Денешната технологија овозможува со голема леснотија да се создадат и со невидена брзина да се шират лажни, но прилично убедливи фотографии и видеа со порнографска и еротска содржина. Впрочем, годинава во соседството се срамотеа девојки и жени преку телеграм-групи, каде што се споделуваа таканаречени дипфејк-фотографии.
Трендот што надоаѓа е застрашувачки и заканувачки, додека технологијата напредува со исклучително брзо темпо. Во Македонија, обвинителството дури сега подготвува дополнување на Кривичниот законик што ќе ја опфати злоупотребата на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално-експлицитна содржина.
„Ваквиот предлог-законски член, Јавното обвинителство ќе го достави до Министерството за правда“, велат од Основното јавно обвинителство за БИРН, коментирајќи дека постојната легислатива не е доволна за адекватно казнување на сите кривични дела од овој тип.
Во меѓувреме, луѓето стравуваат дека некој може да им ги злоупотреби личните фотографии. Така се изјаснија мнозинството од неколку десетици што одговорија на прашалникот на БИРН, на кој можеше анонимно да се сподели искуство.
„Соблекување“ на фотографии
На почетокот на годинава се отвори телеграм-група, во која се споделуваа експлицитни фотографии и видеа од жени и девојки без нивна согласност. Групата со име „АлбКингс“ стигна до 120.000 членови, најмногу од Албанија и Косово, но и од Македонија и од други држави низ Европа.
Тоа што беше различно од другите групи беше користењето на вештачката интелигенција. Дипфејк содржините што се праќаа во „АлбКингс“ беа исклучиво со сексуална или со порнографска содржина.
Одредени членови од групата заработија со тоа што нудеа да направат експлицитни содржини преку апликации што ги „соблекуваат“ фотографиите. Потоа тие лажни порнографски содржини масовно беа споделувани од членовите на групата.
Групата се затвораше и се отвараше неколкупати. Во тој период „никна“ и нова група со речиси 50.000 членови. БИРН успеа да влезе во неа и со недели ги следеше активностите.
Во новата група се бараа броеви и фотографии од девојки и од жени од Тетово, Кичево, Куманово и од Скопје. Тие не таргетираа конкретни жртви, туку општо бараа информации за девојки во нивна близина.
Но, во периодот додека БИРН ги следеше содржините во групата не беа испратени слики од девојки од нашата држава.
На крајот од мај годинава се затвори целосно, а во Косово беа уапсени седум администратори на групата за кривичното дело кражба на идентитет.
Повеќето сторители во „АлбКингс“ останаа неказнети, а администраторите се гонат за злоупотреба на лични податоци. Токму тоа, граѓанските организации често го посочуваат како проблем за ваквите случаи.
„Во моментов, Македонија нема специфично законодавство што го регулира сексуалното насилство преку слики, тоа е само делумно и случајно покриено во други норми, како што е злоупотреба на лични податоци или неовластено снимање“, изјави за БИРН, истражувачката Мартина Драгановска Мартинова.
Пример за тоа е предметот против шестмина малолетници од Кавадарци, кој се покрена годинава во февруари. Сторителите презеле фотографии од социјалните мрежи на нивните соученички, со кои направиле фотомонтажи, кои ги споделувале со цел да ги навредуваат, исмеваат и да го нарушат угледот на жртвите.
За нив постапката се води според кривичното дело Злоупотреба на личните податоци, што се казнува со парична казна или со затвор до една година.
Загрижени и беспомошни
Иако од Министерството за внатрешни работи, за БИРН, изјавија дека досега немаат евидентирано случај на дипфејк порнографија, веќе документираните случаи низ Балканот ги загрижуваат граѓаните.
За да истражиме колку е присутен овој страв и како влијае тоа врз однесувањето на интернет, БИРН спроведе прашалник на кој анонимно можеа да се споделат искуства.
Повеќето од анкетираните стравуваат дека некој може да ги злоупотреби нивните лични фотографии што ги објавуваат на интернет и заради тоа го промениле своето однесување онлајн.
Многумина велат дека поретко објавуваат фотографии, а некои го ограничиле пристапот до нивните профили или ги избришале профилите на одредени социјални мрежи.
МВР има процедура за пријавување
Од полицијата посочуваат дека насилството може да се пријави во полициска станица или онлајн преку Секторот за компјутерски криминал преку официјалниот имејл [email protected] или на онлајн-платформата црвено копче – ‘Red button’ на веб-страницата на МВР. Тие потенцираат дека кога се врши ваква пријава, освен скриншотови, треба да им се испрати и оригиналниот линк каде што се извршила злоупотребата.
„Одлучив да ги направам профилите приватни, особено Инстаграм, зашто таму споделувам повеќе слики за мојот приватен живот. Бидејќи имам и ќерка, не сакав кој било да има пристап до сликите што ги објавувам од неа, но и од мене или од мојата поширока фамилија или другарки“, кажа Марта Стевковска од Скопје за БИРН.
Таа објаснува дека почнала да стравува за својата безбедност на интернет по појавувањето на телеграм-групата „Јавна соба“, во која, освен експлицитни содржини, се споделуваа и приватни броеви и профили на социјалните мрежи.
Кога повеќе мажи истовремено ќе ја заследеле Стевковска на нејзините профили, прва помисла ѝ била дека некој ги злоупотребил нејзините лични податоци или фотографии. Затоа, сега профилите ѝ се затворени.
Во случајот за „Јавна соба“, групата која во 2021 година броеше над 6.500 членови, обвинителни акти беа покренати само против неколкумина, a креаторот и администраторот на групата добија четиригодишни затворски казни поради производство и дистрибуција на детска порнографија.
Бидејќи најголемиот дел од жртвите не добија правда во Македонија, адвокатката Наташа Бошкова, за БИРН, изјави дека таа застапува две жртви од „Јавна соба“ на Европскиот суд за човекови права.
Случајот со „Јавна соба“ ние го славиме како победа, но тоа не е така, бидејќи сите информации и слики од полнолетните жртви не беа соодветно земени предвид, вели Сара Миленковска, истражувачка и коосновачка на организацијата „Стела Мрежа“.
Бавни процедури и слаба верба во институциите
Најчесто жртви на овој вид насилство се жени, меѓутоа БИРН доби одговори и од повеќе мажи. Поради стигмата за ваков вид насилство, тие не се чувствуваа удобно да ги споделат јавно своите приказни.
Еден маж сподели дека неговиот фејсбук-профил бил хакиран и од таму непознат сторител му споделувал еротски содржини од жени. Го пријавил случајот во полиција и во Агенцијата за заштита на личните податоци по што профилот бил затворен.
Од тогаш тој не ја користи оваа социјална мрежа поради стравот дека тоа може да му се случи пак. Вели дека ваквите ситуации имаат социјални последици и дека може да ги расипат меѓучовечките односи.
Во друг случај, друг маж што одговори на прашалникот раскажа дека преку апликацијата Редит се запознал со некој онлајн. Тие потоа разменувале фотографии на Ватсап, со кои потоа бил уценуван дека ќе бидат испратени до неговите пријатели ако тој не испрати 500 долари.
„Не платив и ги исклучив моите профили 3-4 месеци. Операциите им се во странство, така што немаше логика да пријавам во МВР“, напиша тој.
Граѓанските организации и институциите посочуваат дека дополнителен проблем е што големите социјални мрежи и апликациите како Телеграм, секогаш не соработуваат со надлежните органи.
„Ова насилство може да се одвива во повеќе јурисдикции и со тоа се усложнува задачата за да се утврди кој е одговорен за гонење и санкционирање на сторителите“, обjаснува истражувачката Драгановска-Мартинова.
Проблемот што го посочуваат граѓанските организации е што вработените во институциите се често недоволно сензибилизирани за оваа проблематика и недостасува брза реакција од нивна страна.
„Генералниот впечаток е дека институциите што се надлежни да постапуваат, работат бавно, не се сензитивни за родовата перспектива на кривичното дело и во таа смисла не ѝ обезбедуваат соодветна помош и поддршка на жртвата и процесна заштита во текот на постапката“, вели за БИРН, адвокатката Наташа Бошкова.
Односно, институциите секогаш не ги препознаваат овие дела како вид сексуално насилство и жртвите, кои се најчесто жени, не се заштитени.
Бошкова има застапувано токму жртви на ваков вид насилство и вели дека за еден нејзин случај, обвинителството, по три години истрага, донело решение дека нема докази да покрене судска постапка за казнување на сторителот.
Ваквите предмети, пак, некогаш се преземени и од други институции, како што е Агенцијата за заштита на личните податоци.
Затоа ваквите комплицирани процедури, кои често инволвираат повеќе институции, може да ги обесхрабрат жртвите, а во меѓувреме и да им создадат простор на сторителите повторно да ја виктимизираат жртвата.
„Додека жртвите чекаат одредена разрешница, тие живеат во страв кој е следниот чекор на нивните насилници. Тие знаат дека, за жал, сите работи остануваат на интернет и насилството не завршува, туку продолжува во дигиталниот свет“, заклучува истражувачката Миленковска.
По притисокот на јавноста поради случајот „Јавна соба“, во февруари 2023 година стапи во сила новото кривично дело „демнење“, преку кое може да се гонат сторителите на дигитално сексуално насилство.
Од тогаш, МВР вели дека имало регистрирано само 17 кривични дела на „демнење“ извршени преку интернет, а кривично се пријавени 13 сторители.