагласи таа.

Денес, на Косово, живеат околу 27 000 Бошњаци. Тие велат дека се среќни што живеат таму, иако се соочуваат со сиромаштија, невработеност и дискриминација од страна на Албанците и на Србите.

Сепак, она што тие навистина го сакаат е значително учество во косовскиот политички систем, со цел нивните интереси да бидат соодветно застапени.

Национализмот „поважен од еднаквите права“

Претставникот на бошњачката заедница од Косово, Џезаир Мурати (десно), разговара со новинарот, Адил Куленовиќ, во Сараево, во 2001 година. Фотографија на Џезаир Мурати

Ален Азари, директор на бошњачко училиште во селото Плањане, во долината Жупа, во општина Призрен, за БИРН вели дека за време на војната, од Бошњаците било барано да се мобилизираат и да се борат заедно со Србите.

Тие се соочиле со ужасен избор, нагласува Азари: „Како можевме да се бориме против Албанците со кои секојдневно живеевме и како можевме да не се бориме заедно со Србите, кога тие беа толку моќни?“.

По војната, Бошњаците живееле во сиромаштија и страв од напади, обидувајќи се да се интегрираат учејќи албански јазик или изолирајќи се од светот и останувајќи во своите домови.

Но, Реџепи објаснува дека „ситуацијата за нас Бошњаците пред и по војната многу не се смени “ – се смени само етничката заедница на власт.

Пред војната, важно беше да се биде од „српска националност“, а по војната од „албанска националност“, додава таа.

„Србите не нѐ почитуваа поради нашата вероисповед и сличноста на нашата традиција со албанската. Албанците не нѐ почитуваа заради сличноста на нашиот јазик со српскиот“, вели таа.

И за Србите, и за Албанците, национализмот е многу важен, додека образованието и еднаквите права се помалку важни, нагласува таа.

Реџепи објаснува дека бошњачката заедница успеала да ја избегне асимилацијата поради „флексибилноста“ и „одржувањето на нашите традиции и обичаи“.

Сопругата на Ален, Шахиде Азари, истакнува дека по војната, таа и нејзините пријатели биле под постојана дискриминација, затоа што во нивното училиште во кое се учело на албански јазик, зборувале на босански.

„Требаше време професорите да ги убедат другите ученици дека не сме Срби“, објаснува таа.

Мурати додава дека Бошњаците во Косово сакаат само да живеат во мир.

„Ние сме браќа по јазик со Србите и браќа по вероисповед со Албанците“, нагласува тој со мала иронична насмевка.

„Ние сме секогаш во средина, иако никому не сакаме никакво зло, ниту пак одиме против едната или другата заедница.

„Војната заврши, но за нас таа започна“

 

Ален Азари, директор на бошњачкото училиште во селото Плањане, во Жупа. Фото: БИРН

По завршувањето на војната во 1999 година, ситуацијата за Бошњаците беше слична на цело Косово. „Војната во Косово заврши, но за нас таа започна“, нагласува Сузана Џуџевиќ, Бошњачка од Митровица, која за време на конфликтот живеела во Сараево како бегалец, а потоа се вратила на Косово.

Бошњаците во Митровица живеат во населба лоцирана помеѓу јужниот дел на градот, каде живеат Албанците и северниот дел на градот, каде што живеат Србите.

Џуџевиќ ни ги покажува куќите околу нејзината, во кои живеат Албанци и оние кои се лоцирани повеќе северно, чии сопственици се Срби.

„Долги години претежно седевме внатре, бидејќи не можевме да одиме на север, поради нашата вероисповед, ниту пак на југ, поради нашиот јазик“, истакнува Џуџевиќ.

„Кажи ми, како може некој по име Омер (името на нејзиниот постар син) да биде прифатен во српско одделение?“, прашува таа.

Бидејќи завршила училиште на албански јазик, но и поради тоа што „живееме во земја во која мнозинството се Албанци“, веднаш по војната таа решила да го запише својот син, кој во тоа време имал пет години, во градинка на албански јазик.

„А и поблиску беше“, објаснува таа. „Беше поопасно да го запишам во северниот дел (каде живеат Србите)“.

Сепак, таа се премислила за градинката, откако нејзиниот син го изоставиле од активностите за одбележување на Денот на знамето, со кој се одбележува годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија во 1912 година, кој, на Косово, се слави како национален празник.

Омер бил единствениот Бошњак во градинката во која имало околу 30-40 деца и единствениот кој не бил вклучен во активностите за обележување на празникот.

„Мамо, зошто не си облечена за оваа активност?“, се сеќава Џуџевиќ на прашањето на својот син, кој тој ѝ го поставил кога таа дошла да го земе од градинка. „Сите други родители се облечени!“, ѝ рекол тој.

Таа не била поканета. На пат кон дома, петгодишниот Омер повторно ја прашал: „Зошто не добив рецитација? Јас можам да научам да рецитирам песна, нели?“.

Бидејќи има албанско, турско и бошњачко потекло, Џуџевиќ се чувствува како припадничка на сите три националности и поради тоа, оваа ситуација длабоко ја повредила. Решила, нејзините синови да го продолжат своето образование во бошњачкото училиште, и покрај лошите услови во него, недостигот на книги и на наставници.

„Сега, кога моите синови пораснаа, подобро ја сфаќам ситуацијата. Ако им се случеше нешто, не би можела да слушам српски или слични јазици, со желба да бидат подалеку од мене. Во тоа време, сепак, беше доста тешко “, објаснува таа.

Бошњаците „немаат силен странски покровител“

Сузана Џуџевиќ со нејзините синови во Митровица, во 1999 година. Фотографија на Сузана Џуџевиќ.

Бошњачката заедница на Косово се обиде да ја одржи својата култура и традиција, за да не го изгуби чувството за својот идентитет. Но, среде динамиката на конфликтот меѓу Албанците и Србите, Бошњаците останаа без чувство дека постои место што може да го наречат свое.

Според уставот, Косово е „мултиетничко општество на албанската и на другите заедници“, кои имаат право „слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и карактеристиките на заедницата“.

Во косовското собрание, десет од 120 места се резервирани за Србите, четири за претставниците на ромската, ашкалиската и египетската заедница, три за Бошњаците, две за Турците и едно за Горанците. Останатите места се за пратениците Албанци.

Секоја од етничките заедници на Косово, има право да раководи со општина во која тие се мнозинство, па така денес има општини на чие чело се Албанци, Срби и Турци.

Бошњачката заедница побара да ја води својата општина во Жупа, каде живее мнозинско бошњачко население, што им го вети претседателот, Хашим Тачи, во 2017 и поранешниот премиер, Рамуш Харадинај, во 2018 година. Но, тоа, до денес, се нема случено.

И Реџепи и Мурати велат дека главната причина е недостигот на политичка волја, што е последица на фактот дека Бошњаците на Косово немаат моќен меѓународен покровител.

„Турците знаеја како да ги искористат своите пратеници (во косовскиот парламент) и тие имаа помош од нивниот покровител, Турција“, вели Реџепи.

„Турците го имаат (турскиот претседател Реџеп Таип) Ердоган, Србите се повикуваат на историјата на Србија“, додека Албанците се мнозинство, додава Мурати.

„А што имаме ние?