Истражувањa

Чистењето на Романија

Тимот на романската техничка влада имаше една година да се обиде да го подобри лошиот рекорд на земјата во рециклирање

Пишува: Адријан Лунгу / Букурешт, Талин

Кога влегува во Министерството за животна средина на Романија, посетителот мора да го сврти грбот на најпознатата и најголемата зграда во земјата – Парламентот. Неговата вистинска големина е речиси премногу за човек да може да ја сфати. Во поголемиот дел од денот, прави многу голема сенка.

Во Министерството, горе по мермерните скали, покрај лустерите, на првиот кат се наоѓа канцеларијата на Раул Поп. Во ходникот има три минијатурни канти за рециклирање – жолта, зелена и сина.

Поп ја презеде функцијата во јуни, како државен секретар задолжен за отпад, како еден од многуте експерти во техничката влада, која стапи на власт шест месеци претходно, откако во пожар во ноќен клуб загинаа 64 лица, што поттикна излив на гнев поради корупција.

Владата доби едногодишен мандат до изборите закажани за декември, со надеж дека работите може да се променат на подобро по повеќе од 25 години лажни ветувања по падот на диктаторот Николае Чаушеску, човекот кој ја нареди изградбата на зградата на парламентот.

Портфолиото на Поп беше рециклирање – што не е ниту популарно ниту секси – туку е показател за бавниот напредок на Романија по падот на комунизмот.

Земјата е за никаде во однос на рециклирањето, а цената за тоа ја плаќа животната средина. Ако ништо не се промени наскоро, луѓето исто така ќе почнат да плаќаат.

Според најновите податоци од агенцијата за статистика на Европската унија, Еуростат, во 2013 година во Романија бил рециклиран само околу пет отсто од комуналниот отпад, додека просекот на ЕУ изнесува 28 проценти. Поголемиот дел завршува на депониите, што ја загрозува животната средина.

Доколку не се постигне стапка на рециклирање од 50 проценти до 2020 година, земјата се соочува со санкции од 200.000 евра на ден. Некои официјални лица предупредуваат на неизбежното кратење на парите од ЕУ за заштита на животната средина, средства што се од витално значење за една од најсиромашните земји во Унијата.

Со избричена глава и очила, 43-годишниот Поп е економист и експерт за отпад. Негов шеф е министерката, 47-годишната Кристијана Паска-Палмер, експерт во областа на заштитата на животната средина, која, како и Поп, ја напуштила својата класична работа во ЕУ во Брисел, за да ѝ се приклучи на каузата по пожарот во ноќниот клуб. Таа со себе ја донела и 34-годишната советничка Елена Растеи, еколошка активистка од централниот романски регион Трансилванија.

Како што часовникот отчукува во пресрет на изборите во декември, тројцата се во трка со времето да ја натераат Романија да рециклира, стравувајќи дека повиците за промена може да затајат кога ќе се вратат политичарите.

Во канцеларијата на Поп, минатото се наоѓа во дрвената ламперија, тешките маси и лустерите. Сегашноста се покажува посрамежливо, во црвениот лаптоп и знамето на ЕУ. Парламентот, непријатното потсетување на мегаломанијата на Чаушеску, доминира во погледот од прозорецот.

„Како и при секоја друга промена, ќе дојде до точка на вриење”, вели Поп. „Ќе се развива полека сѐ додека не достигне критична маса и тогаш станува стандарден начин на однесување”

Запрете го гниењето

Раул Поп, државниот секретар задолжен за отпад во Министерството за животна средина на Романија / Фото: Џорџ Попеску

Раул Поп, државниот секретар задолжен за отпад во Министерството за животна средина на Романија / Фото: Џорџ Попеску

Пожарот во клубот „Колектив“ во Букурешт на 30 октомври 2015 година може да остане запаметен, како пресуден момент во посткомунистичка Романија.

Жалењето по загинатите набргу беше заменето со гнев поради загриженоста дека безбедноста можеби била загрозена заради корупција.

Сопствениците на клубот, Џорџ Алин Анастасеску, Пол Каталин Ганчеа и Костин Минчу, се обвинети за убиство од небрежност и изведени пред суд. Двајца вработени во Секторот за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи, Антонина Раду и Петрика Џорџ Матеи, се обвинети за злоупотреба на функцијата за наводно неизвршување на задолжителните прегледи на клубот.

За илјадници Романци, кои излегоа на улиците во знак на протест, трагедијата беше симбол на корупцијата која сѐ уште ја јаде романската држава и општество.

Премиерот Виктор Понта поднесе оставка, а претседателот Клаус Јоханис се сврте кон поранешниот ЕУ комесар и агроном, Дачијан Чиолос, да ја преземе функцијата додека не се одржат новите избори една година подоцна.

Чиолос, кој не беше член на ниту една политичка партија во тој момент, го пополни неговиот технички кабинет со експерти, претставници на ЕУ и лидери на граѓанското општество. Неговата влада објави изјава за мисијата, истакнувајќи дека трагедијата во ноќниот клуб, и нејзината очигледна причина, создале очекувања во романското општество „кои не може да се игнорираат”.

Паска-Палмер, поранешна висока функционерка за животна средина и преговарачка во ЕУ, беше меѓу оние кои се нафатија да бидат дел од владата, преземајќи го кормилото на министерството кое ги рушеше сите негативни рекорди за рециклирање, уништувајќи ја визијата на Унијата за зелен континент.

Сликата на насловната страница на нејзиниот Фејсбук профил е од протестите кои следеа по пожарот во „Колектив“, со зборовите „Денот кога ќе попуштиме е денот кога ќе умреме”, повикувајќи се на стиховите од една песна на бендот кој настапуваше во клубот ноќта кога го проголтаа пламените јазици. Пејачот беше единствениот член на бендот што го преживеа пожарот.

Романија постојано ги губеше битките на полето на рециклирање на отпадот од домаќинствата по влезот во ЕУ во 2007 година, справувајќи се само малку подобро од нејзините соседи кои не се членки на ЕУ, како што се Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, сите поранешни југословенски републики, каде што отпадот едвај се рециклира.

Дури и во Бугарија, која се приклучи кон ЕУ во исто време како и Романија, сега се рециклираат 25 отсто од отпадот, а во депониите завршуваат 70 отсто. Словенија, која исто така беше дел од поранешна Југославија, е лидер во регионот со стапка на рециклирање од 49 проценти.

Како и при секоја друга промена, ќе дојде до точка на вриење

Раул Поп, државен секретар задолжен за отпад во Министерството за животна средина на Романија

Но, дури и официјалните бројки во Романија се доведени под знак прашалник.

Кон крајот на 2015 година, по пожарот во „Колектив“, инспекторите за животна средина и обвинителите започнаа истрага во врска со наводите дека некои од компаниите кои се вклучени во рециклирање лажно ги преувеличувале нивните резултати.

Скандалот се фокусирал на т.н. Организации за одговорност на производителот (ООП), креирани од страна на големите производители на стоки за да осигураат дека остатоците од амбалажата за пакување на нивните производи се отстранува и се носи кај компаниите за рециклирање.

Фондот за животна средина во Романија, тело за заштита на животната средина во рамките на Министерството за животна средина, изрече казни за шест од девет ООП со десетици милиони евра, иако тие ја поднеле жалба против казната, а истрагата е сѐ уште во тек.

Геанин Сербан, извршен директор на здружението на ООП „Еко Романија“,изјави за БИРН дека ООП, кои всушност се  посредници меѓу производителите на стоки, собирачите на отпад и оние што рециклираат, не може да бидат одговорни за резултатите на самите компании за рециклирање. Тој се пожали дека законот бил погрешно применет.

Не постои магично решение

Поп, кој ѝ претходно работел на прашања од областа на животната средина за Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), за Ернст & Јанг и за невладината организација „Екотека“, вели дека нема магично решение, не постои „чудо” што ќе ги натера Романците да рециклираат.

Управувањето со отпад, вели тој, „се состои од многу мали мерки кои меѓусебно се надополнуваат, и кои се спроведуваат со различни брзини”.

Тие вклучуваат: данок за депонии со цел да стане поскапо отпадот да се фрла таму, систем на наплата плаќај како што фрлаш, при што оние домаќинства кои не го селектираат нивниот отпад за рециклирање плаќаат повисоки даноци, и систем на кауција, со што на потрошувачите им се враќаат пари доколку ја вратат амбалажата како што се на пример лименките.

„Ако направите компаративна студија, Романија има најевтини депонии во Европа. Ако имаме најевтина депонија и најслаби резултати, можеби тоа е знак”, вели Поп.

Отпорот, вели тој, доаѓа од градоначалниците на стотици општини, кои се задолжени за собирање на отпадот и имаат несразмерна моќ во политичкиот систем на Романија, со оглед на нивната клучна улога во добивањето гласови за големите политички партии.

За општините, велат критичарите, идејата за одделно собирање стакло, хартија, метал, алуминиум и друг отпад звучи како скапа непријатност. Полесно и поевтино е да се фрли сѐ заедно.

Во Букурешт, две од шесте општини (сектори) во главниот град дури и го укинаа данокот за отпад во 2008 и 2012 година.

Ѓубре на местото на браната Видрару во Романија / Фото: Џорџ Попеску

Ѓубре на местото на браната Видрару во Романија / Фото: Џорџ Попеску

„Тука, рециклирањето не функционира заради една главна причина”, вели Поп. „Општините не се инволвираат. Тоа е толку едноставно. А ако општината не сака да врши селективно собирање на отпадот, може да се изврши притисок врз било кој друг [но тоа ќе биде залудно] бидејќи никој друг нема пристап до отпадот”.

“Во секоја земја западно од Романија, постои селективно собирање на отпадот, постојат казни за неселективно собирање, постојат оператори кои доаѓаат и го преземаат селектираниот отпад од вашиот дом”, објаснува тој. „Според мое мислење, ова е областа каде што заостануваме зад повеќето, посебно селекција и собирање на отпадот од домаќинствата”.

Обраќајќи се пред стотици градоначалници кои се собраа во зградата на парламентот во јули, министерката Паска-Палмер, ги посочи бројките. Романија, како и остатокот од ЕУ, има за цел да рециклира 50 отсто од отпадот од домаќинствата до 2020 година.

„Во првите девет и пол години [од пристапувањето] успеавме да достигнеме до три проценти. Значи три отсто од 50 проценти во 71 проценти од времето што го имаме”, вели таа.

„Значи, ако во првите девет и пол години рециклирањето се зголеми во просек за помалку од 0.3 отсто годишно, во времето што ни преостанува до 2020 година, ние мора да спроведеме решенија со кои годишно рециклирањето ќе се зголемува во просек за речиси 13 отсто”.

„Тоа е резултат што е 39 пати подобар отколку она што сме го направиле досега. Ние во Министерството за животна средина не може да го направиме тоа сами, а веројатно ниту пак можете вие”.

Исклучок од правилото

Но, една општина во Трансилванија се спротивстави на генералниот тренд. Таргу Лапус, мал град со околу 12.000 луѓе, зеде милион евра од средствата на ЕУ во 2008 година и купи канти за отпадоци и возила за селективно собирање на отпадот од домаќинствата.

„Ние бевме потврдоглави [во споредба со другите општини]”, вели заменик градоначалникот на градот, Василе Краус. „Навистина сме горди на тоа”.

Цената на неактивност, на неправењето ништо, е многу повисока

Елена Растеи, активист за заштита на животната средина и советник во Министерството за животна средина на Романија

Краус изјави за БИРН дека општината во просек рециклира 45 отсто од отпадот. За оние домаќинства кои не го селектираат нивниот отпад „имаме казни, со цел да ги научиме на тоа”, вели тој.

„Ова се случува веќе седум години и сѐ уште постои недоволна дисциплина”, вели тој, особено во станбените згради со повеќе станари. „Во [индивидуалните] домаќинствата, процентот е и над 90″.

Растеи, советничката на министерката, вели дека неправењето ништо е краткорочна стратегија.

„Политичка волја значи да постои градоначалник кој е отворен и решен да создаде систем за собирање на отпадот од домаќинствата, селектирање и собирање на селектираниот отпад. Тој не треба да биде политички поврзан со некоја партија. Никако. Тоа значи дека човек што е на позиција да донесе одлука ќе ја донесе вистинската.

„Цената на неактивноста, неправењето ништо, е многу повисока. Треба да се добие поддршката од заедницата, граѓаните и идните генерации”.

Одговарајќи на критиките, Мадалин Ади Теодосеску, претседателот на Здружението на романски градови, рече дека тоа е прашање на едукација на Романците за потребата да се рециклира. „Политиката нема никаква врска со тоа”, рече тој.

Теодосеску изјави за БИРН дека проблемот ќе се реши кога секој од вкупно 41 округ во Романија ќе има т.н. систем за интегрирано управување со отпадот, систем за координација на отстранување на отпадот, вклучувајќи посебни контејнери за рециклирање.

Ваквите системи се создаваат во 32 земји со пари од ЕУ, но во извештајот објавен во ноември во интернет изданието на романски јазик, PressOne.ro, се вели дека бавната и неефикасна бирократија на Романија значи дека властите допрва треба да изберат компании кои ќе управуваат со секој дел од системот.

„Кога оваа програма [интегрирано управување со отпад] ќе биде завршена, ќе се прави селективно собирање”, вели Теодосеску.

Цели

Во 2011 година, Европската комисија, извршното тело на ЕУ, објави низа препораки за Романија, вклучувајќи го и воведувањето на данок за депонија, системот плаќај како што фрлаш, подобра регулатива и инспекции за компаниите кои управуваат со отпадот, како и јавни кампањи за поттикнување на рециклирањето. Но, многу малку од тоа е реализирано.

Скандалот со рециклирањето што изби кон крајот на 2015 година, сепак, можеби поттикна некакви промени.

Бидејќи се покажа дека показателите за рециклирање биле „фалсификувани”, вели Поп, ООП, собирачите и оние кои рециклираат одеднаш се најдоа под далеку поголема контрола, и тоа не од властите и големите мултинационални компании кои произведуваат амбалажа, туку од луѓето, кои на крајот сепак ќе треба да плаќаат повисоки даноци заради неуспехот на земјата да го рециклира отпадот.

Големата побарувачка за рециклирање значи повеќе пари за општините кои го собираат отпадот од потрошувачите.

„До крајот на 2015 година, кога се појави скандалот со отпадот од амбалажа, тие [градоначалниците] не добија пари од никого за рециклирање на отпадот, што значи дека не постои финансиска мотивација за селективно собирање на отпадот, односно пари за инвестирање во контејнери или пак инвестирање во возила кои селективно ќе собираат пластика и биоразградлив отпад”, вели Поп.

Романка во Букурешт пакува пластични шишиња најдени во отпадот во вреќа за рециклирање / Фото: Џорџ Попеску

Романка во Букурешт пакува пластични шишиња најдени во отпадот во вреќа за рециклирање / Фото: Џорџ Попеску

Поп, беше оптимистичен во октомври.

Данокот за депонија, донесен во 2013 година, требаше да стапи на сила на 1 јануари 2017 година, откако веќе двапати беше одложен.

Министерството, во текот на летото исто така работело на изготвување на нацрт-законот за управување со отпад за кој Поп вели дека се надева оти ќе влезе во парламентарна процедура во новата година.

Кристијан Гинеа, кој беше Романски министер за европски фондови во периодот меѓу април и октомври 2016 година, беше цитиран во извештајот на PressOne.ro како вели: „Да бидеме јасни; ако [Националниот план за управување со отпад] не е подготвен до 31 декември, ризикуваме суспензија на средствата за заштита на животната средина” од ЕУ.

Правилата исто така беа затегнати во однос на општините, наметнувајќи им постепено да ја намалат количината на отпадот што го одведуваат во депонија за да не се соочат со парични казни.

За некои, сепак, темпото на промени е сѐ уште премногу бавно. Дамов, од компанијата за рециклирање „Зелена групација“, вели дека данокот за депонија би можел да се реализира за едно попладне.

„Се сомневам дека [луѓето] во Министерството за животна средина не ја разбираат регулативата за отпадот, но го разбираат спротивставувањето од НВО-тип за отпадот”, вели тој. Тие ја врамиле дискусијата во „емоционални”, наместо во технички термини, се пожали Дамов.

Поп вели дека е тешко да се разбере само колку време се потрошило за снаоѓање низ лавиринтот на романската бирократија.

„Може да докторирате на тоа, колку луѓе треба да потпишат, потврдат, одобрат нешто”, изјави тој. „Од сите овие работи … технички да се решат работите претставува само пет отсто од напорот. Остатокот е бирократија”.

Во октомври, Владата презеде уште еден чекор напред, кога издаде итен декрет давајќи им право на општините за утврдување варијабилни даноци за отпад за потрошувачите, при што оние кои нема да успеат да го селектираат отпадот за рециклирање ќе треба да платат повеќе – според принципот плаќај како што фрлаш.

БИРН постави прашање до букурешката општина Сектор Три, каде што данокот за отпад е нула, дали таму ќе се спроведе системот плаќај како што фрлаш. Од таму одговорија дека е премногу рано да се каже.

„Во Сектор Три имаме систем кој функционира и со кој секој е задоволен”, одговорија од прес-службата на општината. „Ќе ја анализираме со големо внимание оваа можност [за воведување на варијабилни даноци] и дури тогаш ќе донесеме одлука”.

Пазарни сили

Никол Сејринг, шеф на одделот за управување со отпад и ресурси на германската истражувачка организација „БиПРО“, вели дека принципот плаќај како што фрлаш се покажал како клучен во многу градови низ цела Европа.

„Ефектот од ова е многу јасен”, изјави таа за БИРН. „Селективното собирање на отпадот многу брзо се зголемува во еден град”.

Сејринг работеше на една студија за системите за селективно собирање на отпадот во главните градови на ЕУ, нарачана од страна на Европската комисија, во 2015 година.

Словенечкиот главен град Љубљана, прогласен за Европска зелена престолнина за 2016 година, направи особено добра работа за т.н. собирање од врата до врата, при што домаќинствата имаат свои посебни канти за рециклирање што ги празнат собирачите на отпад. Износот на отпад за рециклирање собран по лице се зголемил речиси десеткратно во периодот меѓу 2004 и 2014 година.

Талин, главниот град на поранешната советска република Естонија, исто така покажува добри резултати, благодарение само на местата за собирање отпад што ги постави низ градот. Градот, исто така им враќа на потрошувачите 10 евро центи за секое парче пластика или стакло шише што може да се рециклира ако ги остават во супермаркетите.

Естонија е местото каде што започна движењето за чистење „Ајде да го направиме тоа“ во 2008 година, кога десетици илјади Естонци учествуваа во еднодневната акција за собирање отпад. Според „Ајде да го сториме тоа“, тие собрале 10.000 тони отпад за пет часа.

Клучното нешто беше да се искористи технологијата, вклучувајќи ги Google Maps, да се лоцираат најпогодените области, вели Меелика Хирмо, шеф за односи со јавноста во организацијата.

„Луѓето дури и не мислеа дека [ѓубрето] е голем проблем”, изјави Хирмо за БИРН. „Бидејќи обичен човек не пресметува – малку ѓубре тука, малку ѓубре таму, малку отпад тука. Тие не го сумираат тоа како мапа. Ние ја креиравме таквата мапа, за да им помогнеме да ги визуализираат работите, како што навистина се”, вели таа, зборувајќи на англиски јазик.

„Идејата не е дека само се чисти, туку дека се чисти целата земја во еден ден”.

Моделот оттогаш се реплицирал низ целиот свет, вклучително и во Романија.

Во септември, филијалата во Романија го одржала својот петти годишен ден за чистење, при што повеќе од 130.000 волонтери наполниле повеќе од 168.000 вреќи со шишиња за рециклирање, алуминиумски лименки, пластичен прибор за јадење, текстил и друг отпад.

Поп изјави дека може да почувствува како работите „малку” се менуваат.

„Следните години ќе бидат бурни во однос на промените, на општинско ниво”, изјави тој. Скандалот со рециклирањето ги размрда работите.

„Конечно, оние кои ги пласираат амбалажите на пазарот и создаваат еколошки проблем сфатија дека многу им се потребни општините за да функционираат во оваа област”, вели тој.

Како одговор, Сербан, од здружението на ООП, рече дека рециклирање е во интерес на сите.

„Очигледно е дека производителите и локалните власти имаат заеднички интерес за рециклирање на колку што е можно поголем дел од отпадот од амбалажа генериран од страна на населението, така што нивната соработка практично станува задолжителна”, рече тој.

Поп вели дека неговото министерство не било способно да го „носи товарот за сите“. Овие сили треба да функционираат слободно на пазарот”.

Адриан Лунгу е уредник на романскиот тримесечник Decat o Revista. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.