Интервјуа

Џијан Емин – човекот што го вдоми џезот 

Елитизам и функционерски амбиции стоеја зад бунтот против џез-оркестарот

Џијан Емин и другарите-џезери, за последен пат настапија како Здружение на џез-музичари (ЗЏМ) минатиот месец во Скопје.

Со Емин разговаравме две недели по концертот, откако веќе е решен проблемот за седиштето на новиот Оркестар за џез-музика, кој конечно произлезе од ЗЏМ со кое тој концертираше паралелно со неговиот професионален ангажман во Филхармонија.

Ги свиреа песните на „Леб и сол“ во свои џез-аранжмани. Лесно ги препознавме „Исток-запад“, „Таласна дужина“ и „Мамурни људи“, иако беа „потопени“ во импровизации со помош на клавијатури и на дувачки инструменти. Концертот заврши со песната „Скопје“ и  речиси сите од публиката ја снимаа изведбата со своите мобилни телефони.

Емин го диригираше концертот, ги најавуваше песните и уфрлуваше анегдоти и досетки.

„Па, добро. Не мора да биде смешно сè што ќе кажам“, рече и уште еднаш ја насмеа публиката.

Повеќе џез за сите

Емин Џијан ЗЏМ Џез Оркестар Филхармонија

„На ниво на магионичари успеавме да правиме меѓу четири и шест концерти годишно“ | Фото: Роберт Атанасовски

„Леб и сол“ е само еден од трибјут-концертите што ЗЏМ ги отсвири во овие седум години од постоењето. Имаа концерт посветен и на „Битлси“ и на „Рејдиохед“, еден од омилените рок-бендови на Емин.

„За дел од другите трибјути ние ги правевме аранжманите, а со тоа и самата музика многу се менува. Има сериозно авторство тука“, вели тој во интервјуто за БИРН што го направивме во просториите на Филхармонија.

ЗЏМ од годинава ќе функционира како и секоја национална установа, официјално под името Оркестар за џез-музика. Ќе има определен буџет од државата. Емин ветува годишна програма од најмалку десет премиерни концерти во Скопје, а планираат да свират и во внатрешноста.

„Зошто луѓето во Куманово, Битола, Кратово или во Дебар да не слушнат како звучи биг-бенд?“.

Групата досега функционирала исклучиво од ентузијазам. Аплицирала за проекти во Министерството за култура, добивала некои средства, а често членовите ваделе пари од свој џеб за да ги заокружат концертите.

„Со тие пари, на ниво на магионичари, успеавме да правиме меѓу четири и шест концерти годишно. Чудо од историски размери е во држава каква што е Македонија да се одржи џез-ансамбл од дваесетина луѓе“, раскажува Емин.

Дружината ЗЏМ го пополни вакуумот што остана откако Македонската радио-телевизија го расформира биг-бендот што беше почитуван на просторите на поранешна Југославија.

Со палката в рака и со нозете цврсто на земја

Емин Џијан ЗЏМ Џез Оркестар Филхармонија

Џијан диригира на трибјут-концертот на Леб и сол во Скопје | Фото: Роберт Атанасовски

Емин, во својата улога како диригент, се чини, најмногу го одредил принципот да стои цврсто на земја со двете нозе.

„Јас доаѓам од оркестарот. Сè уште се сметам за дел од културната работничка класа, не се сметам за некој што е над нечие постоење.“

Уверен е дека има предност пред диригентите без оркестарско искуство зашто 25 години свирел во оркестарот, што се вели бил од онаа страна на диригентската палка.

„А, тоа е круцијално за еден диригент“.

„Едно е кога човек стои од другата страна, не разбира што се случува на сцената, не ја разбира психологијата на музичарите. Предностите, тешкотиите – некој станал изутрина на криво, некој се скарал со жена му, со детето или некому едноставно не му се свири“.

Затоа на 37 години повторно се запишал на Музичката академија, овојпат на отсекот Оркестрирање. A, тоа повторено студентско искуство го раскажува со доза на хумор:

„Уште четири години си учев школо. Ми ставаа минуси кога ќе задоцнев“.

„Чаше ломим“ и првиот импулс за музика

Емин Џијан ЗЏМ Џез Оркестар Филхармонија

„Мојот карактер е постојано во потрага по нови звук, боја, енергија и форми“ | Фото: Роберт Атанасовски

Џијан Емин е син на познатиот кант-автор од поранешна Југославија, Незир Еминовски, кој е популарен по песната „Чаше ломим“. Татко му е целосен автор на песната, ги напишал текстот и музиката, а и аранжманот е негов.

Нумерата до ден-денес се свири по кафеаните и рестораните.

„Татко ми нон-стоп пееше и свиреше гитара. Претпоставувам дека тоа е првиот импулс што ми влегол во главата за да почне да работи тој музички вектор.“

Премиерно пред публика настапил на патронат во основното училиште во скопско Топанско поле, а веќе во тинејџерските години сфатил дека и не е баш некоја филозофија да се свири гитара. Првата песна што ја научил да ја свири е „House of the rising sun“ од „Д енималс“.

Практично во тој период почнал професионално да се занимавам со музика.

„Свирев по свадби, кафеани и по разни веселби“.

Талентот бил очигледен, меѓутоа сè уште не паднала одлуката да биде музичар. Од некоја причина, непозната и за Емин, тој, пред сè, сакал да биде хирург, меѓутоа по неуспешниот обид да се запише во средното медицинско, завршил во техничкото училиште АСУЦ.

„Толку многу ме изнервираа што не ме примија, што отидов со другар ми Црни да учам во АСУЦ, со идеја дека тој ќе биде автомеханичар, а јас ќе бидам автоелектричар“, ни ја раскажа оваа импулсивна епизода од тинејџерските години.

Меѓутоа, и татко му и наставниците бргу сфатиле дека техничкото училиште не е за Џијан и го префрлиле во средното музичко.

„На аудицијата во музичкото училиште ме прашаа што сакам да свирам. На зафрканција реков дајте тоа што е најкомплицирано и ми рекоа – ќе свириш хорна. “

„Во тој момент не знаев што е хорна, мислев дека зборуваат за харфа“, уште еднаш се пошегува на своја сметка.

Од матурант, па натаму свирел хорна во филхармонискиот оркестар и паралелно настапувал на скопската алтернативна рок-сцена со бендови како „Архангел“, „Проект Жлуст“ и „ДНО“.

По 25 години се заситил од дувачкиот инструмент.

„Некако ми стана репетитивно, а мојата природа бара нови работи. Мојот карактер е постојано во потрага по нови звук, боја, енергија, форми, со еден збор – нова музика.“

Од комуникацијата со Џијан Емин се стекнува впечаток дека фракот на класиката е тесен за неговите музички афинитети и дека тој докрај не се идентификува со официјалноста и дисциплината во формата што ги наметнува она што, впрочем, се нарекува сериозна музика.

Спорот со Филхармонија – производ на лични хирови

Емин Џијан ЗЏМ Џез Оркестар Филхармонија

„Не навредив некого и покрај тоа што на моја сметка стигнуваа ужасни муабети“ | Фото: Роберт Атанасовски

Во разговорот со БИРН, Емин отворено ги сумираше впечатоците од реакциите на дел од своите колегите против намерата новиот Оркестар за џез-музика привремено да се смести во објектот на Филхармонија.

„Неколкумина што имаат политички амбиции за идни министри, директори или претседатели, со куп лаги и невистини ги изманипулираа музичарите и голем дел од вработените во Филхармонија“.

Сега веќе разрешеното раководство на оваа културна установа и дел од вработените тргнаа во жестока антикампања. Лиферуваа соопштенија, неколкупати протестно музицираа пред Министерството за култура, носејќи жолти ленти на ракавите, со што неумесно се изедначуваа со жртвите на нацизмот и на Фејсбук објавуваа пораки на солидарност од слични установи во регионот.

Едно од солидарните писанија предизвика бурни реакции и потсмев. Директорот на Сараевската филхармонија, Ведран Туце, меѓу другото, напиша дека „музиката е само една, а сè останато е контролирана бука“. Претенциозниот коментар жестоко го критикуваа на социјалните мрежи и поради тоа Филхармонија мораше привремено да ги укине коментарите под фејсбук-објавите.

„Против осум џезери се покрена огромна машинерија, што е навистина смешно“, вели нашиот соговорник.

Коментарот дека „џезот е бука“, всушност, ги соголи неискажаните мотиви на класичарите против идејата да го делат воздухот со џезерите, мотиви што беа затскриени зад аргументите од логистичка природа – дека наводно нема место во вежбалните за нови музичари и за нивните автомобили на паркингот. 

„Претпоставувам дека луѓето од класичниот академски свет имаат благ анимозитет кон нешто што е џезот или импровизацијата, народната музика или фолклорот. Претпоставувам дека тој свет си живее во некаква замислена елитистичка состојба, што е тотално неоснована.“

Сега проблемот е решен. Оркестарот за џез-музика ќе функционира во поранешната килимара во подрумот на МНТ и Џијан Емин ќе замине таму, напуштајќи ја Филхармонија и оставајќи зад себе нарушени меѓучовечки односи и растурени другарства.

 „Во Филхармонија работам 30 години. Многу ми е криво што ова се случи поради лични хирови на одредени луѓе“, рече без да ги именува.

Анимозитетот го почувствуваме и додека Емин нè спроведуваше низ ходниците на Филхармонија. Нетрпеливоста се забележа и во концертната сала каде што го фотографиравме, седнат во публика додека колегите држеа проба. 

Неговото присуство веднаш беше забележано. Дел од колегите го поздравија, меѓутоа имаше и такви што наизменично погледнуваа кон него и меѓу себе. 

Буквално го „стрелаа“ со погледи, а тој се бранеше со насмевка, на која се читаше нелагодност.

„Јас морам да кажам дека во ниту еден момент не навредив некого, и покрај тоа што на моја сметка стигнуваа еден куп ужасни муабети“, ја затвори темата, која очигледно му е непријатна.