Анализи

СДСМ остана со слаби карти во игра

Пендаровски ја плати казната за владеењето на социјалдемократите

Ни најголемите оптимисти кај опозициската партија не предвидоа ваков убедлив резултат, веројатно исто како што и најпесимистичките сценарија на власта не предвидоа ваков пораз.

ВМРО-ДПМНЕ очекуваше голем успех на нивната кандидатка за претседател Гордана Сиљановска Давкова, но не и двојна разлика ниту пак ваков драматичен пораз на Стево Пендаровски.

Казната за владеењето на СДСМ му беше испорачана на Пендаровски, преку огромен пад на гласовите. Дополнително, сериозен удар за СДСМ дојде и од поранешниот сопартиец Максим Димитриевски кој откина голем дел од електоратот на социјалдемократите.

Резултатите од првиот круг ги исцртаа контурите за парламентарните избори, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кога ги славеше бројките ги навести актерите кои би сакал да настапат во главните улоги.

Три и пол часа по завршувањето на гласањето тој ги пресретна новинарските прашања за можните идни комбинации околу владината коалиција.

„Се слушнав со Таравари, му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори и идна влада во Македонија“, рече Мицкоски.

Мицкоски веднаш посочи кого посакува за партнер во владата | Фото: БИРН

На претседателскиот кандидат на албанската опозиција, Арбен Таравари кој пред изборите ветуваше земјотрес, синоќа не му беше до прослава. Тој освои над 83 илјади гласови, што е за околу 37 илјади помалку од Бујар Османи од ДУИ.

Но оваа изборна математика внатре во албанскиот блок и препирките кој е победник, а кој „криминално освоил гласови“ како да не му прави голема разлика на Мицкоски.  Тој месеци наназад зборува за „артаноиден режим“ јасно навестувајќи дека ја преферира опозицијата за владин коалициски партнер.

„Да не дозволиме ДУИ да направи нешто што никој не го сака, а тоа е добар резултат“, предупреди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Белата палата.

Од друга страна, во ДУИ не седат со скрстени раце. Во обид да го потенцираат поразот на албанската опозиција и да се постават како неизбежен дел од какви било калкулации за следната власт, ден по изборите почнаа со собири пред работните места на нивните опоненти.

Организираа мини перформанс, па Артан Груби со куфер во раката им се обрати на Изет Меџити и неговите приврзаници повикувајќи ги да се спакуваат и да си одат дома.

„Куферот е ваков мал, затоа што толку мали се и нивните работи“ рече Груби барајќи оставки од челниците на опозициската Вреди.

Каде отидоа гласовите?

Најголем пад во гласовите има СДСМ | Принсткрин: Државна изборна комисија

Гласовите кои ги освои нивниот кандидат  Бујар Османи всушност не се разликуваат многу од оние кои ги добија советничките листи на ДУИ и на ДПА на изборите во 2021 година. Исто како што не се разликуваат многу и сегашните гласови за Арбен Таравари со оние кои ги освоија пред три години Алијанса за Албанците и Беса.

Ако се гледаат само бројките од вчерашното гласање доминира впечатокот дека голем број некогашни гласови на СДСМ се прелеаја кај Максим Димитриевски. Впрочем, доколку се соберат гласовите што Пендаровски и поранешниот социјалдемократ Димитриевски  ги освоија вчера се добива резултат од околу 264 илјади гласа, којшто е приближен на оној што СДСМ, ЛДП и ДОМ го постигнаа на локалните избори во 2021 на советничките листи  – 262 илјади.

Математичката операција „СДСМ минус Димитриевски“ е крајно поедноставување на политичките промени , пред сѐ затоа што кумановскиот градоначалник веќе „тежеше“ 10 илјади гласови во 2021. Очигледно, во меѓувреме тој успеал да привлече сериозен дел од партиската структура на социјалдемократите, а не само познатите ликови како што се поранешните пратеници Весна Бендевска и Горан Минчев.

Во прилог на оваа теза оди и анализата дека реториката на Димитриевски и на неговата ЗНАМ беше еден вид безбедносна мрежа за приврзаниците и членовите на СДСМ кои го напуштаа бродот на власта што тонеше по судирот со бугарското вето.

Успехот на Димитриевски во првиот круг може дотолку да привлече и нови незадоволници од редовите на социјалдемократите кои би сакале на 8 мај да се најдат на победничката страна.

Што му пресуди на Пендаровски?

Пендаровски ја плати казната за владеењето на СДСМ | Фото: Роберт Атанасовски

Пендаровски ја плати казната за владеењето на СДСМ | Фото: Роберт Атанасовски

Илјадници поддржувачи на СДСМ и на Пендаровски вчера не гласаа или се одлучија за друг кандидат поради акумулираното незадоволство од политиките и перформансите на власта предводена од Зоран Заев и неговиот наследник, Димитар Ковачевски.

За резигнираноста сериозно придонесе крахот во борбата против корупцијата кој беше официјализиран со промената на Кривичниот закон.

Истовремено, се чини дека Пендаровски не успеа да анимира ниту доволен број од неопределените гласачи, без кои што СДСМ ретко победувал. Според некои анализи, судбината на претседателот можеби немаше да биде толку врзана со лошото владеење на СДСМ доколку тој се одважеше да застане против измените на Кривичниот законик.

За многумина, тоа што Пендаровски веднаш го потпиша законот, беше доволно да останат дома. Со измените,  се амнестираа обвинетите во најкрупните случаи на СЈО.  За овие судски предмети со текот на времето, од едно одложено рочиште до друго се оформи впечатокот дека се инструмент за да се избоксуваат политики на власта или лични агенди на луѓето од врвот на СДСМ и нивното опкружување.

На овој начин пропадна и судскиот случај за прислушувањето.

Со политичките игри за уште едно уставно мнозинство се отиде дотаму што беа јасно видливи контурите на планот за враќање на Груевски, што покрај измените на Кривичниот законик се манифестираше и во притисоците кон Врховниот суд. Иако беше јасно дека нема начин да се усвојат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот и да се деблокира ЕУ процесот, СДСМ до последно инсистираше на нив.

Удел во вчерашниот резултат имаа и бројните афери, обвиненијата за двата владини секретари и партиската потпретседателка, новинарските истражувања за бизнис-влијанието на фамилијата Заеви и за други корупциски афери.

Истовремено, поради улогата на нем посматрач во разните афери за нивниот коалиционен партнер, противниците лесно им ја залепија етикетата „измеќари на ДУИ“.

Со месеци јавноста се занимаваше и со договорот со конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на автопатишта, со специјален закон и без тендер. Критиките одеа по линија и на сомнежи за корупција на дел од 1,3 милијарди тешкиот договор, но и по линија на сервилност кон странците. Наспроти бурните реакции, Пендаровски експресно го потпиша и овој закон.

Не беа мали ни разочарувањата од перформансите на кадрите на СДСМ и на коалициските партнери, кои во еден момент ги држеа сите нивоа на власта.

Немаше сериозни подобрувања на услугите што ги добиваат граѓаните во здравството, ниту, пак во образованието.

Пред изборите, најголем одиум, сепак, предизвика кризата со личните документи. Илјадници граѓани останаа без пасоши, лични карти и возачки дозволи. Тоа само го засили впечатокот за неспособноста на власта да се справи со сериозни предизвици.

До 8 мај СДСМ нема многу време да го поправи впечатокот за нивниот седумгодишен перформанс. Тешко ќе им оди и вообичаеното договарање за гласови од оние што не влегоа во вториот круг-  Билјана Ванковска, Стевчо Јакимовски, Димитриевски, Османи и Таравари. СДСМ се чини дека има слаби карти во игра.