Регион

„Да се живее Југославија“

Идентитетот од минатото станува политички став

Архитектот Мирза Врањаковиќ, на ѕидот во неговата доброопремена канцеларија во берлинскиот округ Шарлотенбург има две слики.

На едната пишува „A bas le le haviar, vive le kebab“ (Долу кавијарот, да живее ќебапот), парола што беше испишана по зградите во Париз за време на протестите на „жолтите елеци“ против естаблишментот, кои ја зафатија Франција на Емануел Макрон во 2018 година.

Другата е фотографија на Јосип Броз Тито, на која тој пуши, облечен во униформа – револуционер и водач на социјалистичка Југославија од 1945 година, па сѐ до неговата смрт, во 1980 година.

Канцеларијата на Врањaковиќ. Фото: Сопственост на Мирза Врањaковиќ

„Еднаш, мојот шеф влезе во канцеларијава и беше видно шокиран кога ја виде сликата на Тито“, вели Врањаковиќ. „Тој ме праша: ‘Имате фотографија на диктатор?’. Му одговорив: ‘Тој останува’“.

Врањаковиќ, кој има 31 година, нема директни сеќавања на водачот на партизанскиот отпор, кој создаде мултиетничка социјалистичка држава од урнатините на Втората светска војна и на сцената  на Студената војна ја имаше улогата на коосновач на Движењето на неврзаните.

По раѓањето на Врањаковиќ во 1988 година, Југославија траеше уште неколку години, пред национализмот, економската криза и менувањето на геополитиките, од кои секое имаше своја улога во нејзиното распаѓање, да убијат околу 125.000 луѓе и да раселат стотици илјади други низ целиот свет  во следната деценија.

Па, зошто тогаш сликата на Тито?

Тито на младинската пруга помеѓу Добој и Бања Лука. Фото: Архива на Музејот на Југославија

„Сакав да ја покажам мојата идеолошка припадност“, вели Врањаковиќ, чии округли очила, брада и долга кафеава коса повеќе асоцираат на личност од Вудсток, отколку од Нови Пазар, градот во кој тој израснал, а кој се наоѓа во некогашната југословенска република Србија.

„За мене, оваа слика е важна затоа што сум роден во Југославија, во систем што претставуваше алтернатива на капитализмот. Таквиот систем веќе не постои никаде во светот“, нагласува тој.

За шефот на Врањаковиќ, кој е Германец, Тито бил диктатор, за Врањаковиќ тој е симбол на едно „златно време“, а за некои „Југословени“ како него, што живеат на Запад, замислена иднина.

Некако, многу повеќе од слатко-горчливиот копнеж по бонбоните на „Краш“ или убавите спомени за одењето преку граница, во Трст – на „Запад“ – за да се купат фармерки, клише-концептот на југоносталгијата за некои имигранти од Балканот, се претвори во вредносен систем за сегашноста и за иднината.

Југоносталгијата, вели за БИРН, Милица Поповиќ, истражувач, која живее во  Париз, „станува важен политички став и барање што се однесува на сегашноста“.

Југоносталгијата како „безбеден простор“

Не секој го дели ставот на Врањаковиќ за тоа што претставувала Титовата Југославија.

Кога во 1980-тите дојде до зајакнување на центрифугалните сили на национализмот, Тито, за многумина во Југославија, навистина стана „диктатор“, неговата федерална држава стана тесна за народите, кои, како што аргументираа, само сакале да живеат одвоено. Тој владеел со декрет, толерирал мали несогласувања.

За многумина, кои со задоволство гледаат на својата поранешна заедничка држава, Тито, сепак, бил визионер, водач кој говорел за „братството и единството“, а не за верските, националните или јазичните разлики, кој се залагал за унапредување на правата на жените, за архитектонски иновации и водел хибриден социјалистички систем, кој на неговите граѓани им овозможил одреден степен на слобода, која им била ускратена на оние зад „железната завеса“. Југословенскиот пасош ги отвораше вратите и на Исток и на Запад, а Тито беше редок вид државник.

Тито на младинската пруга помеѓу Добој и Бања Лука. Фото: Архива на Музејот на Југославија

„Во тој период, мојот роден град и мојот регион во Србија минаа низ сериозна еманципација“, вели Врањаковиќ. Но, до 1990-тите, овој став веќе стана минато и тој не беше важен во новите независни држави што произлегоа од некогашна Југославија.

Масовните убиства и етничкото чистење ги затруја односите меѓу Србите, Хрватите, Бошњаците и Албанците и – според многубројни академски студии – новото толкување на Југославија се вкорени и во дијаспората, веќе добро етаблирана со егзодусот на стотиците илјади југословенски гастарбајтери од 1960-тите, па наваму, а која се зголеми со бегалците што избегаа од војните.

Анимозитетот се рашири низ градовите на Запад, каде што низ децениите се појавија мини „Југославии“ во одвоени мали средини; овие заедници се распаднаа речиси преку ноќ, а „Југословените“ станаа Срби, Хрвати, Бошњаци…

Сепак, и денес, некои држат до југословенскиот идентитет, како нешто што го означува нивното отфрлање на силите што ја распарчија Југославија, на омразата и на политиките на нетолеранција.

„Се сметам себеси за Југословен, бидејќи сум роден таму и моите родители ме воспитуваа во тој дух“, вели 40-годишниот информатичар Кемал Смајиќ, кој како 12-годишно момче дошол во Виена, кога во 1992 година, на почетокот на војната, силите на босанските Срби го опколиле неговиот роден град Зворник и ги истерале Бошњаците.

И покрај убиствата и траумата, „никогаш не ги мразев Србите“, вели Смајиќ. „Ги мразев само луѓето што ги убиваа другите“.

Смајиќ денес се движи во круг од десетици луѓе од цела поранешна Југославија.

„Заедно одиме на летни одмори, скијаме… Минатиот пат имаше десет двојки со деца. Има доктори, фармацевти, електричари, бирократи итн. Измешани сме; луѓе од Пирот (Србија), Далмација (Хрватска), Славонија (Хрватска), централна Босна, Белград. Кога ќе се собереме, супер си поминуваме“.

Наместо болна, искривена слика за земјата што стана сопствен најстрашен кошмар, за Спајиќ „Југославија“ е метафора за неговата сегашност.

Поповиќ, која ја истражуваше „југоносталгијата“ на Универзитетот во Љубљана и на Институт за политички студии во Париз, вели дека некои од тие што се сеќаваат на Југославија, „создаваат уникатен контранаратив“, или како што германскиот египтолог Јан Асман би го нарекол, „контраидентитет“, кој е во спротивност со новиот наратив што преовладува.

Тито прима претставници на пионерските организации од сите делови на земјата за време на денот на младоста, 1958 година. Фото: Архива на Музејот на Југославија

„Како одговор на хегемонистичкиот ревизионизам, сеќавањето на Југославија станува субверзивно“, вели Поповиќ во писмениот одговори за БИРН.

„Во исто време, на индивидуално ниво, југоносталгијата станува еден вид ‘безбеден простор’ за когнитивната дисонанца, амбивалентните емоции и (не)успешните обиди да се разбере сè што ни се случи: лично, социјално и политички“.

Етничката припадност „нема големо значење“ во секојдневниот живот

Д-р Ана Мијиќ, од катедрата по социологија на јавниот универзитет во Виена, објави дека воочила „силни врски меѓу луѓето од поранешна Југославија“.

Во трудот што таа го објави во 2019 година, Мијиќ пишува дека „интервјуираните лица често тврдеа дека нивната етничка припадност – т.е. да се биде Бошњак, Хрват, Србин – нема големо значење во секојдневниот живот“.

„Тие изјавуваа дека, генерално, постојат цврсти врски меѓу луѓето од поранешна Југославија (‘со нашите’), кои се разликуваат од врските со ‘нормалните Австријци‘, како што опишаа неколкумина интервјуирани, и дека етничката припадност на „нашиот народ“ не е од никаква важност“. Со други зборови, во други случаи, основните општествени кругови се во голем дел етнички хомогени, пишува Мијиќ.

Јана Долечки, заради докторски студии, во 2013 година се сели од Загреб во Виена. Ни на крај памет не ѝ било дека ќе стане диригент на локалниот хор „29 ноември“, датум што во Југославија се одбележуваше како Ден на Републиката, односно ден кога во 1943 година беше прогласено федералното уредување на Југославија.

Јана Долецки за време на пробата. Фото: Далибор Мањиќ

Хорот е формиран во 2010 година, од група уметници од Србија, Босна и од Австрија и низ нивните песни и изведби тој „ја живее Југославија“, вели 40-годишната Долечки.

„Тие започнаа да му даваат живот на тоа наследство и тоа им даде политички идентитет, односно супстанцијата што им недостасуваше до тој момент“, нагласува Долечки за БИРН, „Тие сфатија дека ова наследство може, дури и денес, да стане активен елемент“.

Долечки објаснува дека учесниците во хорот – кои носат маици со црвена ѕвезда – ги споделуваат вредностите на антифашизмот, солидарноста и интернационализмот, кои беа клучни за социјалистичка Југославија. Неговите врати се отворени и за тие што не се „Југословени“.

„Нѐ има 20 од поранешните југословенски земји, плус неколку Австријци, Швеѓани, Германци и Французи. Нашите членови пуштаат партизански филмови, присуствуваме на конференции и дискутираме за тоа како да продолжиме да ’го живееме’ југословенското наследство, преку песна и активизам“, вели таа.

„Ја ‘живееме’ нашата идеална манифестација на Југославија“.

На ваквите културни настани, истакнува таа, „имате можност да ја ‘живеете Југославија’ на објективен начин, без притоа вашиот идентитет да биде субјективно определен“.

Побудeн интерес кај младите и кај маргинализираните

Тоа што помладите генерации можеби посилно чувствуваат привлечност кон „југословенскиот“ идентитет, не е без преседан.

Според Поповиќ, во 1987 година, спроведено истражување во Загреб и во Белград, кое научникот Сергеј Флере го цитираше во 1988, открило дека повеќе од 16 проценти од луѓето во Југославија под 30-годишна возраст се идентификуваат како „Југословени“ во однос на националноста, додека речиси 40 проценти одговориле дека југословенскиот идентитет е најприфатлив за нив.

Прослава на Први Мај во Белград, 1949 година. Фото: Архива на Музејот на Југославија

Поповиќ, исто така, цитира и други квалитативни истражувања, спроведени подоцна, како што е она на Ерик Горди, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон, за да укаже на тоа дека југословенскиот идентитет е најприфатлив за „младите, урбани и образовани групи“.

Врањаковиќ, кој потекнува од град претежно населен со муслиманско население, во претежно православната Србија, говори и за друг фактор.

Имено, по распадот на Југославија, многумина се чувствуваа исклучено, маргинализирано или дискриминирано, националните малцинства во рамките на новопојавените, главно националистичките држави, беа двојно несреќни – лишени од заедничката држава во која пораснаа, во новите држави што ја заменија на нив се гледаше со сомнеж.

Некои најдоа утеха кај малцинскиот национализам. Други се држат до својот оригинален југословенски идентитет како еден вид „интернационализам“.

Тито заедно со членови на пионерскиот хор по повод неговиот роденден во 1957. Фото: Архива на Музејот на Југославија

„Официјалната државна политика и медиумската пропаганда во 1990-тите работеа деноноќно за да постават етнички граници, означувајќи ги сите според нивното име и религија“, вели Врањаковиќ, кој ги отфрла ваквите етикетирања.

„Не се смени многу во последниве години и секој што се чувствува како малцинство и не сака да биде категоризиран, се чувствува безбедно под југословенскиот идентитет, кој сè уште побудува идеи за антифашизам, братство и единство“.

И дали е полесно да се прифати овој „старо-нов“ идентитет во Берлин или во Виена отколку во Белград или во Загреб?

„На отворениот човек му е полесно да им пристапи на другите луѓе тука, отколку на некој што живее во Србија, Босна или во Хрватска, каде што националистичките струи се отворено репресивни“, нагласува Спајиќ.

„Во тие земји, тие треба да бидат внимателни што зборуваат, за да го сочуваат работното место или за да ги заштитат своите деца на училиште. Се чини дека им е полесно на тие што живеат во странство и кои се поотворени“.

Портрет на Мирза Врањаковиќ. Фото: Сопственост на Мирза Врањаковиќ

Врањаковиќ го опиша својот идентитет како „комплексен“.

„Јас потекнувам од Нови Пазар, Србија – држава која не ме прифати целосно како граѓанин“, вели тој. „Единственото знаме што ќе направи да се чувствувам пријатно и како ‘дома’, е знамето на Југославија“.

 

Filip Balunovic е докторанд на италијанскиот универзитет „Скуола Нормале Супериорe“, на катедрата за политички науки и социологија. Интересот на неговото истражување го опфаќа делокругот на политичката економија, социјалните движења, марксизмот, политичката филозофија и политичката теорија. Дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград и се здобил со две мастер-дипломи од Европскиот институт во Ница, Франција, и од универзитетите во Сараево и во Болоња. Балуновиќ е извршен уредник на српското издание на „Ле Монд Дипломатик“ и автор е на книгата „Белешки од слобода“ (Медитеран, 2014 год.) (српски „Белешке са слободе“).
Овој текст е дел од ЕУ иницијативата „Резонантни гласови“, финансирана од Фондот за внатрешна безбедност – полиција на Европската унија. За содржината на овој текст единствено е одговорен БИРН и во никој случај не може да се смета оти тој ги одразува ставовите на Европската унија.