Секторот за комуникација со стратешките партнери е лоциран како „алката што направила пропуст“ во системот на Агенцијата за национална безбедност и со тоа украинско-рускиот бизнисмен со украинска потерница и американски санкции помина низ македонските разузнавачи и стигна до македонски пасош.
Ова го обелодени директорот на АНБ, Виктор Димовски, една недела откако БИРН откри дека Олександр Онишченко добил македонско државјанство, со позитивно мислење и од агенцијата.
„Кога влеговме да анализираме, констатиравме дека ова ниво што требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, направило одобрение, но потпишало дека не постои безбедносен ризик без да го направи последниот чекор, односно консултација со партнерите во рамките на НАТО“, рече Димовски по седницата на собраниската комисија што врши надзор врз работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање.
Тој појаснуваше дека кога некој бара македонско државјанство, тоа поминува низ секторите за контраразузнавање, за спротивставување на тероризам и насилен екстремизам и за заштита на виталните економски интереси. Кога се работи за апликант од држава што не е членка на НАТО, барањето оди и во четвртиот сектор, за стратешка соработка, кој треба да направи проверки врз основа на свои евиденции и врз основа на комуникација со стратешките партнери во НАТО алијансата. Токму тука е лоцирана одговорноста.
„Останува уште да утврдиме дали се работи за пропуст или се работи за намера, или се работи за некаков лукративен интерес, ништо од ова не е исклучено и мој прв интерес е тоа да го откриеме“
Сѐ уште не е јасно со каква одговорност ќе се соочи „лицето и евентуално другите инволвирани“, но можно е таа да заврши со„ дисциплинска, со кривична или со каква било одговорност“.
Пред оваа изјава досега, сите функционери повторуваа дека за Онишченко четири инстанци дале позитивно мислење.
Од кругот на ваквите повторувања, прв излезе претседателот Стево Пендаровски, кој синоќа за ТВ 24 кажа дека е во тек истрага во Агенцијата за национална безбедност.
И додека најчесто повикуваните во јавноста за одговори, како на пример министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, или, пак, премиерот Димитар Ковачевски одбегнуваа да зборуваат за меѓународните последици од ваквиот потег, Пендаровски откри и дека „имало реакција од Америка“ за тоа „како е можно ова да се случи“.
Како што откри БИРН, Онишченко, покрај тоа што е на листата санкционирани личности во Соединетите Американски Држави поради мешање во американските претседателски избори, сѐ уште е баран и од Украина.
Киев од 2016 година има распишано потерница за него поради тоа што е осомничен дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.
Во таа шема за искористување на државните пари биле вклучени над дваесет луѓе, а Онишченко тогаш бил заменик-претседател на комисијата за енергенси во украинскиот парламент.
На потерницата, која сѐ уште е активна, на страница на украинското Министерство за внатрешни работи, тој се бара како „лице што се крие пред судските истражни органи“.
„Сѐ уште не е јасно со каква одговорност ќе се соочи „лицето и евентуално другите инволвирани“
Потерницата следува веднаш по неговата одлука да ја напушти Украина откако Антикорупциската комисија ја поведува истрагата. Со тоа завршува и неговата политичка кариера во земјата, во која еднаш беше пратеник од партијата на прорускиот поранешен претседател Виктор Јанукович, а потоа како независен.
Од тогаш Онишченко се концентрира само на бизнис-кариерата и на спортот – еквестријан (коњички скокови). Најдолго време е во Германија, која во мај 2020 година одлучи да не го екстрадира во матичната земја. Таму Онишченко е сопственик и директор на фирмата „Гут Еинхаус Лиегеншафт“ ГМБХ, која е регистрирана во 2013 година, кога тој сѐ уште беше пратеник во украинскиот парламент.
На почетокот, фирмата е регистрирана од други лица, а првпат како акционер во компанијата тој се јавува во 2017 година, со документи од Шпанија, каде што веќе се наоѓа во бегство. Последната промена е во мај годинава, кога тој е впишан и како директор.
За македонскиот весник „Слободен печат“, Онишченко споделил документ издаден во јуни 2022 година, за кој тврди дека е лична карта, но, всушност, се работи за дозвола за престој без право на работа.
Речиси истиот период, македонската влада на отворена седница, на 31 мај 2022 година одлучи да му даде државјанство. Процедурата во институциите ја терал со руското државјанство.
Официјално ја почнал во февруари 2021 година, ги добил позитивните мислења од матичната федерација за коњички спортови, Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и спорт и на крај, повеќе од една година подоцна од другите, на трети мај 2022 година, позитивно мислење дала и Агенцијата за национална безбедност.