Анализи

Бугарските политичари се колебаат меѓу „атлантската“ коалиција и повторни избори

Гамбитот на Борисов ги збуни неговите ривали

„Логично е следните избори да дојдат неколку месеци по локалните избори“,  изјави неодамна Христо Иванов, копретседател  на либералната коалиција Демократска Бугарија, за интернет-страницата Dnevnik.bg, што би значело дека тие би се одржале во ноември 2023 година. Неколку минути подоцна, тој додаде дека изборите може да се одржат дури и напролет.

Должност на политичарот е да гледа чекор напред. Иванов, сепак, гледаше два чекора напред, бидејќи го кажа ова повеќе од една недела пред четвртите, во последните 18 месеци, избори во Бугарија.

Ваквата способност да предвидуваат ќе биде задолжителна за бугарските политичари во следните неколку месеци, а се чини дека и тие се свесни за тоа, судејќи според нивните потези по гласањето на 2 октомври.

Комбинацијата од најнискиот одѕив од 1989 година и лошите изгледи за формирање влада ја сместија Бугарија некаде помеѓу сценариото на Израел, кој се движи кон своите петти избори од 2019 година, и сценариото во Италија, каде што културата на политички турбуленции резултираше со 68 влади во 76 години.

Под површината, фрагментираниот политички живот во Бугарија, или оди кон неочекувана консолидација, или ќе продолжи да се тркала заедно со непредвидливиот циклус на избори.

Промените меѓу гласачите нема да помогнат во создавањето коалиции

Последните резултати од изборите претставуваат проблем за коалицирање. Централнодесничарската партија Граѓани на европскиот развој на Бугарија, ГЕРБ на Бојко Борисов, доби повеќе гласови од „Продолжуваме со промената“, која на претходните избори беше прва партија.

Но, ГЕРБ има малку опции за коалицирање, за разлика од оние што ги имаше „Продолжуваме со промената“ во ноември 2021 година. Таа партија можеше да се потпре на сојузниците против ГЕРБ. Гласот за самата центристичка „Продолжуваме со промената“ на овие избори се намали за една четвртина.

Националистичката партија Преродба, која може да помогне да се обезбеди мнозинство за Борисов, повеќе од двојно ја зголеми својата поддршка во споредба со ноемвриските избори, од 4 на 10 отсто.

Преродба го зазеде местото на Бугарската социјалистичка партија, БСП, чиј  повозрасен електорат се смета за најпроруски настроен, а чии лидери остануваат растргнати меѓу посветеноста на ЕУ и потребата на нивните гласачи.

Партијата на Стефан Јанев, кој беше принуден да ја напушти функцијата министер за одбрана во февруари затоа што одби војната во Украина да ја нарече војна, ја замени популистичката „Има таков народ“, ИТН, преминувајќи го прагот од четири отсто, која ИТН не ја помина.

Пред нешто повеќе од 15 месеци, „Има таков народ“ победи на изборите со 23 отсто од гласовите, а по следните избори беше помал коалициски партнер на Продолжуваме со промената, социјалистите и Демократска Бугарија. Сепак, сите три партии ја отфрлија можноста за соработка со ГЕРБ.

Гамбитот на Борисов ги збуни неговите ривали

Борисов не се врати; неговиот резултат е подобрен само за неколку процентни поени во споредба со ноември 2021 година, а позиционирањето на првото место е резултат на падот на гласови на „Продолжуваме со промената“.

Меѓутоа како знак на, како што дури и критичарите го нарекуваат, неговиот силен политички инстинкт, со само еден потег го постави тонот за можно враќање на политичката сцена – со или без избори.

Борисов ја подаде раката за „евроатлантска коалиција“, закопувајќи ги секирите со Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија и изјави дека е подготвен за „секаков вид компромис“, дури и прифаќање на реформските планови на противниците.

Тие вклучуваат јасен став за војната во Украина, енергетска диверзификација далеку од рускиот Газпром, поддршка за приклучување во еврозоната и итни нови економски мерки во услови на кризата предизвикана од војната.

Тој дури предложи и истакнати застапници на евроатлантската идеја за модератори, наведувајќи го нивниот „неоспорен углед, кога станува збор за најважната тема, а тоа е темата против Путин“, а тоа се имено, поранешниот претседател Росен Плевнелиев и поранешниот министер за надворешни работи, Соломон Паси.

Борисов номинално е прозападен, но ретко беше толку недвосмислен: застана цврсто зад Украина на начин што ниту Продолжуваме со промената ниту Демократска Бугарија не можеа да си го дозволат. Тој јасно стави до знаење дека е потребна влада, бидејќи војната во Украина со себе носи ужасна криза, а дека Бугарија треба да ѝ испрати оружје на Украина.

Тој досега беше внимателен со менување на ставовите низ годините (неговата решеност да го изгради балканскиот крак на гасоводот Турски тек и да помогне рускиот гас да ја заобиколи Украина е само еден пример).

Сепак, многумина го отфрлија предлогот. Социјалистите гледаат ризик од отуѓување од своите гласачи, а Демократска Бугарија смета дека тоа е подготовка за следните избори.

Самиот Борисов, пак, ја отфрли идејата за коалиција со Преродба, чии наративи за Украина се на страната на Русија, но која заедно со Движењето за права и слободи може да му обезбеди мнозинство.

Но, некои експерти го пофалија неговиот јасен став во земја, во која дури и најпрозападните мејнстрим политичари се претпазливи да го сторат тоа поради страв од губење на гласачите. Таков беше и Борисов. До сега.

Тоа може да биде маневар за привлекување гласачи на Продолжуваме со промената и на Демократска Бугарија, но е нов развој на настаните во средина каде што фрагментираниот политички живот го направи јавниот дискурс да биде свртен кон внатре. Овие поделби ја спречија Бугарија да искаже активен став за војната за време на претходната влада.

Амбиција да владее сега или подоцна

Со оглед на тоа што ГЕРБ како најголема партија е подготвена да го добие мандатот за формирање влада, а никој друг нема изборна математика за да добие чисто мнозинство, коцката на Борисов може да биде, или од чиста амбиција, или подготовка за следните избори.

Коалицијата би била добредојдена во време на економска криза, но веројатно нема да трае долго. Борисов отсекогаш успевал да ги надмудри (и ослабне) политичките сојузници, туркајќи ги под изборниот праг на следното гласање, додека самиот останува нечепнат.

Од друга страна, ЕУ би го поздравила „евроатлантскиот“ блок. Коалицијата што неговите критичари се сомневаат дека ја планира со Движењето за права и слободи и со Преродба нема да биде толку добро прифатена.

Или е амбиција да се владее сега или амбиција да се владее подоцна. Она што му е потребно на Борисов е да проектира слика на стабилност. Со најавата за тешка зима со која ќе се соочува Европа, во услови на страв од вртоглаво покачување на цените на храната, струјата и бензинот, повикот на ГЕРБ за соработка, флексибилност и стабилност може да помогне да се прикаже како нормализирачка и обединувачка сила во очите на гласачите – или можеби тој така мисли.

Во меѓувреме, сите партии изгледаат подготвени повторно да влезат во кампања, надевајќи се дека ќе го подобрат својот резултат – дури и ако нема индикации дека следниот пат навистина ќе бидат подобри. Таков пример е Преродба, кој во средата повика на закон од руски стил против „странските агенти“ во медиумите, откако новинарот што тој го нарече „отпад на амбасадата на САД“, одби да ја напушти неговата прес-конференција, што го натера тој самиот да замине.

Се чини дека голем дел од политичката елита прифати дека, веднаш или по краткотрајната влада, судбината на Бугарија зависи од многу непредвидливи фактори – како се одвива војната во Украина; како цените на енергијата растат или паѓаат; Какво влијание ќе има претседателот Румен Радев, откако последните негови три  влади дефинираа голем дел од политичкиот живот на Бугарија од април 2021 година.

Многу водачи низ историјата биле во искушение да бараат претскажувачи за да им помогнат да донесуваат одлуки. Во Бугарија ниту една партија не се покажа дека има пристап до некој со такви можности. Идните избори би можеле да ги донесат истите резултати како претходните – или целосно да ја преобликуваат политичката карта.

Токму оваа перспектива „сѐ или ништо“ ги прави следните потези по понудата на Борисов толку релевантни: може да го продлабочат јазот „Запад против Русија“, ако се формира влада или да ги остават партиите и Бугарија на својата судбина. Или и двете, штом таквиот сојуз ќе се распадне.

Ангел Петров е бугарски новинар и уредник со седиште во Софија.