За околу 4.800 деца нема место во македонските градинки, тие се на листите на чекање, додека нивните родители се снаоѓаат како што знаат и умеат. Ги ангажираат бабите и дедовците, даваат отказ на работа или се изложуваат на сериозни дополнителни трошоци за приватни градинки или за негувателки.
Властите се свесни за проблемот што опстојува со години и сега отворено зборуваат за него, впрочем тие дошле до оваа бројка, меѓутоа мерките што ги планираат се нецелосни.
Доколку се реализираат нивните планови, новите и доградените градинки би прифатиле само околу половина од децата што се на долгата листа на чекање, а нема итни мерки што би им олесниле на овие неколку илјади родители во краток рок да ги згрижат децата.
Откази и астрономски суми за приватни градинки
Прашалникот на БИРН за овој проблем, на кој граѓаните можеа анонимно да ги споделат своите искуства, покажа дека некои од семејствата трпат сериозни последици зашто нема кој да им ги чува децата.
„Останав без работа со две мали деца. Породилното отсуство ми заврши во октомври и морав да дадам отказ и да останам дома“, вели, за БИРН, мајка од Битола, која сè уште чека одговор од градинката.
„Побргу човек ќе заврши факултет отколку да запише дете во градинка“, цинична е таа.
Слична судбина имала и брачна двојка од Скопје.
„До две години, за детето се грижеше бабата, а потоа мајката даде отказ“, напиша родител од Општина Аеродром.
Други, пак, се изложени на сериозни дополнителни трошоци.
Дополнителен предизвик за родители на деца со попреченост
„Во Битола нема градинка во која има вработен дефектолог. Чекавме со години, ама никогаш не успеав да го запишам детето во градинка“, вели мајка од Битола, која прекинала да работи за да го чува синот со церебрална парализа.
Друга мајка, исто така, од Аеродром, која одговори на прашалникот, подоцна во разговор со БИРН објасни дека со сопругот се обиделе да го запишат синот во државна градинка што чини 1.490 денари месечно, но од таму им кажале дека ќе им се јават кога ќе се ослободи место.
Во меѓувреме, го запишале синот во приватна градинка, каде што плаќаат 18.000 денари месечно.
„Не е нормално приватните градинки да чинат 12 пати повеќе од државните.“
„Кога би биле поевтини, ќе нема такво оптоварување во државните “, вели таа.
Но, приватните градинки не се опција што повеќето семејства можат да си ја дозволат, особено во периоди на високи трошоци за живот. Затоа не изненадува што околу третина од луѓето што одговорија на нашиот прашалник, го „решиле“ проблемот со помош од баби, дедовци и од други роднини.
Нецелосни решенија
Информацијата за 4.800 деца на листите за чекање, во разговор со БИРН, ја сподели Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади.
Велковски вели дека до септември годинава ќе се градат нови градинки, ќе се доградуваат постоечки објекти и ќе се пренаменуваат стари објекти. Тој за пример посочува интернат во Јегуновце, кој веќе не се користи, а сега е пренаменет во градинка со две занимални.
Со ова само делумно ќе се реши недостигот од места во градинките.
„Доколку сево ова се заврши, ќе се најде место за 2.800 деца, односно за 55-58 отсто ќе се намали листата за чекање до септември годинава“, вели заменик-министерот.
Сепак, околу 2.000 деца би останале без место во градинка. А решенијата за кои размислува Министерството, во меѓувреме би биле достапни само за подобро ситуираните семејства.
Па така, се разгледува опцијата за субвенции, кои ќе го олеснат процесот за отворање приватни градинки, но не и додаток за семејствата што ќе им олесни да ги издржат тие трошоци.
Од друга страна, за негувателки или бебиситерки, кои најчесто работат во неформален однос и не ги пријавуваат своите приходи, се разгледуваат опции како тие да ја формализираат својата работа и да плаќаат придонеси, со лиценци од Министерството за социјална политика.
На тој начин би се понудила легална и безбедна опција за згрижување деца, меѓутоа варијанта за ангажирање дадилки со полно работно време воопшто не е евтина за родителите – сумите за овие услуги се движат од 20.000 денари нагоре.
Според Заводот за статистика, во 2023 година, 37.804 деца биле запишани во детски градинки/центри за ран детски развој. Односно, недостасуваат места за околу 11 отсто од децата чии родители сакаат да ги запишат во градинки.
Заменик-министерот вели дека најголемиот недостиг од места е концентриран во општините Аеродром, Ѓорче Петров, Гази Баба и Кисела Вода. И според повеќе од стотина одговори на прашалникот на БИРН, јасно е дека проблемот е најсериозен во Скопје. Околу четвртина од одговорите што ги добивме на анкетата се однесуваа токму за Општина Аеродром.
Велковски е свесен дека овој проблем, меѓу другото, се должи и на несоодветно планирање.
„Треба да се мисли на целата инфраструктура кога расте една општина. Но, не се мислело на тоа. Министерството разговараше, пред сѐ, со скопските општини за да се намали притисокот со нив, инвестициите тука се најголеми“, рече Велковски за БИРН.
Скриената бројка веројатно е поголема
Во интервју со 360 Степени, Влатко Ѓорчев, националниот координатор за демографија, млади и човечки капитал, алармира за значително намалениот наталитет.
Меѓу потенцијалните решенија, Ѓорчев го спомнува и градењето на повеќе градинки, но тој посветува далеку повеќе време, зборувајќи за промовирање одредени вредности кај населението.
„Треба да ја пренесеме пораката на младите дека бракот и семејството се добра одлука“, изјави Ѓорчев на крај на јануари годинава.
Но, во пракса, тие што се одлучуваат да почнат семејства се соочуваат со многубројни проблеми токму кога е во прашање обезбедувањето соодветна грижа за своите деца.
Освен недостигот од места, повеќе родители ни се пожалија дека групите во градинките се преполни.
„Недостигот од кадар и простор е застрашувачки. Во занимална, предвидена за 15 деца, се запишани повеќе од 45 и со само две негувателки и без воспитувач. За групите од 0 до 2 години има 50 бебиња“, се пожали родител од Општина Аеродром.
Министерството за социјална политика, демографија и млади предвидува групи до 30 деца само за деца на предучилишна возраст. На пример, за деца од 18 месеци до две години, во групите би требало да има од 10 до 12 деца.
На оперативно ниво, за градинките задолжени се општините и затоа неретко токму на општинските седници се носат одлуки за да се зголеми бројот на децата во групите.
„Ни кажаа дека пред нас имало 800 барања за прием на деца во градинка и дека невозможно е да го примат нашето дете“, напишаа родители од Скопје.
Така што, иако на хартија можеби на листа за чекање се околу 4.800 деца, во реалноста многу повеќе деца би чекале доколку градинките би се држеле до стандардите што ги пропишува Министерството.
Со „врски“ е полесно
Речиси половина од испитаниците споделија дека биле присилени да фаќаат врски за да ги запишат своите деца во градинка.
„Иако самиот чин на барање врски ни е одбивен и неморален, си погазивме на нашите морални вредности и најдовме врски. Не сме воопшто горди на тоа“, вели мајка од Општина Центар за БИРН.
Уште една мајка од Аеродром, пак, поучена од лошото искуство со првото дете, кое добило место во градинка дури по една година, второто дете го ставила на листа на чекање веднаш по раѓањето.
„Имаше листа на чекање од 900 деца пред нас и трпеливо си чекавме, сè додека не сфативме дека со врски се запишуваат од денес за утре“, напиша таа.
Родителите се жалат и дека некогаш се запишуваат деца од други општини, иако законот предвидува градинките да ги посетуваат само тие што живеат во таа општина.
Така што, кога родителите бараат врски, често се обраќаат кај нивни познаници што работат во општината во која живеат.
Помалку градинки – помалку жени што работат
Според истражувањето од Реактор, „Достапност на градинки и родова еднаквост на пазарот на трудот“, немањето градинки има значен ефект врз жените.
Истражувањето заклучува дека „општините во кои има барем една градинка, процентот на вработени жени изнесува во просек 34,6 отсто, додека во општините каде што нема ниту една градинка, процентот на вработени жени е 21,3 отсто“.
На родител од скопска општина, кој одговори на анкетата на БИРН, дури му било кажано дека само ако градоначалникот му е врска, ќе може да се запише неговото дете во градинка.
А на еден од испитаниците, врската му била токму градоначалникот.
„Сите се исклучително љубезни и експедитивни кога си најавен од градоначалникот. Супер функционира, секому препорачувам вакво искуство“, саркастично вели родител што на овој начин за три дена го згрижил детето.
Тешко е да се искорени ваквата пракса кај граѓаните, кога е во прашање наоѓање неопходна грижа за своите деца во ситуација на значаен недостиг од градинки.
Според истражувањето од Реактор, најголем процент на згрижени деца во 2021 година имало во Општина Центар – 64,3 отсто.
Ниедна друга општина не успеала да згрижи ниту половина од децата што живеат таму. А во Шуто Оризари и во Липково, процентот на згрижени деца бил под три отсто.
За споредба, додека просекот на згрижени деца во градинка од три години до возраст на задолжително образование во ЕУ е 92,2 отсто, во Македонија оваа бројка е само 39,8 отсто.