Анализи

Чесите се носталгични за комунизмот, Словаците уште повеќе

Сенките од комунизмот сѐ уште живеат во некогашна Чехословачка  

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Чешката Комунистичка партија конечно остана надвор од парламентот на земјата, 32 години oд падот на нејзиниот тоталитарен режим, откако не освои ниту едно место на парламентарните избори во октомври. Во Словачка, на комунистите им одеше многу послабо по Кадифената револуција на 17 ноември 1989 година, ден што се слави како национален празник во двете држави. Сепак, анкетите покажуваат дека во двете земји, а посебно во Словачка, носталгијата кон комунистичкиот режим е силна.

Додека во Чешка, 58 проценти од луѓето сметаат дека сегашниот режим е подобар од тој пред Кадифената револуција, во Словачка тој процент изнесува 45, според анкетата на агенцијата СТЕМ и Фокус во соработка со социолози од двете земји. Истражувањето се спровело по нарачка на Кока-кола во пролетта 2021, и опфатило 811 луѓе од Чешка и 805 од Словачка.

„Мислењата дека поранешниот режим бил подобар се резултат на споредбите со денешницата, од која многумина не се задоволни, до тој степен што веруваат дека порано им било подобро“, вели Бохумил Бузик, социолог од Словачката академија на науките.

Експертите сметаат дека овие мислења во голем дел се резултат на носталгијата меѓу повозрасните, кои ги паметат добрите нешта од минатото и ги забораваат лошите. Но, тие, исто така, произлегуваат од недостигот од историско познавање на тој режим меѓу младите луѓе што биле родени во демократско време и никогаш немале лично искуство со тој режим.

Згора на тоа, првото демократско искуство на оние што претрпеа штети од економската трансформација по 1989 година беше разочарувачко. И чешкото и словачкото општество се соочија со назадувања во раната фаза од демократијата, со недостиг од правда и фер политичка игра.

Поларизираната Словачка

Комунизмот донел индустријализација во Братислава и во цела Словачка | Фото: БИРН

Демократската традиција во Чешка, историски е многу посилна, па граѓаните таму можат да прават споредби меѓу повоениот социјализам и Чехословачката република меѓу двете светски војни, кога „речиси сѐ било подобро за Чесите“, вели Бузик.

Во комунизмот, чешкото општество пропаѓаше политички и стагнираше економски, што не беше случај со Словачка, каде што се случи индустриски бум откако комунистите ја презедоа власта во 1948 година. Како резултат на тоа, сеќавањата на чешките пензионери од комунизмот се забележливо различни од тие на словачките, додава Бузик.

Анкетата на СТЕМ и Фокус покажа дека чехословачкиот комунистички режим се оценува на различни начини меѓу граѓаните на Чешка и на Словачка.

Во Чешка, процентот на тие што сметаат дека сегашниот режим е подобар од претходниот се намалил од 71 отсто во 1991 година на нешто над 58 отсто денес. Делот на оние што сметаат дека комунистичкиот режим бил подобар скокнал од 15 на 25 проценти во истиот период.

Во Словачка, иако има напредок во сфаќањата на граѓаните за демократијата, населението е поларизирано и 45 проценти веруваат дека сегашниот режим е подобар, а 40 проценти сметаат дека е полош. Се забележува и зацврстување на ставовите меѓу Словаците. Делот што смета дека сегашниот систем е многу подобар пораснал на 18 отсто, а делот што смета дека е многу полош е 24 отсто.

„Во Словачка е полошо, ако ја видиме стапката на оние што го оцениле сегашниот режим како полош од минатиот“, вели Бузик. „И покрај тоа, раширената носталгија за поранешниот режим не резултира со гласање за Комунистичката партија, а во Чешка се случуваше тоа, и партијата беше дел од парламентот до неодамна.

Без брзање

Томаш Костелечки, социолог од Чешката академија на науките, смета дека општествените услови се причина за мислењата дека поранешниот режим бил подобар.

Луѓето, на кои социјалниот статус им е релативно понизок денес отколку под поранешниот режим, разбирливо сметаат дека порано било подобро. Тоа се главно машински работници, рудари на јаглен, работници во челичарници и други што ги уживале придобивките од Комунистичката партија на Чехословачка.

„Меѓу нив, секако, се обичните работни луѓе, кои уживаа висок степен на социјална заштита и на предвидливост во нивните кариери, а таа сигурност и предвидливост се загуби по 1989“, забележува Костелечки, додавајќи дека некои луѓе се соочиле со невработеност и со губење на својот имот по револуцијата.

Бузик вели дека луѓето што се сега на пензионерска возраст биле во своите 20-ти години во 1970-тите и во 1980-тите. Тогаш основале семејства, и сеќавањата од тоа време им се поврзани со младоста, семејството, стабилните цени на стоките и релативно лесните услови за да се добие стан на кредит. „Тоа било време кога убаво живееле“, посочува Бузик. „Животот не бил брз и стресен“.

И тогаш луѓето биле свесни за недостатоците од живеењето под тоталитарен режим. Но, сега кога се пензионери со нарушено здравје и со мали приходи, гледаат како нивните деца и внуци работат по две работи за да си обезбедат пристоен животен стандард и се задолжуваат за да можат да купат стан, па минатото се чини како подобро, објаснува Бузик.

„И бидејќи имаме тенденција да ги забораваме лошите работи, нивната носталгија ги тера да го гледаат минатиот режим како подобар од сегашниот“, вели тој. „Можеме да претпоставиме дека не им пречело отсуството на демократија во режимот во кој биле родени и не биле многу заинтересирани за тоа, а политиката и демократијата не им се главен интерес ниту денес“.

Образованието на младите е клучно

 Вацлавскиот плоштад во Прага беше место на големи демонстрации пред 32 години | Фото: БИРН

Помладата генерација е помалку носталгична, но не е целосно имуна на позитивните гледишта на комунистичкиот режим.

„Кога зборуваме за луѓето што растеле или дури биле родени по 1989 година, прашањето е дали нивните погледи се резултат на пренесување позитивни наративи од постарата генерација и создавање нова генерација почитувачи на авторитарниот социјализам, или, пак, ставовите им произлегуваат од критичкото перцепирање на сегашниот режим“, вели Олга Ѓарфашова, социолог од невладиниот тинк-тенк Паблик аферс, која моментално работи како советничка на словачката претседателка.

Начинот на кој во моментов се образоваат учениците во Словачка е исто така проблематичен, смета Франтишек Нојпауер, историчар што ја претставува организацијата „Незабележителни херои“, НВО што работи на едукација на средношколците за тоталитарниот режим 13 години. Со нивните проекти, учениците можат да ги истражуваат архивите и да се среќаваат со луѓе што лично ги искусиле ужасите на комунистичкиот режим.

„За многу ученици во Словачка, изучувањето на историјата завршува со информации за 1945 и за 1968 година“, вели тој. Ова се однесува на учениците од гимназиите, бидејќи во насочените средни училишта се учи уште помалку историја.

Нојпауер вели дека луѓето во Чешка добиваат повеќе информации низ медиумите, филмот и културата. Како пример тој посочува дека документарни филмови за комунистичката тајна полиција тукушто почнуваат да се прикажуваат во Словачка, а во Чешка првпат се емитувале во 2009 година.

Демократијата значи правда

Исклучително важен елемент за поддршка на демократијата е чувството дека демократското општество е поправедно и пофер. „Кај луѓето што немаат такво чувство, поради личните лоши искуства или поради влијанието на медиумите, информациите и псевдоинформациите од интернет, поддршката за демократијата се намалува“, забележува Костелечки.

Истражувањето на СТЕМ и Фокус открива и кои вредности им се најпроблематични на луѓето во 1991 и во 2021 година. Со него се открива дека додека пред 30 години, недостигот од слобода се сметал за голем проблем, луѓето не ја доведувале правдата во прашање или можностите што ги имале во животот како нешто за што треба да бидат загрижени. Сега ситуацијата е спротивна. „Слободата и можностите се сметаат за подобри денес, но односот кон правдата е најкритичен меѓу вредностите што се следеа“, вели Ѓарфашова.

Таа додава дека луѓето во Словачка се покритички настроени кон својот правосуден систем во споредба со Чешка. Околу 52 проценти од Словаците сметале дека состојбата со правдата во земјата е незадоволителна, а истата оценка за својата земја ја дале само 38 отсто од Чесите.

„Сепак, во двете општества има чувство на недостиг од правда. Луѓето сметаат дека има еднакви и поеднакви граѓани, дека има „наши луѓе“ што се недопирливи и има „обични луѓе“, додава социологот.

Таа објаснува дека ова чувство се продлабочило во Словачка откако новинарот Јан Кучијак и неговата свршеница Марина Кушнирова беа убиени во февруари 2018 година, а истрагата за овој случај откри огромна политичка корупција во системот. Последиците од тоа се чувствуваат и денес.

„Демократијата значи правда. Ако граѓаните не се задоволни од тоа колку е исполнета правдата, не можеме да очекуваме да ја поддржуваат демократијата и владеењето на правото“, вели таа.

Нина Храбовска Франчелова