Три со три

Даштевски: Само пред избори ни текнува на пристапноста на гласачките места

Разговор со претседателот на ДИК за предизвиците на гласачите со физичка попреченост

Достапноста на правото на глас за граѓаните со попреченост, всушност, се јавува како проблем пред секои избори. На оваа тема, Државната изборна комисија (ДИК), минатата недела разговараше со раководството на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), бидејќи главно општините се одговoрни за објектите каде што се гласа, како што се училиштата.

За да се овозможи гласање на граѓаните што користат количка, препораката на ДИК е да се гласа на приземниот дел од објектите и да се обезбеди пристап за лицата со попреченост. Меѓутоа, студии на невладиниот сектор, личните искуства на гласачите, па дури и конкретна судска одлука од 2022 година предупредуваат дека многу гласачки места немаат рампи и лифтови, правејќи ги недостапни за лицата со физичка попреченост.

За предизвиците на овие граѓани во процесот на гласање, разговаравме со претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

БИРН: Во студијата направена од здружението „Инклузива“ по изборите во 2020 година се констатира дека пред 76 проценти од гласачките места има скали, а дека само 45 проценти од нив имаат рампи за лицата што користат колички. Каква е состојбата за овие избори?

Даштевски: Најголемиот дел од гласачките места се во училишта, во кои би требало веќе да има пристапни рампи оти во нив учат и деца со посебни потреби, има наставници со физичка попреченост, а и родителите со слични состојби треба да дојдат, на пример, на родителска. Пристапноста на избирачките места за лицата со посебни потреби е законска обврска со години, ама нас ни текнува на тоа само пред избори.

Државната изборна комисија, при определувањето на објектите за гласање, секаде каде што е можно, зема предвид места што се физички пристапни, односно им дава приоритет на оние што имаат рампа на влезот, ниски или рамни тротоари.

Во објектите за гласање, каде што се сместени повеќе избирачки места и каде што просторот дозволува, на пример училишта, избирачките места се определуваат да бидат во училници на приземје или, пак, да има функционален лифт доколку се на погорниот кат или, пак, се избира избирачкото место да биде во спортска сала.

Факт е дека во многу училишта веќе има лифтови, а онаму каде што нема, а до избирачките места треба да се стигне по скали, ДИК има рампи, кои ги носи по потреба. Имаме околу сто рампи. Мислам дека се доволно ако земеме предвид дека на последните избори имаше потреба од 29 рампи.

БИРН: Во 2022 година, судот пресуди дека има директна дискриминација на лицата со попреченост и наложи до следните избори да им се овозможи пристап. Според вас, кој е одговорен за тоа што овие обврски сè уште не се целосно исполнети?

Даштевски: Веднаш по пресудата се обративме до владата, која го прифати известувањето и ги задолжи надлежните институции да постапат по Пресудата од Апелацискиот суд Скопје и да обезбедат пристап до распишување на изборите за следниот изборен циклус.

Со последните измени на Изборниот законик се внесе нов член, според кој, за условите за пристапност за сите категории на лица со попреченост се грижат оние во чија сопственост се објектите.

Најголемиот дел од објектите во кои се гласа се во сопственост на општините и затоа имавме средба и со ЗЕЛС, од каде што најавија дека ќе се заложат за решавање на проблемот. Локалната самоуправа, ако функционира добро, би можела да го реши проблемот зашто мислам дека не е толку скапо колку што не се води сметка.

БИРН: На веб-страницата, на избирачкиот список, првпат може секој граѓанин да провери каква е пристапноста на нивното гласачко место. Во случај кога нема пристапност до одредено гласачко место, колкави се капацитетите на општинските изборни комисии да ги опслужат гласачите што не се во состојба физички да пристапат до гласачките места?

Даштевски: Избирачкиот одбор е должен да им овозможи на гласачите на соодветен начин да влезат, односно да пристапат на гласачкото место и да го остварат правото на глас. Во обуките што ДИК ги спроведува за Општинските изборни комисии и Избирачките одбори имаме интегрирано насоки за овозможување непречено право на глас за лицата со попреченост преку постапување на избирачките одбори.

Но, мислам дека овој проблем треба да се реши трајно во Македонија. Ваквата ситуација е недозволива зашто ако веќе преговараме со ЕУ, мора да обезбедиме и пристап за лицата со посебни потреби.