Анализи

Дигитален парадокс – колку повеќе информации, толку поголем заборав

Онлајн-медиумите обично паметат само 4-5 години наназад

Споменикот Воин на коњ беше донесен на скопскиот плоштад на 14 јуни 2011 година. Време во кое дигиталните медиуми беа во полн замав, а социјалните мрежи рушеа рекорди во користење. Тоа беше настан на неделата што го преокупираше интернетот и потег што влијаеше врз политичкиот развој во следните години, преку заладување на односите со Грција и оддалечување од евроатлантскиот пат.

Денес, девет години подоцна, ако се пребарува за овие случувања, главните резултати се кластери на агрегаторите за вести, на кои поголем дел линкови водат кон шифрата 404, интернет-епитафот што се става на страница што престанала да постои.

Ако одиме кон поблиското минато, на сличен проблем, иако во помала мера, ќе наидеме и при пребарувањето на вестите за објавувањето на прислушуваните разговори за убиството на Мартин Нешкоски, на прес-конференцијата на СДСМ на 5 мај 2015. Тука нешто поголем број линкови останале активни, но на многу, сепак, судена им е 404-ката.

Уште пострашна е ситуацијата со самата вест за убиството на момчето на скопскиот плоштад, настан што  се смета за еден од клучните во политичкиот развој во последните години – ги постави првите назнаки на движењето што подоцна се нарече Шарена револуција, кое имаше значителен придонес во менувањето на претходната влада.

Ова се некои од многуте примери што го создаваат парадоксот на дигиталната ера – колку повеќе информации, толку помалку меморија за нив. Во време на речиси неограничени можности за чување и архивирање податоци, Македонија си дозволува да ѝ исчезнуваат медиумски содржини собирани 20 години откако фирмите се затвориле, да нема ниедна дигитализирана архива од дневен весник, а во онлајн-медиумската сфера информации да се појавуваат и да исчезнуваат преку ноќ, без каква и да е одговорност.

Основно професионално правило е дека еден медиум е одговорен за сѐ што објавува или што некогаш објавил. Тоа е една од причините зошто објавите треба да се чуваат. Но, колку повеќе медиумската работа се префрла онлајн, толку помалку се почитува тоа правило.

„Бидејќи меморијата за тие содржини зависи од хардверско-софтверското одржување на платформите, овој волумен е ранлив на историски заборав, дури и повеќе отколку тврдата копија“, вели за БИРН, Игор Мицевски, истражувач во Институтот Ресис.

Друга важна причина е историското сведоштво. Според искуството на Борис Георгиевски, главен уредник на македонскиот сервис на Дојче веле, денес е многу полесно да се најдат информации за Македонија од 1890 година во Њујорк тајмс, отколку за периодот од 2000-2010 година или подоцна во македонските медиуми.

„Водиме и водевме спорови со соседите за случувања од пред 100 и кусур години, а имаме избришани делови од нашата понова историја, од последните 30 години“, додава Георгиевски.

Целосна слика, наместо гол податок

Насловна страница на Дневник од декември 2005, кога Македонија чекаше кандидатски статус за ЕУ

Нема ризик од губење на основните податоци за тоа кога нешто се случило, кога била донесена некоја одлука итн. Сето тоа е регистрирано во службените архиви. Зачувувањето на медиумските содржини е важно од друг аспект.

Прво, затоа што не може да се очекува секој да ги знае точните датуми на случувањата, па да ги пребарува низ интернет-складиштата на државните институции. И второ, затоа што медиумските објави даваат многу повеќе од фактографски податоци. Цели книги се пишувани за нивната важност за историографската наука, а со тоа и за колективното паметење. Тие го опишуваат контекстот на времето кога нешто се случило, какви ефекти тоа предизвикало во општеството итн.

На пример, општо е познат податокот дека Македонија првпат доби статус на кандидат за членство во Европската унија во 2005 година. Но, од медиумите може да се потсетиме дека и тогаш ситуацијата била драматична и до последен момент не се знаело дали одлуката ќе биде позитивна, а европската иднина на земјата била користена за поткусурувања меѓу Франција и Велика Британија во врска со ЕУ буџетот. Дури на крајот францускиот претседател Жак Ширак дал зелено светло.

Загубена онлајн-меморија

Содржината на голем број линкови до новинарски содржини стари неколку години

Денес во Македонија речиси не може да се најде содржина постара од 4-5 години на веб-страниците на националните телевизии. Дури ни со насочено пребарување. Таква е состојбата и со повеќето етаблирани онлајн-медиуми, што допираат до десетици или до стотици илјади читатели дневно.

Содржините од медиумите што престанале да работат, пак, се целосно исчезнати. Само делови може да се најдат зачувани во архивата на агрегаторот Тајм.

Еден од најпознатите примери е А1, првата приватна телевизија, која доста време беше најгледана и највлијателна. Денес, безмалку една деценија по згаснувањето, избледнува меморијата за нејзините известувања, од покривањето на аферата ТАТ, преку почетокот на вооружениот конфликт во Танушевци во 2001 и многу други.

Таков  е случајот и со своевремено најголемиот издавач на печатени медиуми – МПМ со весниците Дневник, Вест и Утрински весник. Поранешниот уредник на Вест, Горан Михајловски вели дека уште откога го основале весникот, посветувале доста внимание на архивирањето. Михајловски претходно беше уредник на Вечер, уште додека тој весник беше во сопственост на државното НИП Нова Македонија, и објаснува дека тамошните искуства ги научиле за важноста за зачувувањето на пишаниот збор.

„Таму архивата беше посебна служба во претпријатието и се работеше професионално. Во Вест барем до 2010 работевме по истиот урнек“, вели Михајловски.

Денес архивата на неговиот Вест, како и на другите два весника од МПМ, остана кај управата, заедно со преостанатиот имот, откако компанијата престана со издавачка дејност пред повеќе од две години. Не е јасно ниту зошто се избришаа онлајн-архивите од интернет, заедно со таа на порталот Телеграф.

„Тоа е показател на една тотална неодговорност кон една историја и кон едно творештво што се создавало над 20 години. Зошто? Само затоа што во времето кога се распаѓаше компанијата, на управата последен интерес ѝ беше што ќе се случи со архивите“, вели Михајловски.

Има и случаи со медиуми што имале нов почеток со ново сопствеништво, па го оставиле зад себе своето минато. Како телевизијата Алфа, која по преземањето од српските сопственици во 2012 година целосно ја промени уредувачката политика, па старите вклучително и  критички прилози од поранешната новинарска екипа таму веќе не може да се најдат.

Дел од загубените содржини може да се најдат на среќа – ако се архивирани од агрегаторите, ако се реобјавени од друг медиум што ја зачувал својата архива, или ако се пренесени во целост на форуми и на страници за дискусии.

Ретки се исклучоците, кои се случуваат најчесто кога нема промена на сопствениците,  како што е примерот со порталите А1-он и МКД, на кои стојат вестите уште од 2012 година, кога двата почнаа да работат.

Други, како порталот Република, ги архивираат старите содржини при редизајн на сајтот, и тие остануваат достапни на сајт со друга адреса, до кој се стигнува преку линк од насловната страница. Тоа значи дека содржините не се исчезнати, но линковите на агрегаторите што водат до нив станале нефункционални, и тие треба да се бараат низ архивата според датумот на објавата, задача што не секој ќе знае да ја исполни.

Некои ниту ова не го прават успешно, па и покрај тоа што имаат архива, таа не може да се пребарува или да се прелистува по денови. Такви можности нема дури ни на адресата која само се нарекува архива на државната агенција МИА (основана 1998 година), кон која се пристапува од насловната страница на нејзиниот интернет-портал, и која почнува и завршува со 5 март 2020 година.

Странските државни сервиси, како Радио Слободна Европа, Дојче веле или Гласот на Америка ги чуваат своите објави откога почнале да работат во земјава. Тие се најсигурните дестинации каде што може да се најдат оригинални објави за периодот од 2000 до 2010 година, кои се речиси исчезнати од македонските онлајн-медиумски извори.

Мачното враќање во аналогниот свет

Се чека дигитализација на печатените архиви | Фото: БИРН

Без можноста да се потпреме на интернетот, информациите може да се добијат само од архивираните примероци на печатените медиуми во библиотеките. Тука, пред сѐ, е Универзитетската библиотека, каде што задолжително се испраќаат копии од сѐ што ќе се испечати, и скопската градска библиотека Браќа Миладиновци, која има богата архива на македонски и на поранешни југословенски печатени изданија.

Обидот да се искористат зачуваните печатени медиуми во Универзитетската библиотека покажа колку светот на аналогните податоци може да биде сложен кога ги нема дигиталните.

Изданијата се достапни само за членови со платена членарина. Може да се земат само четири кластери одеднаш (месечни папки од еден весник), а за следните четири треба да се дојде друг ден. Тоа создава тешкотии ако треба да се пребараат и да се споредат десетина или повеќе кластери од различни изданија и години.

За време на пандемијата со корона вирусот, пак, протоколите за заштита налагаат дека секоја папка што еден читател ќе ја разгледа се тргнува настрана и никој друг не може да ја земе три дена.

Ниту во печатените архиви нема сигурност дека ќе се најде тоа што се бара. Новинарот Георгиевски раскажува како во примероците на Нова Македонија барал известувања за дебати за прашањето за името во Собранието, но наишол само на искинати страници.

„Тоа беше некаде во 2008 или во 2009, кога се заостри спорот за името, и барав што се дебатирало за тоа прашање на почетокот на 1990-тите. Некои дебати ги немаше“, вели Георгиевски.

И на други им се случило да најдат оштетени примероци, без информациите што им требаат, или да го нема токму бројот од весникот што им треба.

Минатото се истражува во весникарските архиви на библиотеките од многу причини. Автори на монографии пребаруваат стари информации или извештаи. Новинарите ги бараат своите поранешни написи. Граѓани што водат судски спорови имаат потреба да приложат некоја медиумска објава од минатото како доказ во постапката. Во последните 2-3 години се појави тренд за роденден да се подарува испечатена насловна страница од денот кога се родил славеникот.

Владата во 2015 година купи нова опрема за дигитализација на содржините на Универзитетската библиотека, со цел тие да станат подостапни, но и да се зачуваат оригиналите. Пет години подоцна од весници и списанија, на интернет-страницата на дигиталната библиотека денес има само примероци издадени меѓу средината на 19 век и крајот на Втората светска војна. За дигитализирање на архивите од поново време, пак, малку се зборува.

Во библиотеката  Браќа Миладиновци, која има богата архива на македонски и на поранешни југословенски печатени изданија, се штитат од оштетувања, така што дозволуваат да се разгледуваат архивите на печатените медиуми само во присуство на одговорното лице на библиотеката.

Големите светски весници, уште од почетокот на 21 век работат на дигитализација на своите архиви. Изданијата на Њујорк тајмс, стари и по повеќе од еден век се достапни онлајн петнаесетина години, а весникот од пред две години ја дигитализира и својата фотоархива. Секој број на германски Шпигел е објавен на интернет, вклучително и известувањата за Македонија уште од 1991 година.

За македонските весници, дигитализацијата на архивите отсекогаш била скап и неисплатлив проект. Нова Македонија, како весник со 78-годишна традиција, на дневна основа ја има покриено целата историја на македонската државност од 1944 година до денес. Од 2008 година е во сопственост на бизнисменот и еден, спред Форбс, од најбогатите луѓе во Македонија,  Минчо Јорданов. Две години весникот добива државни субвенции преку владината програма за помош на печатени медиуми. Дигитализацијата ја почна дури годинава.

„Ова е сложен и амбициозен проект што ќе трае две до три години. Идејата е откако ќе заврши архивата, да биде достапна и за пребарување“, ни рекоа од Нова Македонија.

Според новинарот Георгиевски, недозволиво е државата целосно да стои настрана и да чека дали и кога приватните медиумски сопственици ќе направат дигитални архиви.

„Која е гаранцијата дека нема да има манипулација со содржините“, прашува Георгиевски.

Национална дигитална медиумска архива

„Откријте ја историјата како што се случувала“, е мотото на британската архива на весници

Како што се намалува бројот на весниците, така нивното архивирање станува сѐ помалку доследен одраз на диверзитетот во информирањето во одреден период. Ако 2005 година беше „испечатена“ во шест дневни весници, 2020 ќе ја има само во три.

Диверзитет има многу повеќе од кога било со растот на онлајн-медиумите, но за потребата од чувањето на нивните содржини речиси воопшто не се зборува.

Има многу решенија што може да се најдат за да не се загуби меморијата од онлајн-информирањето, вели Ненад Живановски, медиумски експерт што денес живее и работи во Лондон. Тој го споменува искуството од Велика Британија, каде што уште од 2005 година британската библиотека архивира милиони содржини што ги покриваат сите аспекти од животот. Британскиот систем потоа бил преземен и во Австралија ,за зачувување на нивните онлајн-содржини.

„Можеби и кај нас треба да се размислува за формирање национална дигитална медиумска архива, со голем капацитет на меморија, во која порталите би ги складирале своите продукции. Со тоа би се добило и централизирано складирање и пристап, но и гаранција дека некои медиумски продукти нема да бидат трајно избришани со гаснење на порталот или со негов редизајн“, вели Живановски.

Според него, треба да се размислува и за информативните портали да бидат обврзани да ги чуваат своите содржини во архивата уште откога ќе го добијат домејнот од националната агенција Марнет. За да се заштеди меморија, додава Живановски, може содржините автоматски да се конвертираат во ПДФ и во други полесни формати.

Мицевски од Ресис вели дека во оваа насока, група експерти за потребите на Советот за етика во медиумите подготвиле насоки за онлајн-медиумите во кои прашањето за воспоставување и одржување архива ќе се подигне на ниво на етички стандард.

„Во насоките ќе биде предвидено медиумите редовно да ги архивираат своите веб-страници и да овозможат јавен пристап до нив, но ќе биде предвидено и трајно да го оневозможат јавниот пристап до содржини од архивата што содржат говор на омраза, дискриминација и слично“, вели Мицевски.

Медиумите ќе имаат обврска да ја задржат таа содржина во својата интерна архива и да ја направат достапна за аналитички или за истражувачки потреби, додава тој.