Извештај

Обвинителите избираат шеф на најмоќното Обвинителство во земјава

До вечер би требало да се знае кој ќе раководи со ОЈО – ГОКК

„Седма сила, нема што“. Ова беа зборовите на скопскиот јавен обвинител Јован Цветановски, кој насмеано ги прокоментира десетината сниматели и фоторепортери што во тесната канцеларија се обидуваа да го снимаат гласањето за избор на шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Обвинителот Цветановски, кого јавноста го памети како виш обвинител за случајот „Поткуп“ пред Апелациониот суд, во кој обвинет и ослободен беше екс премиерот Зоран Заев, со две стручни соработнички сочинуваат една од петте изборни комисии низ државава што ги пречекува обвинителите за подрачјето на вишото јавно обвинителство Скопје.

Се избира третиот шеф на најмоќното Обвинителство во земјата, по Јован Илиевски и Вилма Русковска, која бара втор мандат.

Гласачкото време е нешто пократко од политичките избори, од 8 до 16 часот.

Фреквентна „сообраќајница“ денеска е шестиот кат во барокната ротонда на кејот на Вардар.

Со лична карта или со легитимација, членовите на избирачката комисија ги пронаоѓаат обвинителите во списокот, по што им даваат избирачко ливче и ги упатуваат зад картонскиот параван каде што го заокружуваат името на кандидатот.

Кандидатската листа на влезот од „избирачкото“ место | Фото: БИРН

Обвинителите не се првпат избирачи во рамки на обвинителскиот систем. Тие редовно, со години ги избираат членовите на Советот на јавни обвинители. Сепак, ова е првпат да избираат шеф на институција.

„Сега колегите обвинители имаат потешка одговорност“, рече Цветановски пред новинарите.

На новинарско прашање како ќе се спроведува гласањето кога за тоа нема посебен правилник, Цветановски ја одбрани постапката, велејќи дека има еден член во постојниот Деловник на Советот на обвинители, а за гласањето важат истите правила како кога се избира член на Советот на јавни обвинители.

Како ќе утврди комисијата неважечко ливче, Цветановски самоуверено рече „Се знае кое ливче може да биде неважечко“.

На избирачката кутија, стандарден декор како и на сите политички избори: кандидатската листа и македонското знаме.

А на листата за гласање се четири имиња: кандидатот број еден е шефот на гостиварското обвинителство Ислам Абази, потоа заменикот на шефот на Скопското обвинителство, Ермон Незири, како и вишата обвинителка Деса Пауновска и суспендираната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

На избирачкиот список за подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје има 91 обвинител, од 160 обвинители, колку што вкупно имаат право на глас. Тоа значи дека ова обвинителско апелациско подрачје по број на обвинители е пресудно за изборот на обвинител за гонење организиран криминал и корупција.

Впечатокот на новинарите и снимателите е дека обвинителите не сакаат да се снимаат додека гласаат.

До девет часот гласаа и обвинителите Артан Ајро и Катерина Коларевиќ за шеф на обвинителството од каде што самите доаѓаат.

По нив дојде и вршителот на должност шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Трајче Пеливанов, кој привремено ја наследи Вилма Русковска.

Потоа се појави скопскиот виш јавен обвинител Дилавер Бектеши.

Без цензус

Избирачката кутија во Вишото јавно обвинителство Скопје | Фото: БИРН

На овие избори не постои изборен праг или цензус. Правилото е едноставно: За шеф ќе биде избран еден од четворицата кандидати што ќе освои најголем број гласови, макар и само со еден глас повеќе од другиот кандидат.

Сево ова го пропишува новиот Закон за јавното обвинителство, кој одвај и со многу натегања помина во Собранието.

Впечатокот на обвинителите со кои разговараше БИРН е дека изборниот процес има недостатоци, во смисла на регулирање на постапката за дистрибуција на програмата за работа, организирање претставување на кандидатите и слично.

Јавноста, која во случајов не гласа, имаше можност да проследи две медиумски дебати меѓу тројца од четворицата кандидати за обвинители, кои говореа за тоа кои се нивните замисли и визии за работата на оваа исклучително важна институција.

Обвинителскиот избирачки список | Фото: БИРН

Двајцата обвинители Незири и Пауновска сметаа дека треба да понудат програма, а Русковска ценеше дека нема потреба да пишува програма, бидејќи, како што рече, најсилен аргумент е нејзината работа.

Обвинителите со кои разговараше БИРН велат дека воопшто не добиле програма од кандидатите.

По затворањето на избирачките места, Советот на јавните обвинители треба да ги пречека записниците од сите четири апелациски подрачја и на јавна седница вечерва треба да соопшти кој ќе ја предводи институцијата во следните четири години.

Советот на јавните обвинители, огласот за избор на обвинители го распиша на 15 септември, односно два месеца пред да ѝ истече мандатот на Русковска.

На изборот првично се пријавија петмина кандидати, но една кандидатка се повлече.