Анализи

ВМРО-ДПМНЕ со нов статут: Наместо меници, безусловни оставки!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Бројот на членови од ОК во органите на партијата сега драматично ќе се намали | Фото: Роберт Атанасовски

Страв од нова, уште поголема централизација во ВМРО-ДПМНЕ, пополнување на органите и телата најмногу со луѓе блиски на претседателот и најтесното раководство, и одредби што не водат кон демократизација, туку кон елиминација на секој со слободно искажан став.

Ова се само дел од забелешките што дел од Општинските комитети (ОК) ги споделија со БИРН, откако новиот предлог-статут им бил доставен на разгледување до крајот на август. Во документот што тие ни го ставија на увид има повеќе спорни одредби, за кои одговор побаравме од врвот на партијата.

„ВМРО-ДПМНЕ е народна партија со демохристијанска ориентација, која се темели на конзервативно поимање на човекот и дава етичка основа за одговорна политика“, стои во членот 2.

Што значи конзервативно поимање на човекот и дали само тоа дава етичка основа за одговорна политика? – прашавме во раководството на партијата. 

„Тоа е фраза што стои во статутите на сите конзервативни партии. Напишано е повеќе во филозофска смисла. Се мисли на типичен конзервативец, поединец кој е без либерални сфаќања за животот, односно кој е помалку отворен кон нив“, објаснуваат извори од раководството.

Јавно – само ставот на партијата!

Во ЦК влегува цела „армија“ луѓе, но најмалку тие што се избрани непосредно од базата

За разлика од „ситните забелешки“ за оваа дефиниција, многу повеќе револт предизвикуваат други, поклучни одредби. Иако во член 8 (глава Цели и задачи), партијата, меѓу другото, се залага и за граѓански права и слободи, за слобода на говорот и се спротивставува на секаков вид цензура, тие стандарди не се иманентни кога станува збор за внатрепартиските работи.

Така, во членот 22 набројани се девет точки што прецизираат што значи „дејствување спротивно на статутот, меѓу кои реакции предизвикуваат точките 5 и 7.

Во точка 5, „за дејствување спротивно на Статутот, целите и задачите на партијата се смета членот што искажува ставови спротивни на декларираната политика на партијата во печатени или електронски, радио или телевизиски медиуми“.

Во точка 7 е прецизирано дека тоа се однесува и на „непочитување на насоки (одлуки, заклучоци и друго), на партиските органи и тела“.

„Каква е таа партиска демократија, ако никој јавно не смее да искаже поинаков став, или ако не се согласи со одредена партиска одлука, или реши да има одвоено мислење“, реагираат нашите соговорници од ОК.

Главните решенија на предлог-статутот се темелат на одредби на пет сестрински партии: на Народната партија на Австрија на Себастијан Курц, на германската ЦДУ, на француската „Еn Marche“, на Словенечката демократска партија на Јанез Јанша и на хрватската ХДЗ

„Токму тие одредби се израз на конзервативната ориентација“, објаснуваат од раководството.

„Принципот е јасен: Нема проблем да се искажуваат најразлични мислења и ставови, но сѐ до градењето конечен став. Кога ќе изградиме конечен став за некое прашање, треба да се почитува и тука нема отстапки“, велат од партискиот врв.

Но, немаат одговор како ова ќе се одрази на поширокото членство, бидејќи сите членови не се во партиските органи и тела, не дебатираат таму, немаат можност да учествуваат во градењето партиски став, а треба да имаат право јавно да искажат свое мислење.

Од партискиот врв потенцираат и дека не е дозволено фракционерство, со образложение дека „општеството сѐ уште не е зрело за тоа“. На нашата забелешка дека зрелоста на општеството ја градат луѓето и субјектите преку нивните постапки, од раководството одговорија дека „ни во сестринските партии чии статути ги разгледувале, не било дозволено фракционерство.“   

Веќе нема финансиски импликации

Големи реакции предизвикува и членот 25, кој наликува на реинкарнација на т.н. меници, со кои претходно беше условувана лојалноста на пратениците. Тој предвидува секој член што е кандидат за пратеник во Собранието, кандидат за градоначалник или советник, (покрај согласноста да се кандидира, и изјава за почитување на статутот) мора да потпише и „изјава за безусловна оставка на функцијата во случај на истапување или исклучување од партијата, зачленување во друга партија, пристапување кон друга парламентарна или советничка група или независно дејствување!“

Но, токму ова критикувано решение, во раководството го сметаат за голем исчекор.

„Ова е направено со цел да се исфрлат од практика досегашните меници, кои предвидуваа крупни финансиски импликации за сиот имот на партиските членови – кандидати за пратеници и градоначалници, како и финансиски импликации за членовите на нивните семејства. Сега тоа повеќе го нема. Ќе дадат само изјава на нотар за безусловна оставка“, објаснуваат партиски функционери.

Воедно, ова е и прво јавно признание за постоењето на мениците, со оглед дека претходното раководство негираше дека постои таква незаконска и недемократска практика. Од актуелното раководство сметаат дека новата одредба за безусловни оставки воопшто не е спорна, додавајќи дека е преземена од статути на сестрински партии. Во моментот не можеа да посочат од кои, бидејќи податоците за компаративните решенија биле кај претседателот на Статутарната комисија. 

Од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека ќе почекаат да стигнат сите забелешки. Велат дека целта им е да добијат најдемократски партиски статут.

Дел од реакциите кај членството се насочени и кон статутарни одредби со кои  претседателот (член 36) си доделил широки овластувања, меѓу кои: „Да донесува одлуки во име на партијата“, и да „може да укине, односно да поништи одлуки и други акти на органите и телата доколку се спротивни на Статутот, целите и задачите, како и други акти на партијата, и за тоа го известува Централниот комитет“. Исто така, „претседателот на партијата може да суспендира партиски функционер ако ситуацијата налага итно дејствување заради отстранување или спречување штета на работењето на партијата“.

„И досега беше така“, тврдат во партискиот врв, иако новиот статут беше најавуван како документ кој ќе донесе демократски промени. И ова решение го правдаат со идентични решенија во статутите на сестринските партии. Велат дека главните решенија се темелат на одредби од пет статути: на Народната партија на Австрија на Себастијан Курц, на германската ЦДУ, на француската „Еn Marche“, на Словенечката демократска партија на Јанез Јанша и на хрватската ХДЗ.

Како дополнителни за компаративно искуство биле користени и статутите на бугарската ГЕРБ на Бојко Борисов и на Српската напредна странка на Александар Вучиќ. Од партијата тврдат дека не биле користени решенија од статутот на партијата Фидес на Виктор Орбан. 

Опкружување со свои луѓе

Во Општинските комитети, незадоволство предизвикува и начинот на кој се избира претседател на ОК. Иако тој избор треба да го прават месните комитети на собранието на ОК, на непосреден избор пред гласачка кутија, сепак крајниот збор му е оставен на Извршниот комитет, односно повторно изборот се врши во централата. Како што стои во членот 42, „Извршниот комитет избира претседател на ОК, на предлог на собранието на ОК“.

„Најверојатно ќе го коригираме тоа. Наместо ИК да ‘избирa’, би требало да стои дека го ‘верификува’ предлогот на ОК“, најавуваат од раководството.

Но, веќе е извесно дека копјата ќе се кршат околу составот на Централниот и Извршниот комитет на партијата. Во ЦК влегува цела „армија“ луѓе, но најмалку тие што се избрани непосредно од базата. Покрај претседателот, потпретседател/ите, Генералниот секретар, тука се и неговите заменици, организациските секретари и потсекретари.

Токму последниве, кои во моментов ги имало дури околу 57, а се избираат на предлог на Генералниот секретар, во базата ги сметаат за повластен контингент: луѓе по мерка на врвот, од кои дел собирачи на потписи за кандидатурата на Мицкоски, а други заедно со секретарот лојални на некои поранешни функционери, кои и натаму „странично“ влијаеле врз политиката во партијата.

Сметаат дека на таков суптилен и заобиколен начин, раководството се опкружува и трупа свои луѓе, кои не се непосредно избрани. На таа бројка го додаваат и контингентот од 15-20 претседатели на Централни комисии, како и цели тимови (претседател, секретар и 9 членови од ИК на трите Унии (млади жени, ветерани).

Како доказ дека базата е најмалку застапена, го посочуваат фактот дека за првпат членови во ЦК се само претседателите на ОК, за разлика досега кога имало и по три-четири членови од Општинските комитети.

Покрај тоа, во работата на ЦК, на покана на претседавачот, без право на глас може да учествуваат сите членови на ИК на трите Унии, но не и пратениците! Во реакциите до БИРН, членството потенцира дека пратениците се омаловажени и по друга основа. Иако се избрани на непосредни избори директно од граѓаните, тие самите не ќе можат да си изберат ни координатор, ни заменик-координатори на пратеничката група. Според членот 69, нив ќе ги избира Извршниот комитет, по предлог на претседателот на партијата. Во истиот член се вели и дека „Работата на пратеничката група се регулира со Деловник за работа донесен од Централниот комитет, на предлог на Извршниот комитет“.

Судот на партијата не дозволува правни лекови  

[caption id="attachment_23533" align="aligncenter" width="2000"] Во реакциите до БИРН, членството потенцира дека пратениците се омаловажени по повеќе основи Фото: Роберт Атанасовски[/caption]

Новина во предлог-статутот е партискиот Суд на честа, кој ќе одлучува во втор степен по жалба на ОК и на ИК на партијата за изрекување дисциплински мерки.

Нашите соговорници реагираат и на терминологијата, според која во Судот на честа има претседател и четири „судии“, сите со мандат од четири години. Според член 57, „Судот суди во судски совет, при што за да работи и одлучува е потребно мнозинство од вкупниот број судии“, а „одлуките се конечни и против истите не се дозволени правни лекови“.

„Па, на редовен суд да одиш, имаш уште неколку инстанци да се жалиш. Само партискиот суд на нашата ‘демократска партија’ не го дозволува тоа“, реагираат од Општински комитети.

Втора новина е Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, кој заедно со Советот на интелектуалците, се две тела што треба „да ги застапуваат и шират идеите на партијата во своите подрачја на дејствување и да ги афирмираат интересите на целните групи во политиката на партијата“.

„Извршниот комитет на партијата ги избира претседателите на Патриотскиот институт и Советот на интелектуалци, по предлог на претседателот на партија“, се вели во членот 66 од предлог-статутот.

„Врти-сучи, сѐ се избира на предлог на претседателот. Патем, не се дозволува ни Општинските комитети сами да си го изберат раководството, туку со мала инверзија, на крајот пак ИК им го избира. Бројот на членови од ОК во органите на партијата сега драматично ќе се намали. Ако е тоа промена, тогаш е лоша промена“, коментираат нашите соговорници.

Од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека ќе почекаат да стигнат сите забелешки. Велат, дека целта им е да добијат најдемократски партиски статут. Според сегашните реакции, сѐ уште се многу далеку од целта.