Анализи

Преговарачкиот колач крие мирудии против ветото 

Ветото на Бугарија се заканува да ги врати односите меѓу Софија и Скопје во периодот пред март 1999 година

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Кога би имал формула за излез од овој ќор-сокaк, сигурно би добил Нобелова награда. Оваа забелешка на поранешен македонски министер за надворешни работи доволно ја илустрира тежината на предизвикот со кој ќе се соочува земјава по ветото од Бугарија за нашиот почеток на преговори со ЕУ. 

Тоа се заканува да ги врати односите меѓу Софија и Скопје во периодот пред март 1999 година. Тогаш првиот чекор за релаксирање на две земји го направија владите на Љубчо Георгиевски и на Иван Костов, со потпишувањето на Декларација за добрососедски односи. 

Веќе на 24 мај истата година, Георгиевски и Костов, со делегации од двете земји, заедно присуствуваа на чествувањето на гробот на Свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим. 

Александар Димитров, шеф на македонската дипломатија (ноември 1998 – ноември 2000 г.) во времето кога беше скршен „првиот мраз“, денес не се впушта во разговор за оваа тема, со образложение дека од приватни причини веќе неколку месеци е повлечен од учество во јавни настапи.

Од Декларацијата (1999) до Договорот за добрососедство со Бугарија (2017) поминаа 18 години, а се стравува дека уште многу години би можеле да поминат како „лет во место“, доколку не надвладее разумот и не се најде решение за надминување на сегашната блокада. Како да се најде излез? 

Брза политичка акција

Малески: „Ако во следниот месец не најдеме умно решение, ризикуваме да заглавиме во децениски спор“ |Фото:  360˚ Степени (YouTube) 

Денко Малески, првиот министер за надворешни работи во независна Македонија, вели за БИРН дека војните во поранешна Југославија и спорот со Грција покажаа како и колку тешко се решаваат споровите меѓу балканските држави, ако жариштата не се изгаснат со брза политичка акција. 

„Нема причина за голем оптимизам и кога се работи за најновиот спор со Бугарија. Напротив. Идентитетската тема е толку чувствителна и толку податлива за политичка манипулација од страна на партиите во двете држави, што ако заглавиме, ќе треба многу време да се одглавиме. Мораме да ги вложиме сите усилби, со поддршка од европските сојузници, за да излеземе од ќор-сокакот во кој се наоѓаме. Ако во следниот месец со помош на Германија не најдеме умно решение за почеток на преговорите со ЕУ, ризикуваме да заглавиме во децениски спор, кој ќе биде пострашен од тој со Грција“, оценува Малески. 

Бидејќи се сомнева дека ќе бидат отстранети историските разногласија во следните триесет дена, тој смета дека најумното решение е спорните прашања да се решаваат паралелно со преговорите за членство.

„Мое мислење е дека исклучени од преговорите и оставени самите на себе ризикуваме да бидеме заборавени од ЕУ и оставени на милост и немилост на една посилна држава“, смета Малески

„Бугарската страна, преку својот претседател, сугерира излезна опција да биде ново поглавје во преговарачката рамка со ЕУ посветено исклучиво на македонско-бугарските односи. Кај нас тоа ќе наиде на отпор, зашто без оглед на нашиот успех во совладување на задачите од преговарачката рамка, Бугарија ќе биде таа што може да стави вето на крајот ако е незадоволна со исходот од преговорите со Македонија. На мнозинството нема да им се допадне и паралелата со Косово и Србија, која е условена со решавање на спорот, поточно со признавање на државата Косово пред членство во ЕУ. Мислам дека дилемата во следните триесетина и повеќе денови ќе се врти околу ова прашање: какви гаранции ќе добие Бугарија како членка на ЕУ дека спорот ќе се реши пред зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ – со посебно поглавје во Преговарачката рамка, некаква декларација или нешто слично“, ни изјави поранешниот министер.

Во таква ситуација, Малески укажува дека земјава ќе биде исправена пред типичната дилема во меѓународните односи: да избира меѓу две зла, проценувајќи кое е помалото. Дали да се определи за вето на почеток, за останување надвор од преговарачкиот процес и за решавање на проблемот со Бугарија „еден на еден“, па дури потоа отворање преговори со ЕУ, или – за отворање преговори, но со можно вето на крај, за седум-осум години или порано, во случај на неуспешни преговори околу спорните теми. 

„Мое мислење е дека исклучени од преговорите и оставени самите на себе ризикуваме да бидеме заборавени од ЕУ и оставени на милост и немилост на една посилна држава. Ние, се разбира, ќе пружиме отпор на политиката на моќ. Во таков случај, речиси со сигурност може да се прогнозира дека дeнешната размена на вербални удари од двете страни ќе прерасне во политика на непријателство. А тогаш, трубите на национална хомогенизација ќе ги задушат гласовите на разум од двете страни на границата“, предупредува тој.

Има простор за излез

Детаљ од меѓувладината седница на двете држави во ноември 2017 | Фото: Flickr на Влада на РСМ

Трубите уште сега се прилично гласни, особено со наративи погодни за мобилизација пред мартовските парламентарни избори во Бугарија, но и за лекување на македонските рани. Затоа, за почеток е важно да деескалира „анти“-реториката од двете страни на границата, смета поранешниот министер за надворешни работи, изјави Љубомир Фрчкоски.  

Смета дека ветото од Бугарија е очекувано, бидејќи и не бил најголем притисокот врз Софија да не го прави тоа. Со тоа источната сосетка била оставена да се изложи со неисполниви барања, што ја ослабнува нејзината позиција. 

„Треба да разговараме за сите додатни теми што ја отвораат можноста за компромис – за Коридорот 8, за антибугарска пропаганда… Тие се издувните вентили за компромис. Со прифаќањето на овие теми, нудиме излез, за да може и тие да се повлечат“, вели  Фрчкоски

Излезното решение, Фрчкоски го гледа во сет од потези: силен реформски процес во земјата, силна дипломатска активност и консултации со стратегиските партнери во однос на апсурдноста на барањата на Бугарија и внатрешен консензус за интегративниот пат.

„Акцентот на нашата дипломатија мора да биде ставен врз апсурдноста на условите што ги поставува Бугарија, бидејќи тие се неисполниви. Со таков преседан ѝ се наштетува и на самата ЕУ, ако се дозволи историско прашање да стане политички проблем и да се решава со политички декрет. Тие апсурдности треба да се изложат и да не се остават да гнијат“, смета Фрчкоски. 

Сепак, верува дека има простор за маневар и излез, а тоа го препознава во фактот што соседите го прошириле преговарачкиот колач. 

„Тоа не треба ‘на прва топка’ да се одбива. Напротив, треба да разговараме за сите додатни теми што ја отвораат можноста за компромис – за Коридорот 8, за антибугарска пропаганда… Тие се издувните вентили за компромис. Со прифаќањето на овие теми, нудиме излез, за да може и тие да се повлечат. Да создадеме точки за компромис, за да се спасат точките за кои нема компромис“, вели Фрчкоски.

Во текот на целиот овој процес, смета дека е нужен внатрешен политички консензус, но не на антибугарска хистерија. 

Примена на француско-германските модели

Никола Попоски (десно на крај) советува чекор настрана кон Германија и Франција| Фото: БИРН\В.А.

Домашната опозиција, во бугарското вето најде силен повод за критика на домашната власт, бидејќи ветила, но не успеала да го започне преговарачкиот процес со ЕУ, и покрај промената на името и Договорот со Софија, поради што треба да понесе одговорност.

„Излегува дека од кога го потпишаа договорот, односите се само во надолна линија“, вели за БИРН Никола Попоски, поранешен министер за надворешни работи во владите на Никола Груевски.

„Ако ги слушаме сега што зборуваат, како никогаш да не било полошо меѓу Софија и Скопје. Нели треба да се прашаат нашиве потписници на договорот, како успеаја да нѐ доведат на дереџе Бугарија да нѐ блокира за ЕУ? А таа пред пет години беше меѓу иницијаторите за наша поддршка во ЕУ“, прашува Попоски.

Решението за излез од блокадата тој го гледа на три пункта.

„За решение сега, од кашава во која нѐ доведоа, мора прво да направиме чекор настрана кон Германија и Франција, со примена на нивниот модел за расчистување околу фактот дека окупација на соседна земја не е и не може да биде никакво ослободување. Потоа, би следела примена на нивниот модел за помирување во ЕУ, а не надвор од неа. И конечно, би било добредојдено прифаќање на ставот дека прашањата за заедниците треба да се решаваат според Универзалната декларација за човекови права, во текот на преговорите за членство“, предлага Попоски.

Дилемите не се помали ниту во Бугарија.

„Во сегашната ситуација, бугарско-македонските односи се на мошне ниска точка и многу бргу треба да се изнесат на апсолутно нова основа“, изјави за Радио Фокус поранешниот министер за надворешни работи и европратеник, Ивајло Калфин. 

Тој смета дека блокирањето на преговорите е многу тешко оружје што Бугарија решила да го искористи. 

„Убаво е таквите оружја само да се покажуваат, но не и да се употребат“, потенцирал тој. 

„Во моментов, процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ е поставен на трупци. Претстои да се одлучи што ќе се случува со Албанија. Двете држави одеа во пакет. Дали ќе започнат преговорите со Албанија, а без да започнат со Република Северна Македонија, е одлука што треба да биде донесена од Европскиот совет“, изјави Калфин.

Според него, тоа што може да се очекува сега, е дури и пријателите на Бугарија и на билатералните односи да останат со придушени гласови и да се развие многу бесна кампања против Софија. Смета дека изолацијата на Бугарија во ЕУ е ситуација во која земјата не треба да чека, туку веднаш да преземе мерки и да формулира што точно сака – за да започнат преговорите со Северна Македонија.