Трагичната смрт на 31-годишната Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка е еден од последните примери, кои предоцна покажаа дека на одлуката да си го одземе животот му претходело насилство од нејзиниот партнер. Тој е осомничен за тешко семејно насилство и наведување на самоубиство.
Во истиот ден, кога скопското обвинителство објави дека отвора истрага за сопругот на Ивана, сподели информација дека е отворена уште една истрага против 55-годишен скопјанец затоа што во два наврати ѝ се заканувал на сопругата со пиштол, а се обидел и да ја убие.
Овие случаи, заедно со убиствата на Танкица, Росица, Катја и Рамајана, кои го загубија животот во слични околности, уште еднаш го отворија прашањето за ажурноста на институциите, особено на полицијата и центрите за социјална работа во навремена заштита на потенцијалните жртви од семејно и родово базирано насилство.
За тоа дали и каква е одговорноста на овие институции, на што се должи нивната бавна реакција и што треба да се промени за државата да обезбеди поитна реакција и подобра заштита за жртвите на семејно и родово базирано насилство, разговаравме со Неда Чаловска-Димовска, aдвокатка, специјализирана за антидискриминација и насилство врз жени и магистер по меѓународно право и човекови права.
БИРН: Според Вашето досегашно искуство, колку МВР и центрите за социјална работа се на ниво на задачата во заштита на жртвите?
Чаловска-Димовска: Според извештајот на Еуростат за 2025 година, нашата држава е трета во Европа според бројот на фемициди. Оттука, треба веќе да констатираме дека имаме нефункционален систем за заштита и, соочени со овој факт, да почнеме да работиме на решенијата.
Институциите имаат обврска да реагираат по службена должност и според принципот на должно внимание поради тоа што семејното насилство е општествен, а не приватен проблем.
Овој принцип е втемелен и во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, според кој, под должно внимание се подразбира обврската институциите да ги преземат сите соодветни законодавни, управни, судски и други мерки за да превенираат, да заштитат, да истражат, казнат и да обезбедат правичен надоместок на жртвите. Исто така, принципот на должно внимание значи и дека институциите се должни да постапуваат итно за интересите и потребите на жртвата.
Од друга страна, имаме и кривична неказнивост на лицата што не постапувале со должно внимание и поради кои потешко се повредиле правата на жртвите или, пак, настанала смртна последица. Во моето досегашно искуство, имам само еден пример, каде што четворица вработени од центарот за социјални работи и двајца полициски службеници беа најдени за виновни за сторување на кривичното дело „Несовесно работење во службата.“
Ова е случајот што заврши со трикратно убиство во Кавадарци, односно беа убиени родителите и сестрата на жртвата, која пријавувала насилство, а институциите не реагирале, а кое се случи пред 11 години.
Важно е да се напомене дека со новите измени на Кривичниот законик од јануари 2026 година се скрати можноста државните органи да одговараат за несовесно работење во службата, со оглед дека ставот 5 од кривичното дело „Несовесно вршење во службата“ е избришан.
БИРН: На што се должат доцните реакции на институциите?
Чаловска-Димовска: Сметам дека станува збор за комбинација на три многу важни елементи, односно отсуство на сензибилитет, меѓуинституционална координација и недоволните ресурси. Само мора да напоменам дека недоволните ресурси не се оправдување зашто отсуството на доволен број вработени во клучните институции за заштита од родово засновано насилство, како и финансиските проблеми се провлекуваат со години, а досега не сум слушнала организирано да се адресира ова прашање од страна на вработените во овие институции.
Мора да бидеме свесни дека со работењето во професиите од јавен интерес и безбедносниот сектор доаѓаат големи одговорности и обврски и ограничените можности да се остварат овие обврски не смее да паднат врз грбот и животите на жртвите на родово засновано и семејно насилство.
Институционалната негрижа кон вработените се пренесува како институционална негрижа кон жртвите и овој круг мора да сопре доколку не сакаме да имаме нови пропусти и одземени животи на жени и деца. Во однос на меѓуинституционалната координација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство предвидува дека во случаи кога постои ризик по животот и здравјето на жените жртви на родово-базирано или семејно насилство, институциите постапуваат преку мултисекторска соработка.
Надлежниот центар за социјална работа треба да формира мултисекторски стручен тим, во кој учествуваат претставници од центарот за социјална работа, полицијата и здравствените установи. Овој тим треба да изработи безбедносен план за помош на жртвата, со цел координирано преземање мерки за заштита и поддршка во согласност со нејзините потреби.
Во процесот можат да се вклучат и граѓански организации, кои учествуваат во предлагање и спроведување активности предвидени во безбедносниот план. Доколку во случајот има и дете што е изложено на ризик, тимот предвидува и посебни мерки за негова заштита и поддршка. Овој пристап има за цел институциите да дејствуваат координирано и навремено, со цел поефикасна заштита на жртвите и спречување на понатамошно насилство.
Сепак, во пракса, мултисекторските стручни тимови многу ретко се формираат, што влијае заштитата на жртвите да биде очигледно неефикасна.
БИРН: Што би требало да се промени за жртвите да добијат навремена и соодветна заштита од државните органи?
Чаловска-Димовска: Првин пристапот на институциите. Жртвите треба да бидат во центарот при постапувањето, да бидат сослушани и да се постапува според нивните потреби, но и итно да се реагира според обврската за должно внимание, да се направи безбедносен план со вклученост на самата жртва.
Да се почне конечно со отстранување на насилникот од домот наместо жртвите да се ставаат во засолништа. Зошто жртвите да бидат оние со ограничена слобода на движење наспроти сторителите?
Потоа неопходно е да се зајакнат специјализираните сервиси за поддршка на жртвите, кои во моментов, во најголем дел ги водат здруженија на граѓани. Вакви сервиси не се воспоставени во доволен број и не се соодветно финансирани од страна на државата. Тоа значи дека многу жртви немаат пристап до основни информации, правен совет, психосоцијална поддршка, особено оние што живеат во помалите градови и руралните средини.
Тоа се потврдува и во извештајот на ГРЕВИО – експертската група што ја мониторира имплементацијата на Истанбулската конвенција, според кој, за повеќе форми на родово засновано насилство не се ниту воспоставени специјализирани сервиси, особено за жртви на сексуално насилство.

