Извештај

Чистењето снег и мраз од патиштата зимава ќе чини 3,5 милиони евра

Сумата ќе расте, сè уште нема поминато големиот тендер за механизација

Чистењето на улиците од мразот и снегот оваа зима ќе чини 3,5 милиони евра, покажа последното истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Ова е вкупната сума на досега склучените договори за јавни набавки, за зимско одржување на патиштата низ земјава.

Дури третина од овие пари се за еден тендер – за набавка на индустриската сол што ќе се фрла по државните патишта. Нешто над милион евра се предвидени за справување со мразот и снегот на скопските улици, додека остатокот е планиран за набавка на ризла за државните и за одржување на проодноста на локалните патишта надвор од Скопје.

Сумата, сепак, ќе расте, бидејќи се чека изборот на најдобар понудувач за уште 13 тендери, кои се во тек. Меѓу нив и тој на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, кое, иако зимата дојде, сè уште нема ангажирано надворешни фирми што му се неопходни за зимското расчистување.

Тоа значи дека денешниот снег, претпријатието ќе треба да го чисти со сопствената механизација. Постапката за „ангажирање трети лица“ беше поништена во декември по што беше  распишана нова, со краен рок за доставување понуди до 10 јануари.

Сол од 2,3 милиони евра за државните патишта

За оваа зима, државните институции склучиле 49 поединечни договори за јавни набавки за зимско одржување на патиштата | Фото:БИРН

Државното јавно претпријатие, за оваа зима има склучено три договори за одржување на автопатиштата, магистралните и регионалните патишта. Два се за набавка и дистрибуција на ризла, а еден за индустриска сол.

Двегодишниот тендер за солта, вреден 2,3 милиони евра, годинава го доби трговската компанија „Лугос ЛЦ“ од Скопје, откако изминатата деценија им беше доделуван на две фирми, скопската „Ки-ем“ и демирхисарската „Димакс рудници“.

Компанијата постои четири години, има сменето тројца сопственици, нема вработени, а кон крајот на минатата година почнува да добива државни тендери. Сите се од јавното претпријатие за одржување на патиштата.

На две години се склучени и договорите за снабдување со ризла за зимското одржување, во вредност од по околу 130.000 евра. Едниот е потпишан со битолската „Винер сервис“, компанија формирана пред пет месеци, која веќе има седум договори со државното јавно претпријатие.

Носител на вториот договор е друштвото за преработка на камен, Сопот од Скопје, кое редовно добива јавни тендери за државните патишта.

Скопје годинава без снег по улиците за милион евра

Највредни тендери од скопските општини имаат Центар – 116 илјади евра и Гази Баба – 113 илјади евра | Фото:БИРН

Зимското одржување на локалните патишта, пак, годинава ќе чини 2,3 милиони евра. Тоа е вкупната вредност на договорите што досега ги потпишале општините за набавка на механизација, сол или ризла.

Речиси половина од оваа сума е предвидена да се потроши во  главниот град, каде што, покрај Град Скопје, јавни набавки за справување со снегот и мразот на улиците спровеле осум скопски општини.

Најголемиот дел од овие пари, со години, завршуваат во иста фамилија.

Со двегодишен договор потпишан лани, Град Скопје ја ангажирал фирмата „Нексос инженеринг“, за штом ќе заврне снег, да излегува на терен со својата механизација и да ги чисти главните скопски сообраќајници. Градежната фирма на скопскиот бизнисмен Јонче Спирковски била единствената што се јавила на тендерот, откако еден претходно пропаднал со образложение дека немало „ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.

Истата фирма, повеќе од една деценија ги добива јавните набавки за зимско одржување во Град Скопје, но до 2023 година го користела името „Аполо инженеринг“. Нејзината механизација редовно го чисти и снегот од улиците во Општина Сарај.

Блиски роднински врски, пак, ја поврзуваат со „Анизор Драшко“, фирмата што зимава ќе ги одржува локалните улици во уште пет скопски општини. Нејзиниот сопственик Драшко Спирковски има склучено вакви договори со Центар, Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров и Карпош, во вкупна вредност од 342 илјади евра.

Лани, компанијата била ангажирана за чистење на снегот во шест скопски општини.

Надвор од Скопје, најголеми тендери за зимско одржување имаат Битола од околу 250 илјади евра, Кичево со 134 илјади евра и  Гостивар – 96 илјади евра.

Од Центарот за граѓански комуникации забележуваат и дека на тендерите за зимско одржување на патиштата, конкуренцијата е многу мала. Кај дури 71 проценти од нив, имало само по една понуда.

Поголема конкуренција, од шест понуди, имало само кај најголемиот тендер – за набавката на сол за државните патишта.