Регион

Закон во Шведска пречка за екстрадиција на осомничен воен злосторник

Осомничен за воено силување во БиХ, успешно го избегнува кривичното гонење во Шведска

Албина Соргуч ,Сараево

Првото обвинение против Синиша Милојчиќ, поранешен припадник на Војската на Република Српска (ВРС), го поднесе военото обвинителство во 1994 година, за наводни злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, една година предходно.

Но, се чини дека Милојчиќ, кој денес е шведски државјанин, никогаш нема се појави на суд, за да одговори на обвиненијата против него.

По војната, предметот го презеде Окружното обвинителството во Бања Лука, изврши негова преквалификација во учество во воено злосторство врз цивили и распиша потерница по Милојчиќ.

Според обвинението, Милојчиќ, заедно со уште двајца други припадници на ВРС, Миладин Тривиќ и Слободан Бајиќ, во 1993 година, учествувал во силување и убиство на женско лице на плажата Мирница, во местото Врбања.

Тој е обвинет дека заедно со Тривиќ, мачел и ограбувал бошњачки цивили. Во 2009 година, Тривиќ и Бајиќ беа осудени на вкупно 23 години затвор.

Сепак, од канцеларијата на Окружното обвинителство во Бања Лука велат дека од Интерпол, во февруари 2008 година, ги информирале дека Милојчиќ е шведски државјанин и дека Окружниот суд во Бања Лука донел решение, со кое кривичното гонење на Милојчиќ, ѝ се отстапува на Шведска.

Но, во 2012 година, Шведска го одбила ова барање, бидејќи, според нејзините закони, за ова дело настапила застара од 15 години, бидејќи се работи за дело кое го извршиле лица кои во тоа време биле на возраст од 18 до 21 година, без разлика што станува збор за воени злосторства.

Ричард Екман, еден од истражителите во Одделот за воени злосторства во Министерството за внатрешни работи на Шведска, за БИРН вели дека работел на случајот Милојчевиќ, но оти е заклучено дека дошло до застара на предметот.

„Како резултат на тоа, овој случај не можеше да биде преземен и не можевме да ја одобриме екстрадицијата (во БиХ)”, објасни Екман.

„Доколку Синиша Милојчиќ имал 21 година кога се случиле наводните злосторства, немаше да има застара. Кога некој има помалку од 21 година, постои тој рок за застара, дури и за најстрашните злосторства, што не се применува и во случаите кога сторителот има повеќе од 21 година“, додава Екман.

Ваквата ситуација предизвика критики од страна на здруженијата на воени жртви во Босна и Херцеговина, за што Екман вели: „Целосно разбирам оти може да се смета дека шведскиот закон има недостатоци и оти не е фер во однос на ова прашање”, додаде тој.

Претседателката на здружението „Жени-жртви на војната“, Бакира Хасечиќ, за БИРН изјави дека во 2010 и 2013 година, била во контакт со шведската амбасада во БиХ и побарала да се најде начин Милојчиќ да се процесира.

На овие состаноци, според Хасечиќ, таа добила индикации дека овој закон можеби ќе се промени, но до такви промени не дошло, поради што таа и овој месец, повторно ја контактирала шведската амбасада во Сараево. Хасечиќ вели оти им рекла дека, ако биде потребно, ова прашање ќе го постави и пред Европскиот суд за човекови права и пред Обединетите нации.

„Ако не може да се екстрадира, бараме да му се суди во Шведска. Тој не е единствениот кој таму нашол засолниште. Несфатливо е дека за некого има амнестија, застара, тоа е катастрофално“, истакнува Хасечиќ.

„Најгрозоморни злосторства”

Жена што преживеала сексуално насилство, пред својата куќа во северна Босна. Фото: АИ

Експерот по меѓународно право на Универзитетот во Амстердам, Кевин Џон Хелер, за БИРН вели дека ваквиот закон на Шведска е „невообичаен, со оглед дека меѓународните судови отсекогаш ја поставувале границата за одговорност на полнолетсвото, односно на 18 години”.

„Не мислам дека меѓународното право го забранува постоењето на застара во случаите на воени злосторства”, додаде тој.

Нагласува дека Генералното собрание на ООН, во 1968 година, усвоило конвенција со која се забранува поставување на граница за застара, за случаите на воени злосторства, со образложение дека воените злосторства и злосторствата против човештвото се „најгрозоморните злосторства во меѓународното право”.

Но, бидејќи Шведска не е потписник на оваа конвенција, според Хелер, властите на БиХ немаат можност да се жалат до ООН.

Поранешниот судија на Уставниот суд на БиХ, а денес адвокат, Крстан Симиќ, истакнува дека Шведска овозможува воените злосторници да останат на слобода.

„Таквата позиција на шведските власти е порака дека сторителите на воени злосторства се амнестираат, ако ги исполнуваат стандардите на една држава. Се надевам дека шведските власти ќе сфатат дека, без оглед за кого се работи, военото злосторство нема ниту боја, ниту нацијата, постои само монструозен чин“, истакнува Симиќ.

„Се надевам оти ќе најдат начин, лицата што се обвинети за вакви дела, да бидат екстрадирани или, пак, тие да им судат”, додава тој.

Симиќ потсетува дека Шведска направила исклучок во случајот на Билјана Плавшиќ, поранешен претседател на босанските Срби, која казната за воени злосторства ја издржуваше во оваа скандинавска земја, по обвинението за прогон на Бошњаци и Хрвати, за време на војната.

„Во Шведска, едно лице, кога ќе дојде во одредена возраст, не може да биде во затвор и тоа се ослободува”, објаснува Симиќ.

„Во случајот на Плавшиќ, со оглед дека стануваше збор за тешки воени злосторства, кои таа ги прифати и кои судот ги утврди, шведските власти прифатија да не ги применуваат своите закони и Плавшиќ издржа две третини од казната (не беше пуштена поради возраста)”, нагласи Симиќ.

Адвокатот, Васвија Видовиќ, којa работелa на предмети на воени злосторства во Хаг, во Босна и Херцеговина, како и во Скандинавија, појаснува дека и законите на БиХ, предвидуваат специфични ситуации, кога станува збор за помлади полнолетни лица.

„Во нашата земја може да одговара за воено злосторство, но ако го извршил делото како младо полнолетно лице, тогаш не може да му се изрече најстрогата казна-долготраен затвор”, објаснува Видовиќ.

Хасечиќ, сепак, смета дека Шведска треба да води сметка за човековите права на жртвите на воените злосторства, особено што Милојчиќ не е единствениот осомничен кој е на слобода во оваа земја.

„Ги има повеќе … Некои горе дури и ги сменија своите имиња”, вели таа.

На прашањето, дали во Шведска се разгледувале измени на законот, Ричард Екман информира дека неговиот тим во Министерството за внатрешни работи на Шведска, не го проблематизирал ова прашање, додавајќи дека има „постојан контакт меѓу одделот на шведското обвинителство за меѓународни злосторства и Министерството за правда” во врска со примената на законот.

БИРН не можеше да стапи во контакт со Синиша Милојчиќ, за да добие и негов коментар.