Регион

Дали поранешен командант на ОВК, може да ја открие судбината на исчезнатите Срби?

Семејствата од Ораховац, чии членови за време на војната во Косово беа уапсени, a потоа исчезнаа, се надеваат дека поранешниот командант на ОВК Сабахајдин Цена, кого Специјализираното обвинителството во Хаг неодамна го сослуша, може да открие важни информации

Филип Рудиќ, Белград

Марко Витошевиќ, внимавал на својата семејна куќа во Ораховац, кога на 16 јуни 1999 година, заедно со уште тројца негови соседи, го одвеле вооружени лица во униформи на ОВК.

Војната била завршена само неколку дена претходно, а белградските сили веќе биле повлечени во Србија. Србите што останале во Косово, станале малцинство кое воените сили на Белград веќе не ги штителе, па семејството Витошевиќ се плашело за својата безбедност.

Сопругата на Марко Витошевиќ и еден од неговите синови, ја напуштиле куќата еден ден претходно и заминале во делот од Ораховац, во кој живееле Срби, а тој останал да внимава на имотот.

Вториот син на Марко, Звездан, кој веќе живеел во другиот дел од градот, вели дека сведоци му кажале оти борци на ОВК оделе од куќа до куќа, врзувале луѓе и ги воделе.

„Ги напикале во автомобил и ги одвеле во непозната насока”, вели Звездан Витошевиќ.

Тој додава дека подоцна од еден Србин, кој бил заробен заедно со татко му, дознал оти припадници на ОВК ги малтретирале во нивниот штаб, кој се наоѓал во објектот на локалната противпожарна станица, и оти навечер ги однеле на периферијата на градот.

Еден друг Србин му рекол дека избегал кога борците на ОВК го одврзале и дека додека бегал, чул истрели.

„Тој слушнал пукање, но не ги видел егзекуциите. Оттогаш, секоја трага (на неговиот татко) му се губи“, истакнува, Звездан Витошевиќ.

Во рамките на истрагата за наводните злосторства, извршени од припадниците на ОВК, за време и по војната 1998-1999 година, Специјализираното обвинителство во Хаг, овој месец, започна со сослушување на поранешните команданти на ОВК.

Еден од осуммината кои досега беаа сослушани е и Сабахајдин Цена, кој за време на војната бил еден од водечките претставници на ОВК во Ораховац.

Локалните жители веруваат дека Цена може да биде корисен сведок за обвинителите, бидејќи тој, наводно, има информации за најмалку 30 Срби, кои исчезнале за време и по војната во Ораховац.

Цена изјави оти разговарал со хашките обвинители на 14 и 15 јануари во Приштина. „Тие разговараа со мене за киднапирањата и исчезнувањето на српските цивили во регионот Ораховац”, изјави тој за БИРН.

Тој додаде дека бил сослушан како осомничено лице, негирајќи дека направил нешто лошо: „Вистина е дека јас не сум убил никого. Јас лично никогаш не сум бил вмешан во никакво злосторство … Вистина е дека некои Срби беа убиени, но не знам кој ги уби, ниту под какви околности“, истакна тој.

Наводи за киднапирање

Истражувања на масовната гробница Ораховац. Фото: БИРН

Ангелина Антиќ, Србинка од Косово, за време на војната, на невладината организација Фонд за хуманитарно право, ФХП, ѝ пријавила дека нејзиниот брат, во 1998 година, бил киднапиран од страна на припадници на ОВК во Ораховац, заедно со уште еден Србин, и дека тие биле однесени во куќата на лицето „Себајдин Цена”, како што неговото име се изговара на српски.

„Дознавме дека ги однеле на имотот на Себајдин Цена, чија куќа – претпоставувам – се користела како привремен затвор, а потоа биле префрлени во Малишево”, им рекла Антиќ на активистите на ФХП во 1998 година.

Весникот „Trouw“, од Амстердам, во декември 1999 година, цитираше Србинка од Ораховац, идентификувана само со името – Мирјана, дека Себајдин Цена, инаку нејзин поранешен професор, учествувал во апсењето на Србите.

„Моите родители и јас му бевме на свадба. Татко ми му ја даде првата работа. Минатата година го препознаа како еден од организаторите на киднапирањата“, изјави Мирјана за весникот.

Но Цена негираше дека неговата куќа била користена како импровизиран затвор за киднапираните Срби: „Постојат многу гласини дека местото каде што Србите биле држени или убиени е мој имот. Добро е познато дека локацијата што ја користеше ОВК, беше во сопственост на државата“, вели тој.

„Им објаснив на обвинителите дека немам информации за злосторствата извршени врз Србите”, изјави тој.

Ситуацијата во општина Ораховац во јули 1998 година била напната. Силите на ОВК го нападнале градот на 17 јуни, а следниот ден и околните села, Ретимље и Оптеруша.

Во нападите биле убиени пет српски цивили, додека десетици Срби и Роми биле уапсени. Многу од нив подоцна биле ослободени, но не и 36 Срби, 3 Роми и еден Црногорец, кои исчезнале.

Останките на најголемиот дел од нив беа пронајдени подоцна, во април и мај 2005 година, во две масовни гробници во селата Волујак и Малишево.

Киднапирањата продолжиле и во 1999 година. Доверлив извештај од 2003 година, на Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, во врска со наводната вмешаност на ОВК во трговијата со човечки органи, цитира сведок, Албанец, кој вели дека тој одвел во Албанија Срби од селото Ретимље и „Очеруша“ – веројатно погрешно напишано име на селото Оптеруша.

Во извештајот, исто така, се наведува дека двајца Срби од Ораховац, киднапирани во 1999 година, Синиша Витошевиќ и Градимир Мајмаревиќ, биле видени во објекти во близина на селото Тропоја, во северна Албанија, кон крајот на јули или почетокот на август 1999 година.

Според извештајот, во средината на 1999 година или можеби малку порано, меѓу 100 и 300 лица, главно Срби, биле киднапирани и однесени во затвори во градовите Кукс и Тропоја во северна Албанија.

Некои од затворениците биле префрлени во злогласната „Жолта куќа”, приватен објект во близина на градот Бурела, кој всушност бил импровизирана клиника, каде што „медицинската опрема и персоналот биле користени за вадење на органи на затворениците, кои подоцна починале”, се вели во доверливиот извештај на УНМИК.

Тајни затвори

Ораховац. Фото: Викимеди/Бујар и Гаши

Косовската книга на сеќавање, на Фондот за хуманитарно право, бележи 950 смртни случаи, убиства и киднапирања, поврзани со војната во регионот на Ораховац 1998-2001.

Бројот на починати цивили во овој регион е 831, повеќето од нив Албанци – 724. Од 107 жртви Срби, Роми, Ашкали, Бошњаци и Црногорци, 38 и денес се водат како исчезнати.

Некои од оние кои биле уапсени, наводно завршиле во Албанија, каде што ОВК водела тајни затвори, во кои ги малтретирала српските и албанските затвореници, при што на дел од нив им биле извадени органите, се наведува во извештајот на Дик Марти, специјален известувач на Советот на Европа, објавен во 2010 година. Некои затвореници, според овој извештај, до денес не се пронајдени и се сметаат за исчезнати.

Олгица Божаниќ, секретар на Здружението на семејствата на киднапираните и исчезнати лица од Косово и Метохија, за БИРН вели дека нејзините двајца браќа од Ораховац, биле киднапирани и убиени, како и многу од нејзините роднини.

Божаниќ, родена во селото Ретмиље, во општина Ораховац, на Сабахајдин се сеќава уште пред војната. Го памети како професор, кој понекогаш ги менувал нејзините професори во средното училиште.

Кога почнала да работи во аптеката во Ораховац, вели таа, Цена го гледала на „секој протест” што Албанците го држеле по судирот со српската војска и полиција.

„Не го познавам како лош човек, го знам како интелектуалец, и јас не очекував нешто вакво да им се случи на моите роднини, но се случи. Исто како што им се случи на многу Албанци, кои не очекуваа такво нешто да им се случи (со нивните роднини)“, вели Божаниќ.

Цена станал професор по албанска литература во шеесеттите години. Но, поради неговиот националистички став, му било забрането да предава во средното училиште во Ораховац, па тој се вработил во училишната администрација.

Во текот на деведесеттите години, тој станал член на Демократската лига на Косово (ЛДК), партија основана и предводена од поранешниот претседател, Ибрахим Ругова, кој се залагаше за мирен отпор кон српската репресија. Но, Цена очигледно го сменил својот став за вооружената борба, бидејќи во 1998 година ѝ се придружи на ОВК.

Од војната, тој е член на Демократската партија на Косово (ПДК,) формирана од актуелниот претседател на Косово, Хашим Тачи. Тој немал висока позиција во партијата и до неодамна работел како предавач на Универзитетот во Призрен.

Цена верува дека Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг, пред кои треба да им се суди на лицата против кои Специјализираното обвинителство на Косово ќе поднесе обвиненија за воени и повоени злосторства, е пристрасна институција: „Можам да кажам дека овој суд е политички и дека е моноетнички механизам против Албанците“, нагласи тој.

Надежта исчезнува

Српските семејства што ги загубија своите најблиски, исто така, се сомневаат дека Специјализираните совети на Косово, ќе ја донесат правдата што тие ја чекаат веќе две децении.

Олгица Божаниќ, истакна дека со години влевала надеж во различни обвинители и оти работела на пронаоѓање на сведоци за Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, но оти сето тоа било залудно.

„Сведоците починаа во меѓувреме и ништо не беше постигнато”, вели Божаниќ.

Звездан Витошевиќ е огорчен поради фактот дека УНМИК и мировните сили на НАТО во Косово, КФОР, не успеале, по повлекувањето на силите на Белград, на крајот на војната, во јуни 1999 година, да ги заштитат Србите од киднапирање.

„(ОВК) јавно работеше, ги возеше луѓето во противпожарната станица (во Ораховац), не во приватни домови, туку во јавни објекти, додека КФОР и УНМИК беа распоредени (во градот)”, вели Витошевиќ.

Тој додава оти не се надева дека новиот суд во Хаг, конечно ќе ги донесе виновниците пред лицето на правдата, без оглед на информациите што Цена можеби им ги дал на обвинителите.

„Не очекувам ништо од Специјализираните совети”, нагласува Витошевиќ.