Анализи

Бугарската декларација, ново минско поле за историската комисија

Македонски и бугарски историчари за БИРН ја коментираат последната одлука на пратениците во Софија

За македонските историчари во заедничката комисија со Бугарија проблем е усвоената декларација во бугарското собрание, а за бугарските историчари проблем се измените на Законот за здруженија и фондации усвоени лани во ноември.

Декларацијата која вчера ја усвои бугарското собрание, во самото име наведува дека во Македонија се случува „ескалацијата на агресивните антибугарски манифестации“. Од деветте точки две се однесуваат на историјата, а една е конкретно поврзана со работата на заедничката комисија.

Имено, во декларацијата се наведува дека „…измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија“ и оти тие „може да ја попречат и предодредат активноста на Заедничката мултидисциплинарна комисија“.

„Законот очигледно е насочен кон имињата на бугарските клубови“ изјави за БИРН заменик копретседателот на комисијата, бугарскиот историчар Наум Кајчев.

Тој особено го потенцира делот од законот кој предвидува формирање на посебна комисија која ќе одлучува дали имињата на невладините се на личности поврзани меѓу другото со фашизмот, Третиот рајх и неонацизмот.

Според Кајчев  со тоа се создава  правен механизам кој овозможува „посебен државен орган да одлучува кои историски личности или настани се ‘подобни’, а кои не“.

„Ваквиот закон, според мое лично мислење, е еден вид притисок врз нашата Заедничка историска комисија, бидејќи претпоставува официјален ‘државен’ однос на Северна Македонија кон личности и периоди за кои би разговарале“, вели тој во изјавата за БИРН.

Законот „не се обидува да го толкува минатото и да укажува на членовите на Комисијата како треба да работат“ оценува за БИРН Петар Тодоров, член на македонскиот тим историчари во комисијата, туку да превенира „злоупотреба на историјата за поттикнување на меѓуетнички тензии во државата и омраза кон народите кои живеат во Македонија“.

Според него не законот, туку декларацијата на бугарското собрание е уште еден товар врз плеќите на комисијата.  Според Тодоров таа е „обид на политиката да се меша во работата на Комисијата и да одредува што и како треба да дискутираме“.

Уште една точка од декларацијата индиректно се однесува на историските теми. Бугарските пратеници изгласаа дека ги отфрлаат „лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Република Северна Македонија и ги смета како намерно влевање омраза против Бугарија и Бугарите “.

Според Кајчев оваа точка од декларацијата е „израз на политичкиот консензус во Бугарија за принципите на односот кон југозападната сосетка“.

Тој реферира на континуитетот на бугарската политика наведувајќи ги позициите на бугарскиот министер за надворешни работи Ивајло Калфин дадени 2006 година дека Бугарија ќе инсистира „Македонија да не покаже агресија врз бугарската историја и нација“.

Оваа точка на декларијата за отфрлање на „манипулативните изјави за бугарското минато “ за Тодоров е „попроблематична“ од онаа во која се поврзува законот за здруженија и фондации и работата на комисијата.

„Не може државите да одредуваат што е лажно и манипулативно тврдење за минатото и да наметнува како ќе го толкуваме истото“ вели Тодоров.

„Се разабира доколку  историјата се злоупотребува сеење омраза тоа треба да се осуди, но такви изјави повеќе слушаме во Софија преку негирањето на јазикот на Македонците и нивната историска традиција“.

Тодоров посочува дека глорифицирањето на личности како Ванчо Михајлов или Цар Борис Трети „може да води кон повторување на злосторствата починети во нивно време, од нив или од нивните соработници“.

Следниот состанок на комисијата би требало да се одржи за околу две недели, а според досегашните јавни изјави, периодите во кои живееле Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов, се далеку од тоа да бидат ставени на дневен ред. Сега се разговара за средниот век.

Вчерашната декларација е трета донесена во бугарското собрание, а поврзана со Македонија. Првата е во 2017 година, пред да биде потпишан Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји. Со неа се охрабруваа владите да ги финализираат преговорите. 

Линиите на бугарската позиција се исцртуваат две години подоцна, во втората декларација која тамошното собрание ја усвои во октомври 2019 година.  Во неа се споменуваат првпат официјално формулациите како  „препишувањето и присвојувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година“ , потоа се инсистира на „рехабилитација на жртвите и репресираните во име на нивната бугарска самосвест“ и се споменува запирањето на секоја форма на „говор на омраза“ итн.