Регион

Дејтон 2.0

Договорот со кој се стави крај на војната во БиХ, треба да се промени, но како?

Некои сакаат да се измени договорот, за да се олесни патот на БиХ кон членството во ЕУ. Други сакаат тој да биде преработен со цел дополнително да се подели моќта меѓу народите. Некои, најрадикалните, сакаат да го преобликуваат, за да го трасираат патот кон распаѓање на земјата.

Во ноември се одбележува 25-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор и многумина денес би се согласиле дека системот што го постави овој договор, бара промени. Но, ретко кој би се согласил со останатите и како.

Четврт век по завршувањето на војната во која загинаа околу 100.000 луѓе, ставовите на босанските Бошњаци, Срби и Хрвати, се дијаметрално различни за тоа како да се реформира високо децентрализираниот и комплексен систем на етничка поделба на власта, за кој критичарите велат дека ја одржува земјата во трајна состојба на етно-политички препукувања и кризи.

„Јас го гледам како мировен договор кој ѝ послужи на својата главна цел, а тоа е ставање крај на војната, но повеќе не служи за важната цел за управување со Босна и Херцеговина на начин на кој на граѓаните ќе им се понуди безбедност и напредок“, вели, Даниел Сервер, професор на Универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен пратеник на САД во БиХ, кој присуствуваше на мировните разговори во американската воздухопловна база во Дејтон, Охајо, во 1995 година.

„Имаше моменти кога ова беше малку помалку точно, но во основа, видовте дека војната продолжи со политички средства“, нагласува тој за БИРН, во разговорот што со него го водевме преку Скајп.

Заложник на националистите

Сараевската населба Фото: Викимедија комонс

За да се стави крај на војната 1992-1995, преговарачите во Дејтон ја поделија моќта помеѓу два автономни ентитети и, во рамките на едниот од нив, меѓу 10 кантони. Централните институции останаа слаби, а претседателството е ротирачко со тројца членови, претставници на сите три „конститутивни“ народи – на Бошњаците, на Србите и на Хрватите.

Критичарите велат дека националистите, иако тој стави крај на војната, го искористуваат Дејтонскиот мировен договор и оти тој мора да претрпи измени, доколку постои желба државата да функционира поефикасно и да ги спроведува реформите потребни за интеграција во ЕУ и во НАТО, како и за обезбедување на стабилност и економски напредок, по што копнеат граѓаните на БиХ.

Со години, Партијата за демократска акција (СДА), Хрватската демократска унија (ХДЗ) и Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) доминираат во политичкиот живот.

СДА и ХДЗ се повеќе или помалку континуирано на власт од првите демократски избори одржани пред 30 години во тогашната југословенска република, додека СНСД, предводена од Милорад Додик, ја презеде палката од Српската демократска партија на Радован Караџиќ, воен лидер на босанските Срби и осуден воен злосторник.

Некое време по војната, меѓународните фактори ги охрабруваа лидерите на БиХ, да прифатат измени на договорот, како што се проширување на овластувањата на централната власт, за сметка на двата автономни ентитети или формирање заеднички вооружени сили. Сепак, тие денови поминаа и БиХ веќе не е рангирана високо во меѓународната агенда.

„Меѓународните фактори се обидоа во неколку наврати, но не успеаја и моќта на меѓународните власти во Босна и Херцеговина избледе“, нагласува Сервер.

Тој смета дека единствениот начин да се променат работите е граѓаните на БиХ да не гласаат за националистички партии. „Не се надевам дека тоа ќе се случи на следните избори. Ја знам реалноста. Но, тоа е она што е потребно“.

„Всушност, не мислам дека е можно да се донесат партиите, што моментално се на власт, во ситуација да го променат тоа, на начин што ќе ги отстрани од власта. Тие го сакаат овој систем и тој, многу добро, работи во насока на нивно збогатување“.

САД повторно повикуваат на промени

Вашингтон. Фото: Anna Lowe , Pexels

Во 2006 година, „априлскиот пакет“ на обемни уставни реформи, кои имаа американска поддршка, беше најблиску до зајакнувањето на централната власт. Но, иако ја доби поддршката од повеќето големи партии, со тесен број гласови, тој не беше изгласан во Парламентот на БиХ.

Четиринаесет години подоцна, минатиот месец, сегашниот американски амбасадор во БиХ, Ерик Нелсон, повика на реформа на уставот.

„Зошто? Бидејќи граѓаните на Босна и Херцеговина сакаат да бидат дел од трансатлантската заедница“, рече Нелсон за босанскиот сервис на „Гласот на Америка“. „Постои цела низа уставни прашања што треба да се решат, за земјата да ги исполни трансатлантските стандарди. Многу од овие прашања се тешки за решавање, што не значи и дека е невозможно да се решат“.

Како пример за тоа што може да постигне политичката волја, Нелсон го наведува договорот постигнат во мај годинава, меѓу СДА и ХДЗ, за ставање крај на деценискиот уставен и изборен спор, кој ги спречуваше гласачите во Мостар да гласаат за локални советници.

„Секако, требаше силна волја и време да се каже, сега конечно одиме напред“, истакна Нелсон.

Австрискиот дипломат, Валентин Инцко, висок претставник во БиХ повеќе од една деценија, смета дека промените се можни и без интервенција во уставот.

Некои претходници на Инцко, на функцијата висок претставник, заменија стотици функционери и наметнаа закони, кога беше потребно да се надмине одреден политички ќор-сокак, но 71-годишниот Инцко, има повеќе пристап на неинтервенција. Тој за весникот „Дневни аваз“, кон крајот на август изјави дека политичките партии премногу често ги користат заштитните механизми од уставот, за да го блокираат напредокот и да ги постигнат своите политички цели.

Компромисот, рече тој, може да доведе до напредок, дури и без промена на уставот.

„Јасно е дека воведувањето на поголема функционалност и ефикасност би било корисно за Босна и Херцеговина“, нагласи Инцко. „Недостигот на функционалност и ефикасност, е особено очигледен во однос на евроатлантските интеграции и кога станува збор за реформите што се фокусираат на економијата и доброто управување, кои треба да имаат позитивно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.

„Но, исто така, е јасно, дека политичката волја е сè уште клучна, а напредок со постојниот устав е можен, доколку партиите не се двоумат да побараат политички компромиси.

Етничка или граѓанска застапеност?

БиХ официјално аплицираше за членство во ЕУ, но во мај минатата година, ѝ беше кажано дека пред да се разгледа нејзиниот статус на официјален кандидат, земјата мора да направи напредок во 14 области, вклучувајќи го судството, борбата против корупцијата и јавната администрација.

Слабоста на централната власт го забавува напредокот, бидејќи таа нема многу компетенции во многу клучни сектори, додека целиот процес мора да биде координиран и со органите на ентитетите.

Патот до НАТО е уште покомплициран, особено поради тоа што босанските Срби, по примерот на соседна Србија, се спротивставуваат на полноправното членство. Додик, всушност, рече дека не би имал ништо против распаѓањето на БиХ. Тој сака да се измени уставот, но само во делот за правата на ентитетот – односно неговата Република Српска – да се отцепи.

Успехот на ваквиот потег, сепак, ќе зависи од Србија, која тешко дека ќе ги урне мостовите што ја поврзуваат со Западот, со признавање на независноста на Република Српска.

„Тоа ќе ја доведе Србија во многу тешка политичка позиција“, истакнува Сервер. „Или тие би ја признале независноста на Република Српска, и во тој случај би ги изневериле сопствените амбиции да се приклучат кон Европа, а тоа би било невозможно, и ако не засекогаш, тогаш тоа би значело одложување за една деценија или така нешто, или да не ја признаат независноста на Република Српска, во кој случај, националистичките сили во Србија би биле многу огорчени“.

Покрај сопствените амбиции на Додик, босанските Хрвати, кои во моментов ја делат власта со Бошњаците во вториот ентитет – Федерацијата БиХ, сакаат свој, трет ентитет, додека Бошњаците и ненационалистичките партии, сакаат БиХ да се реорганизира не по етничка линија, туку како граѓанска држава.

„Секој мал чекор и обид да се реши некој помал проблем во БиХ, нѐ носи на прашањето, дали БиХ треба да се заснова на етничка или на граѓанска застапеност. Додека не се најде одговорот на тоа прашање, не може да има голем напредок за Босна и Херцеговина“, изјави, Мирослав Лајчак, претходникот на Инцко на позицијата висок претставник и сегашен бриселски специјален пратеник за прашањата на Западен Балкан, на конференција во Словенија, кон крајот на август.

Престанете да го храните „мировниот картел“

Бил Клинтон се обрати преку телевизиските екрани по потпишувањето на договорот во 1995 година.

Двајца автори на текст објавен од ЕУобсервер во август, наведуваат дека голем дел од вината лежи на ЕУ, која во голема мерка го финансираше повоеното закрепнување на земјата и има неколку стотици војници на теренот.

Курт Басенер, коосновач на Совет отза политика за демократизација со седиште во Берлин и Сенада Шело Шабиќ, виш научен соработник на Институтот за развој и меѓународни односи во Загреб, напишаа дека Западот, особено ЕУ, „воделе т.н. политика на пацификација кон БиХ и пошироко кон Западен Балкан“.

„Ова наоѓа поддршка и во приоритетот на избегнување на непредвидливите нарушувања и запирањето на миграцијата на Балканската рута, и од себичната загриженост дека секоја промена на политиката, насочена кон иднината, ќе значи признавање на минатите неуспеси“, велат тие.

„Значи, водачите на земјата ефикасно ја насочуваат агендата на ЕУ во БиХ и ги контролираат парите што доаѓаат со неа“, пишуваат тие. „Покровителството на Запад, во различни форми, оди кон босанските политички елити, како, како што се покажа, рекет за заштита – помагајќи им да ги смират сѐ пофрустрираните граѓани“.

Наместо тоа, Западот мора да направи вистински напори да го поддржи владеењето на правото, да престане да фрла пари во корумпираната владина каса и да ја зајакне поддршката на граѓанските иницијативи од дното нагоре, за создавање алтернативен политички поредок во БиХ, нагласуваат тие.

„Единствените партнери што ЕУ може да ги има во БиХ се нејзините граѓани“, нагласуваат Басенер и Шело Шабиќ. „Граѓаните мора да ги предводат промените, за да дефинираат подобра иднина, а Запад, особено ЕУ, може да им помогне да се ослободат од оковите на мировниот картел, со тоа што ќе престанат да го хранат и да го поддржуваат“.