Анализи

Членките на ЕУ нема да се откажат од правото на вето

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Имаше други примери во кои државите ги блокираа соседите на патот до ЕУ | Фото: БИРН/В.А.

Државите-членки на Европската Унија не би прифатиле редефинирање на правилата за вето во врска со одлуките за проширување, дури и кога тие се злоупотребуваат за тесни национални интереси, вели за БИРН, Џејмс Кер-Линдзи, истражувач и визитинг-професор на Лондонската школа за економија специјализиран за прашања поврзани со конфликтите, мирот и безбедноста во Југоисточна Европа.

Како што објаснува тој, правото секоја од земјите поединечно да се изјасни за примање нови членки во клубот за нив претставува фундаментален симбол на еднаквоста и на суверенитетот во ЕУ.

Според него, проблемите со кои се соочува Северна Македонија на својот пат кон ЕУ го покажува темелниот проблем со проширувањето.

„Поголемиот дел од овој процес е технички и е поврзан со исполнувањето на условите од поглавјата за зачленување во ЕУ и прифаќањето на нејзината законската рамка. Но, има моменти кога тој се користи за тесни национални интереси“, вели тој.

„Веќе ја видовме оваа ситуација со Грција во врска со прашањето за името. Сега ја гледаме со Бугарија во врска со историјата. Но, сме го виделе и во други случаи, на пример патот на Албанија беше запрен од мал број држави, како Франција, кои имаа забелешки“, додава Кер-Линдзи.

За жал, објаснува професорот, Европската Унија ниту може, ниту сака да направи нешто за да ја смени оваа ситуација.

„Ако има само една земја-членка што предизвикува проблем, тогаш другите можат да ѝ извршат притисок на државата што блокира. Но, не можат да ја присилат да ја смени својата одлука. Ниту, пак, можат да ја надгласаат. Ова е една од областите каде што правото на вето од секоја индивидуална членка ќе остане“, вели Кер-Линдзи.

Имаше размислувања да се премине на гласање со квалификувано мнозинство, со што би се оневозможиле индивидуални земји да ставаат вето за ова прашање. Но, многу од нив со загриженост гледаат на можноста да се отстрани ова право.

Тие веруваат дека одлуките кој може, а кој не може да стане нов член на клубот треба и натаму да се носат едногласно.

Кер-Линдзи вели дека има и други можности. На пример, имало предлози ветото да не може да се користи при отворањето на преговорите или при отворањето и затворањето на секое поглавје, но тоа право да се задржи при носењето на конечната одлука за членство на новата држава во ЕУ.

„Иако ова звучи разумно и ќе им овозможи на државите да напредуваат, и покрај тоа што имаат проблем, многу држави-членки се против таква промена. Тие сметаат дека ако една земја го помине целиот процес и стигне пред зачленување, и тогаш е блокирана, државата што ќе блокира ќе се соочи со пресилен притисок да го отстрани ветото. Поради тоа, државите претпочитаат да се задржи сегашниот систем и да се решаваат проблемите уште пред почетокот на преговорите, отколку на нивниот крај“, вели Кер Линдзи.

Освен македонскиот случај, во кој земјата, откако се справи со ветото од Грција се соочи со блокада од Франција, па сега од Бугарија, на Балканот имаше повеќе други примери во кои државите ги блокираа своите соседи на патот до ЕУ. Еден од најпознатите е хрватско-словенечкиот спор за водните права во Пиранскиот залив, со кој Словенија долго време го забавуваше патот на соседната земја кон ЕУ.

Романија се закануваше со вето за отворање поглавја за Србија и го условуваше со правата на влашкото малцинство во оваа земја.

Турција ги почна преговорите за членство во 2004 година, токму кога Кипар стана дел од ЕУ, па турската држава се соочуваше со блокади од новата членка поради нерешениот кипарски проблем.

Иако засега нема најави, постои загриженост дека нерешеното прашање за поморската граница меѓу Црна Гора и Хрватска кај полуостровот Превлака може да стане пречка на патот на црногорската држава кон зачленувањето во унијата.

Ветото за проширувањето на Европската Унија не се користело само од балканските земји во обид да си ги истераат своите интереси во споровите со соседите. Ова право го употребувале и големите земји едни против други.

Во 1960-тите, францускиот претседател Шарл де Гол двапати го блокираше зачленувањето на Велика Британија во ЕУ, поточно во тогашната Европска економска заедницa. Освен што аргументирал дека британските економски правила и пракса не се компатибилни со европските, Де Гол изразувал загриженост дека таа држава повеќе би им служела на интересите на САД отколку на Европа.

Велика Британија се зачлени во ЕУ, во 1973 година, по смртта на генералот Де Гол, а во 2016 со референдум реши да ја напушти Унијата.