Извештај

Сиљановска Давкова со двојна предност пред Пендаровски

Вториот круг на претседателските избори ќе се одржи на 8 мај

Со предност од над 160 илјади гласови во полза на Гордана Сиљановска Давкова таа оди во вториот круг од претседателските избори во кој ќе се соочи со досегашниот претседател Стево Пендаровски.

Според официјалните податоци од Државната изборна комисија од одработени над 90 отсто од гласовите таа освои повеќе од 330 илјади гласови, а Пендаровски над 164 илјади гласови. Разликата е повеќе од двојна.

По ваквите резултати кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата во партиското седиште рече дека е несвесна што се случува, но дека мисли оти “ова е почеток на едно ново време во кое мора да се однесуваме на еден пристоен начин и да не се срамиме од Балканот“.

Сиљановска Давкова се обрати во салата во која што претежно беа новинари, а поголемиот број поддржувачи на партијата  го следеа нејзиното обраќање на видео бим пред седиштето. Вети дека ќе соработува со ВМРО-ДПМНЕ, со владата, но и со опозицијата и со невладиниот сектор.

„Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, дури и се срамам, зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Но, знам дека тоа што ќе го ветам го остварувам“ рече Сиљановска Давкова.

Кратко по нејзиното обраќање од изборниот штаб во скопски хотел се обрати досегашниот претседател и кандидат на СДСМ Пендаровски. Не криејќи го разочарувањето рече дека резултатите не се такви какви што очекувале, но навести дека од утре почнуваат од нула.

„Нема предавање, не сакам да покажам знаци на малодушност затоа што не се чувствувам така во овој момент“, рече Пендаровски.

Со сличен тон зборуваше и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. И тој не очекувал ваков резултат но рече дека е јасно оти луѓето ги казниле и тие тоа го прифаќаат.

„Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина“, рече Ковачевски.

Од вториот круг отпаднаа пет кандидати. Бујар Османи од ДУИ освои над 13 отсто од гласовите, по него следува Арбен Таравари, кандидат на Вреди со околу 10 отсто, па Максим Димитриевски со речиси девет отсто, Билјана Ванковска од Левица со нешто над четири отсто и последен е актуелниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски со освоени скоро еден отсто од гласовите.

За вториот круг Пендаровски отфрли можност за конкретен договор за гласови и поддршка од кандидатите кои отпаднаа.

„Такви  договори никогаш не сум правел. Ниту од етничка ниту од социјална категорија не сум барал такви договори. Верувам дека тој мој концепт ќе биде препознаен како најродуктивен за сите нас. И верувам во мнозинска поддршка“

За разлика од него лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски навести можна коалиција и соработка.

„Се слушнав со Таравари, му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори и идна влада во Македонија. Да не дозволиме ДУИ да направи нешто што никој не го сака, а тоа е добар резултат“, рече Мицкоски.

Разликата со која двајцата кандидати влегуваат во вториот круг е слична на претседателските избори во 2009 и во 2014 година. Пред 15 години за претседателската позиција се натпреваруваа Ѓорге Иванов и Љубомир Фрчкоски и разликата беше 140 илјади гласови, додека во 2014 во вториот круг влегоа Иванов и Пендаровски со разлика од 120 илјади гласа. Иванов во двата изборни циклуси победи во вториот круг.

Исклучок беа претседателските избори во 1999 година кога во вториот круг отидоа Тито Петковски и Борис Трајковски, кога и покај предноста од 120 илјади гласови Петковски изгуби.