Интервјуа

Димитровски: Мора да измериме колку вреди центарот

Генералниот секретар на ДС најавува здружена коалиција на помали партии

Политичкиот плурализам во Македонија, за кратко време по независноста, се претвори во двопартиски систем со силна поларизација меѓу спротивставените блокови. Иако овој систем беше одвреме-навреме предизвикуван од некаков трет пат, односно од „неврзани“ партии што освојуваа значителен број гласови, сепак политиките на поделби што се водеа долго време создаваа силен притисок да се избере страна, па третите опции беа истуркувани кон лево или кон десно.

Така се создадоа големите коалиции со по една централна (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) и поголем број сателитски партии, кои се главно обележје на политичката сцена веќе дваесетина години.

Неколку околности во последниве години навестуваат можни промени на овој политички амбиент. Големите партии остваруваат сѐ послаби резултати, една трета партија, Левица, подолго време е во подем, па тоа предизвика нов куриозитет – мотивираше дел од помалите партии во владејачката коалиција да се „одврзат“ додека сѐ уште се на власт, за да настапат самостојно на локалните избори.

Зоран Димитровски, генералниот секретар на Демократскиот сојуз и заменик-министер за локална самоуправа, во интервју за БИРН најавува дека наскоро ќе ја официјализираат коалицијата со Либерално-демократската партија (ЛДП) и со Демократска обнова на Македонија (ДОМ), со која ќе излезат со советнички листи во шеесетина општини и со кандидати за градоначалници во повеќето градски центри.

Бројките им велат дека треба да се обидат. Димитровски објаснува дека двете големи политички структури изгубиле по пет отсто од своите поддржувачи. Порано на анкетите имале поддршка од 21 или 22 отсто, а на последната анкета на ИРИ 17 отсто.

„Десетина проценти веќе не се расположени да гласаат за нив. Потоа, факт е дека Левица има раст, но делот од граѓанското гласачко тело што не е за радикални политики не ја препознава Левица како опција“, вели Димитровски.

Неговата партија и соработниците направиле и свое истражување што покажало дека 12-13 отсто од граѓаните би поддржале обединување на центарот во поголем сојуз.

„Тоа не значи дека ние би освоиле толку гласови, но е потенцијал, кој ќе видиме колку ќе се оствари“, нагласува Димитровски.

Ако уште еднаш отидеме со големите – нема да постоиме

Шансата да се искористи политичкиот простор што сега изгледа празен не е единствениот мотив што ги носи овие партии надвор од коалицијата. Третманот внатре е втората, често поважна причина.

„Големите партии прават притисок врз вашите членови да ја напуштат вашата мала партија и да им се придружат. На некој начин ги корумпираат, им даваат подобри места, за да замре вашата активност на локално ниво“, вели Димитровски.

Оваа пракса, како што додава, била покарактеристична за времето кога ВМРО-ДПМНЕ била на власт.

Со СДСМ, искуството било поинакво, но не и подобро. Сегашната владејачка партија, како што вели, ги маргинализира помалите партнери, не води сметка за нивните интереси и се обидува да ги претопи во својата приказна. Дури не го исполнувала тоа што го договарале како функционерски колач.

„Ако сте договориле десет позиции, ќе добиете три. И ќе ве влечат долго време за четвртата, петтата, па ви велат да бидете во служба на некаков си поголем интерес, а гледаме дека и оваа власт, како и претходната, вработува голем дел од своето членство“.

Како карактеристичен пример ја спомена Крива Паланка, за каде што вели дека луѓе од СДСМ се фалеле дека оттаму биле вработени или згрижени 600-700 нивни членови, додека помалите коалициски партнери не добивале ништо.

„Вашите членови ви велат – па како сме ние на власт кога немаме никаков раководител, на ниедна институција, во ниедна средина. Затоа единствениот начин да направите нешто е ако на избори се обидете да настапите сами, односно во сојуз со други помали партии од центарот, бидејќи фрагментацијата од порано е голема и малите партии сами немаат шанса“, вели Димитровски.

Демократскиот сојуз, последен пат самостојно на избори настапи во 2016 година, односно заедно со помали политички движења, и освои околу 10 илјади гласови. ЛДП последен пат се тестираше во 2011 година и доби над 16 илјади гласови, а ДОМ немаат самостоен настап уште од 2006 година, кога со 17 илјади освоени гласови добија едно пратеничко место.

Димитровски се сеќава дека своевремено третиот пат или центарот вредел 70-80 илјади гласови, во поново време 20 до 30 илјади гласови, и смета дека сега е време повторно да се измери неговата тежина. Самиот е свесен дека партиите влегуваат во ризик, но вели дека мора да си го оправдаат постоењето на политичката сцена.

„Нашиот став е дека нема да постоиме како политички партии ако одиме уште еднаш заедно во коалиција со големите“, нагласува тој.

 Ако сме премногу слаби, зошто не воведат една изборна единица?

ВМРО-ДПМНЕ ги испразнуваше, СДСМ ги маргинализира помалите партии, вели Димитровски | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Да се биде во коалиција со поголем партнер значи често да се размислува или да се отвора дебатата кој кому повеќе му помага. Големите велат – малите не би опстанале без нивната поддршка, не би можеле да го поминат изборниот праг, да освојат места во парламентот, да се изборат за јавни функции како министерски места итн. Малите, пак, сметаат дека нивната додадена вредност е клучна за големата партија во коалицијата да дојде до изборна победа и бараат да бидат соодветно вреднувани за својата улога.

„Големите партии не можат да сметаат на самостојна победа во Македонија“, вели нашиот соговорник.

Според него, искуството на ВМРО-ДПМНЕ од последните парламентарни избори во 2020 година го покажало токму тоа. За разлика од СДСМ, опозицијата реши да оди со мал број коалициски партии – ГРОМ, Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите.

„Тоа ги чинеше губење на изборите. Можеа токму тие 10, 20, 30 илјади гласови да им донесат победа или нерешен резултат“, додава тој.

Особено вредат помалите партии поврзани со специфични групи на населението, специфични интереси (животна средина, борба против корупцијата, млади) или партии што регионално се добро позиционирани и што може да направат клучна разлика во некоја од шесте изборни единици.

Во многу политички анализи и дебати досега било заклучено дека една од главните причини што ги турка малите партии во скутот на големите е изборниот модел со шест изборни единици, расцепканост на гласовите и Донтовиот модел на распределба, што ги фаворизира големите партии.

Еден од показателите, според Димитровски, дека големите партии се свесни за потенцијалот на малите и не сакаат да им овозможат подобри услови за работа е одолжувањето на реформата за спојување на сите изборни единици во една.

„Ние баравме тоа да се случи веднаш по изборите, во првите три месеци, бидејќи тоа е најдобриот период за таква промена. Затоа и поднесовме предлог-закон во Собранието. Но, и покрај поддршката на СДСМ, ДУИ е против, а ВМРО-ДПМНЕ го условува тоа со прифаќање на нивниот предлог за избор на градоначалници во првиот изборен круг“, вели Димитровски.

Смета дека е недоволно искрена поддршката од коалицискиот партнер СДСМ за оваа реформа, која многупати беше најавена и од премиерот Зоран Заев, дури и дадена како предизборно ветување. Вели – реторички партијата е за тоа, но во суштина не се труди доволно да го спроведе.

„Ако сте навистина за реформата, ако сте ја ветиле како ваш предлог, треба да инсистирате на неа. Како што за други работи се инсистира и тие се донесуваат. А вака – нема компромис, и толку. Сите големи партии бараат некаков компромис, но во суштина не сакаат да го усвојат тоа“, вели Димитровски.

Со сегашниот модел, останува принципот „заедно сме посилни“, но кога тоа обединување се врши околу голема партија, некои членки на коалицијата секогаш ќе бидат „поеднакви од другите“. Поради тоа, Димитровски вели дека соработката што сега ќе ја почнат со ЛДП и со ДОМ, како и со други партнери што би им се придружиле (партии, граѓански здруженија и иницијативи), може да ја продолжат и на следните парламентарни избори.

Ќе ги криеме кандидатите за да ги заштитиме од притисоци

Изборниот натпревар во Македонија е трка во која едни натпреварувачи добиваат чиста патека од 100 метри, а други, особено помалите, најмалку 200 метри со пречки.

Има различни пречки, како на пример неможноста на помалите да обезбедат набљудувачи на секое избирачко место. За тоа би им биле потребни околу шест илјади луѓе. Како што вели Димитровски, во тие услови не може да знаат дали ќе им се преброи секое ливче.

„Не можете да го контролирате тоа. Треба да отворате кутија по кутија и да имате докази. Досега не е направено ниедно сериозно пребројување во Државната изборна комисија. Само некаде локално, каде што имало многу големи сомневања“, додава тој.

Втората пречка е медиумското време. Сите помали партии и вонпарламентарни партии имаат на располагање две минути за бесплатно телевизиско претставување. Не секоја по толку, туку сите заедно го делат тој простор, додека големите имаат многукратно поголемо присуство платено со народни пари. Им останува само просторот на интернет, кој треба самите да си го платат.

Во аналогијата со атлетски натпревар, третата пречка во изборната трка не би била статична дрвена рамка што само треба да се прескокне, туку човек што се обидува со сила да ги истурка натпреварувачите од теренот. Тоа е особено присутно на локално ниво, вели Димитровски. Поради тоа, иако веќе размислувале и за имиња за кандидати за градоначалници и за советници и имале неколку начелни предлози, (дел партиски, дел граѓански кадри), одлучиле да не ги откриваат додека дојде рокот за да се објават, за да ги заштитат од притисоци.

„Во локалната средина, некој од поголемата партија на власт може да ви рече – еј, сега ти ќе бидеш кандидат, а ние те вработивме, ти ја вработивме снаата, зошто сега одиш против нас итн. Многу бргу може да се откажат некои луѓе. Постојано се прави таков притисок – што барате да одите сами, ние ве финансираме и ве одржуваме во живот. А ниту нѐ финансираат, ниту нѐ одржуваат во живот“, истакнува Димитровски.

Можностите за ново парламентарно мнозинство – илузија

И покрај несогласувањата, нема да ја променат коалицијата | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Социјалдемократскиот сојуз, како носечка партија во владејачката коалиција, засега воздржано ги прима информациите за делумното отцепување на неколку коалициски партнери во пресрет на локалните избори. Надвор од официјалните реакции, на СДСМ не им е сеедно, вели Димитровски, и додава дека потегот го чувствувале како директен напад против нив.

„Ние, сепак, сме различни политички партии. Не сме СДСМ, да бевме, ќе се претопевме до сега. Не го сакаме тоа, зашто сметаме дека можеме различно да ги водиме и локалните и државните политики“, додава тој.

Потсетува дека овие три партии досега повеќепати излегувале со различни ставови од СДСМ во врска со различни теми. Еден од примерите е кога заедно испратија писмо до претседателот Стево Пендаровски да не го потпише законот за легализација на дивоградбите. Имале забелешки, вели, и во врска со борбата против организираниот криминал, и во врска со евроинтеграцискиот процес, и со други теми.

Поради тоа, повремено се прозивани од опозицијата или од про-опозициски чинители дека ако не се задоволни, треба да ја напуштат владејачката коалиција и да предизвикаат владата да падне. Димитровски смета дека работите во една коалиција не може и не треба да се гледаат толку црно-бело.

Како што објаснува, Демократскиот сојуз ќе го почитува коалицискиот договор за парламентарните избори во 2020 година, со кој заеднички настапија, победија и сега треба да ја споделат одговорноста во владеењето. Можно е да ја напуштат коалицијата ако се појават доволно силни причини за тоа, но Димитровски вели дека не е помината ниту цела година од изборите, ниту десет месеци од формирањето на владата, што е премал период за да кажете дека таа целосно го загубила легитимитетот.

„Тоа што го зборува опозицијата е како да сака да ни каже – вие ако сте на власт, треба да молчите и да аплаудирате на сите одлуки, или во спротивно да напуштите. Каква коалиција би била таа“, прашува Димитровски.

Во тој контекст, тој ги нарече илузии најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на други функционери од оваа партија дека е можно создавање ново парламентарно мнозинство со преземање пратеници од владејачката коалиција. Досега никој не им се обратил за разговор на оваа тема, додава, но и да им се обрати, ќе го одбијат тоа принципиелно, бидејќи, како што вели, правењето ново парламентарно мнозинство откако сте победиле со друга коалиција е спротивно на сите морални закони.

„Ако треба да се напушти коалицијата за да се предизвикаат нови парламентарни избори, тоа може да го поддржиме, но ќе зависи од политичкиот момент. За да гласаме против владата, треба да има некоја крупна причина, како напуштање на стратегиските правци, сериозно нарушување на државните интереси во преговорите со Бугарија и слично. Но, никако не би поддржале правење ново парламентарно мнозинство“, нагласува Димитровски.

Обидот за факторизација на помалите партии што го туркаат сега може да донесе и нивна дефакторизација, ако изборниот резултат им е слаб. Можно е и тој и министерот за локална самоуправа, лидерот на ЛДП, Горан Милевски, во иднина да немаат пристап до функционерски кабинети како тие во кои седат сега, на вториот кат од поранешната зграда на „Нова Македонија“. Сепак, вели дека е неопходно да го направат тој чекор.

„Мора да имате време кога ќе ви заѕвони алармот и ќе се прашате – кој е вашиот легитимитет. И големите треба да се прашаат тоа. Мора да знаеме колку вредиме“, заклучува Димитровски.