Анализи

Брза помош: Недоаѓањата никој не ги брои

Екипираноста на Брза помош е под законскиот минимум

По три дена силни болки во стомакот, со температура што тешко се спушта и веќе минува во агонија, ќерката на инаку витален 73-годишен скопјанец, решава да сврти на 194, бројот на Брза помош. Нејзиниот татко е паднат во бессознание, нозете целосно му се одземени, па повикувањето Брза помош е единственото нешто што во недела напладне може да го стори беспомошната жена.

„Не праќаме амбулантно возило за фебрилни состојби“, е одговорот што го добива од другата страна на линијата, откако детално ги објаснува сите симптоми на својот татко.

Не може да поверува на тоа што го слуша. Свесна е дека без медицинска помош, човекот што ја пораснал можеби нема да го дочека следниот ден. Единствено што ѝ останува е да побара помош од приватните болници од каде што веднаш праќаат возило и вклучуваат терапија за болниот човек. Не се работи за вирус, туку за труење, поради кое возрасниот татко е задржан цела недела во болница, пред да му биде подобро.

„Ако оставевме така, на проценките на Брза помош, што се вели, од глупост ќе го изгубевме човекот“, раскажува неговата ќерка, револтирана што единствениот пат кога побарале помош, неа ја немало.

Со вакви искуства, во изминативе неколку години се соочиле многу македонски граѓани. Немаме слободно возило, бил најчестиот изговор со кој биле одбивани нивните повици за помош. Пациенти главно биле повозрасни лица, со хронични болести, чии семејства немале можност сами да ги однесат во болница, или на друг начин да добијат помош.

Како еден 29-годишник од Чаир, кој гледал како во болки пред него полека умира неговата мајка, болна од рак. Или ќерка, чија 69-годишна мајка починала еден ден откако од Брза помош ја уверувале дека сѐ е во ред и нема потреба од праќање возило.

Луѓето се револтирани бидејќи ретко имаат искуство со Брза помош, па затоа и очекуваат дека таа ќе биде тука кога ќе им притреба. Но, наместо тоа, системот многу често ги изневерува.

Половина здравствени центри без минимум тимови за Брза помош

Возила на задниот паркинг на службата за брза помош при поликлиниката „Букурешт“ во Скопје

Паркирани возила на брзата помош | Фото: БИРН

Системот се состои од 33 здравствени центри во земјава, и секој од нив во својот реон раководат и го организираат функционирањето на Брза помош. Но, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), дури половина од нив кубурат со кадар и имаат помалку од минимум од потребните тимови во Брза помош.

Истражувањето покажа дека на земјава ѝ недостигаат дури 52 тима за итна медицинска помош, и тоа само за да се задоволи законскиот минимум.

Разликите меѓу градовите со недостиг од кадар, и тие што го имаат, се големи. Затоа има ситуации во кои на некои места, еден тим на Итна помош да покрива илјада, а на други и до 40.000 жители дневно или, пак, во една смена на Итна помош некаде да има по две, а некаде и по 50 интервенции.

Најголем обем на работа има скопската Брза помош, што е разбирливо, со оглед на тоа што здравствениот дом во Скопје покрива третина од жителите во земјава. Во главниот град, според истражувањето на ЦГК, има недостиг од најмалку 18 тима на Брза помош.

А кога нема доволно тимови, нема друг начин, освен внимателно да се одбира каде да се пушти возило. И, според здравствената состојба на тој што побарал помош на 194, но и зависно од возраста на тој што е во неволја.

Староста како фактор за Брза помош

Паркингот пред влезот на пунктот на брзата помош во склоп на поликлиниката „Букурешт“

Возило на брзата помош пред влезот на скопскиот пункт | Фото: БИРН

„Не е точно“, прво одговори директорката на скопската Брза помош, Милица Бубало, на прашањето дали е точно широко распространетото уверување дека не им се праќа Брза помош на повозрасни граѓани.

Потоа, сепак се надоврза, дека понекогаш мора да одлучуваат според степенот на итност.

„Кога имате млад човек со мозочен удар и возрасен со мозочен удар, кај кого ќе реагирате?“, праша таа, сама одговарајќи си дека ќе отидат кај помладиот.

И самата е свесна дека постои сериозен недостиг од кадар во службата, но дополнува дека се трудат ваквите тешки избори да не треба често да се прават.

Од друга страна, на анкетата на БИРН за искуството со Брза помош, чести се одговорите дека таа не дошла кога одговориле на прашањето на која возраст е пациентот. Биле принудени, или сами да го транспортираат пациентот, или да бркаат врски за да им стигне амбулантното возило. На ова најчесто се жалат луѓето од поголемите градови, за кои и истражувањето на ЦГК покажа дека имаат најголем недостиг од кадар.

Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде што дневно еден тим во службата за Брза помош треба да опслужува по 40.000 жители. Куманово и Скопје се следни, со по еден тим на околу 30.000 жители дневно.

Тоа не ја изненадува тетовката Наташа Ѓорчевска, која во неколку наврати била одбивана од Брза помош, повикана во моментите кога нејзиниот татко добивал мозочен удар.

„Стар е, не може да дојдеме, донесете го самите“, бил одговорот на нејзините повици за спас на човек што немал ниту 70 години.

За да им пуштат екипа, морало да бараат врски во раководството на тетовската болница. Дури и тогаш, тимот доаѓал неподготвен, со ладно возило, без потребна терапија.

Врски се бараат и во Скопје, признава директорката Бубало, ама уверува дека „не успеваат“.

„Многу ми е жал за возрасните луѓе, ама Брза помош не е палијативна нега“, вели Бубало, додека појаснува дека нивната работа е да интервенираат во итни случаи – сообраќајки, инфаркти, мозочни удари, но и дека не може да праќаат екипа „за висока температура“.

Судејќи според стотината сведоштва до кои дојде БИРН, преку разговори и анкета за искуството со Брза помош, граѓаните во страв дека ќе бидат одбиени, понекогаш и лажат дека човекот за кого бараат помош е помлад од реалното.

Непознато е колку повици остануваат неодговорени

Паркирано возило на брза помош пунктот во Скопје, кај поликлиниката „Букурешт“

Старо возило на скопскиот пункт за брза помош | Фото: БИРН

Проблемот со скопската Брза помош е што нема доволно луѓе и возила. Таа го опслужува, не само градот, туку и приградските населби, заедно со автопатиштата од Скопје до Велес и Тетово. Скопскиот регион, за кој тие се надлежни според последниот попис, има над 600.000 луѓе. Но, тука се и тие што секојдневно доаѓаат во градот по работа, студентите, туристите…

На хартија, оваа институција има 17 возила, но на терен 12, најголем дел од нив набавени во последните 4 години. Другите пет се исправни, но дотраени и возат со брзина под 50 километри на час, па затоа не ги користат за итни случаи, туку претежно за транспорт на неподвижни пациенти.

Ситуацијата со вработените е слична – скромна за бројот на жители што од нив очекуваат помош. Вкупно имаат 45 тима. Дел од нив одмораат по смените, дел се во диспечерскиот центар и не одат на терен. Во една смена, која трае 12 часа, истовремено на терен успеваат да излезат од шест до осум тима.

„Минимум од 15 до 20 во смена би било оптимално“, вели Бубало.

Сегашната состојба, во која се наоѓа оваа служба, не ги задоволува минималните стандарди. Според уредбата донесена во 2015 година, во секој здравствен дом кон кој гравитираат до 30.000 жители, треба да има најмалку пет тима за Итна медицинска помош, односно по уште еден дополнителен тим на секои десет илјади жители, за поголем регион.

За скопскиот, тоа би значело дека треба да има барем 63 тима, а сега се само 45.

Истражувањето на ЦГК, кое ги сумира бројките од 2022 година, за цела територија на државата, воочува огромни разлики во бројот на жители што ги покрива Итната медицинска помош во различни градови.

Освен што недостига кадар, нема ни доволно амбулантни возила. Во Тетово, на пример, со вкупно 4 возила на Итна помош, треба да се опслужат околу 200.000 жители. Оттука и не зачудува фактот што е еден од градовите со најмалку интервенции на Брза помош, во однос на бројот на жители. Заедно со Македонски Брод, Делчево и Македонска Каменица, покажува истражувањето на ЦГК.

Она што ова истражување не успеа да го открие, е на колку од повиците со барање за Брза помош, всушност, се испраќа екипа. Проблемот е во тоа што ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици со барање за Итна помош добиваат, туку само на колку повици одат.

Затоа, пак, сведоштвата на граѓаните дадени за БИРН овозможуваат мал увид во тоа. Луѓето се жалат дека често не ја добиваат помошта што ја побарале. Дека треба да чекаат со часови. Дека се беспомошни. Најголемиот дел од нив се лица постари од 66 години. Но, нивните искуства никој не ги брои.