Додека во Македонија сѐ уште се дефинираат правилата во врска со кампањата за референдумот за договорот со Грција закажан за 30 септември, дијаспората е веќе длабоко навлезена во активности за или против оваа спогодба, односно за поддршка или за бојкотирање на референдумот. Во неа се вклучени и организации стари неколку децении и неформални движења иницирани во оваа или во минатата година.
Борбата на дијаспората не се води само во странство. Иселеничките организации се насочени, пред сѐ, да влијаат врз гласачите во земјава, преку ширење на нивните ставови со помош на медиумите и на социјалните мрежи, но и преку финансирање кампањски активности.
Истражувањето на БИРН на социјалните мрежи и активности на прокламираните групи од дијаспората покажува дека односот на силите не е ни најмалку рамноправен и поддржувачите на бојкотот се многу побројни и многу поактивни од тие што ја прифаќаат спогодбата со Грција.
Нивните кампањи одат дотаму што дел од нив бараат претседателот Ѓорге Иванов да го уапси премиерот Зоран Заев. Тврдат дека и тие би го загубиле правото на македонски идентитет во земјите каде што живеат ако се спроведе договорот.
Кој е кој и кој што прави во напорите на дијаспората да влијае врз одлуката што ќе ја определи иднината на Македонија?
Прозападни бојкотирачи
Обединетата македонска дијаспора, која се претставува како водечка организација на Македонците во светот, има цврст став за бојкот на референдумот, со што само се надоврзува на своите кампањи за прекин на преговорите со Грција. ОМД е формална организација со седиште во Вашингтон, САД, основана во 2004 година, на чие чело е Мето Колоски, роден во Њу Џерси, а со потекло од Кичевско.
И самата организација е претежно составена од потомци на постарите генерации иселеници. Во нејзините советодавни тела можат да се најдат и министри од владата на Никола Груевски, како Џери Наумоф и Глигор Ташковиќ, но и поранешниот владин советник Џејсон Мико.
ОМД има голема мрежа соработници во разни делови од САД, како и во Канада, Австралија и во Европа. Партнерска организација во Македонија ѝ е МЦМС, со која организираат едукативни престои на децата на иселениците во земјава и други активности.
Токму ова здружение на 11 август организираше комеморација за, како што велат, македонските жртви на грчката бруталност од поделбата на Македонија досега (11 август е годишнина од Букурешкиот договор од 1913 година).
И покрај недвосмислениот став на ОМД за бојкот на референдумот, таа се огради од 28-те организации што почнаа заедничка кампања за бојкотирање, за, како што истакнаа оттаму, да го одвратат етикетирањето дека дејствуваат проруски. ОМД се декларира за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО под нејзиното уставно име.
ОМД, заедно со други здруженија, стои и зад неформалното движење „Ние сме Македонија“, кое функционира како координативна мрежа, и под ова мото, претежно преку социјалните мрежи и преку локални партнери, организира протести низ светот. Иницијативата беше почната на 14 јануари.
Апсете го Заев, Русија напомош
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Канада, со ограноци и во други земји, оди многу подалеку во оваа кампања, со повици да се уапси премиерот Зоран Заев бидејќи, како што велат, го прекршил Уставот и законите на државата и извршил велепредавство.
Бараат сите Македонци да го поддржат апсењето на премиерот, да се ослободат „политичките затвореници притворени од Заев“, да се бојкотира и да се спречи референдумот и да престане, како што истакнуваат, масовното мешање од западот во насока на промена на името.
Покрај апсењето на Заев, тие бараат претседателот Ѓорге Иванов да нареди да се уапсат и Никола Димитров, Талат Џафери и други „предавнички политичари“ и повикуваат на помош од Турција и од Русија со вето во НАТО, односно во ООН да ја спречат промената на името на Македонија. Претставниците на ММДЧП ѝ беа домаќини на Солза Грчева во Канада на Илинден.
Станува збор за здружение со седиште во Торонто, основано во 1986 година. Целите на формирањето им биле да се унапредат човековите права на Македонците во Грција, Бугарија, Албанија и во други земји. Претседател е Бил Николов од Канада, потомок на бегалци од Егејска Македонија, кој смета дека договорот со Грција му го загрозува правото да постои.
Организацијата е мошне активна со години во врска со македонско-грчкиот спор за името. Пред речиси една деценија ја водеше кампањата „Кој ви даде право да преговарате за моето име“, со закуп на билборди и на медиумски простор во Македонија.
Сега се повторно активни со повици за бојкот на референдумот и повторно закупуваат рекламен простор во Скопје и на други места со повици за бојкот. Се залагаат за правно решавање на спорот за името, со кој на Македонија би ѝ се признало правото на самоопределување според Повелбата на ОН и таа би останала Република Македонија.
Австралиски долари за кампања
Една од најактивните организации на Македонците во Австралија е тамошниот огранок на Светскиот македонски конгрес, предводен од Џим Стефановски. СМК Австралија смета дека владата на Заев е хунта и диктаторски режим, а единственото решение за референдумот за името е целосен бојкот.
Тие беа меѓу првите што со конкретни активности се вклучија во кампањата за спречување на промената на името, откако иницираа собирање донации во Австралија за поддршка на активностите на нерегистрираната студентска организација „Млади за Македонија“, која организираше повеќе протести низ земјава и е еден од главните иницијатори на кампањата „Бојкотирам“. Беа собрани над 10.000 долари преку нив и преку онлајн-алатки за донации.
Поединци од СМК-Австралија се познати по своите екстремни националистички ставови, повици за насилство, за палење грчки знамиња итн. Светскиот македонски конгрес го популаризираше т.н. Александрово оро подготвено од австралиско-македонската младинска организација „Никола Карев“, во кое антички македонски војници се борат со грчка војска низ звуците на македонската народна музика.
Други организации во Австралија како македонските совети во Викторија и во Нов Јужен Велс главно се занимаваат со организирање културни настани или со одбележување на македонските државни и национални празници. Но, иако се помалку активни во политичките прашања, изразуваат цврсти ставови против промена на името и за бојкот на референдумот.
Исклучок од ова е Македонската заедница во Западна Австралија, која им дели совети на иселениците како да влијаат за да не успее референдумот. Поединци од македонската заедница во Австралија како новинарот Ицо Најдовски Перин или Игор Аврамовски Александров се активно се вклучени во кампањата за бојкот.
Македонските иселенички организации не се цврсто поделени. Членови на ММДЧП или на СМК биле истовремено и во ОМД и обратно. Исто така, кога се организираат протести против промена на името, сите ги поддржуваат и ги помагаат, без разлика кој ги иницира. Во нивните пораки до македонската и до меѓународната јавност, претседателот Ѓорге Иванов е издигнат како врвен или единствен признаен политички авторитет во државата. Владата за дел од нив е нелегитимна.
Еден форум против сите
Форумот за демократска Македонија е засега единствената асоцијација, чии припадници јавно го поддржуваат договорот со Грција. Составен претежно од помлади и високообразовани поединци од различни држави, овој форум е организација со регистрирано седиште во Мериленд, САД, и функционира како платформа што ги вмрежува иселениците, кои, како што велат во јавните настапи, не можеле да се пронајдат во постојните македонски иселенички организации поради полибералниот светоглед и залагањата за демократска и прогресивна Македонија.
Немаат своја интернет-страница и имаат околу две илјади следбеници на својата фејсбук-страница. Форумот се основаше со проглас објавен на интернет на 17 мај минатата година, главно од иселеници што претходните години од странство го поддржуваа движењето „Протестирам“ и Шарената револуција.
Членови на ова движење редовно остваруваат средби со министерот за дијаспора, Едмонд Адеми, и со други претставници на македонскиот политички врв кога тие престојуваат во странство. Поради ова се соочуваат со критики дека се приврзок на министерот за надворешни работи Никола Димитров, но тие стојат на својот став дека се поинаква дијаспора.
Дејствуваат претежно преку колумни и други јавни настапи во македонски и во странски медиуми, и многу почесто ги изразуваат своите мислења како поединци отколку како организација. Генерално нивните ставови околу спогодбата се дека таа не го загрозува македонскиот идентитет и отвора перспективи за развој на земјата преку евроатлантските интеграции.
Иако во дијаспората постојат различни здруженија и организации што претставуваат конкретни делови од иселеништвото, кои не се секогаш истомисленици, за владите е вообичаено средбите со нив да ги претставуваат како средби со претставници на целата дијаспора кои едногласно им даваат поддршка. Такво соопштение вчера стигна од кабинетот на премиерот Зоран Заев, според кое тој се сретнал со претставници на дијаспората од Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска и САД и дека тие изразиле поддршка на владините политики за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО. Потоа други претставници на дијаспората испратија демант, барајќи појаснување со кого поточно се сретнал Заев. И поранешниот премиерт Никола Груевски соопштуваше дека се сретнал со претставници на „македонската заедница во Канада“ или со „Македонците во Германија“, кои ги поддржале политиките на Владата, како што стои во известувањата на владината интернет-страница. Во изминативе години се појавија иселеници што остро се спротивставуваат на неговите политики и во Канада, и во Германија и во други земји.